Добриот парфем носи безброј бенефиции, почнувајќи од тоа што ве прави поатрактивни и попривлечни, до тоа што ви помага да чувствувате помалку стрес и да имате поголема самодоверба. Сепак, и покрај тоа речиси 80 проценти од мажите не носат мирис на себе на секојдневно ниво. Причината за тоа веројатно е недостатокот на информации. Повеќето мажи кои користат тоалетни и колонски води и парфеми го прават тоа бидејќи имале пример кој ги навел на тоа. Исто така, оваа индустрија се чини како женска во перцепцијата кај повеќето мажи. Не треба да се исклучи ниту стравот од прекумерно користење на мирисите и последиците кои можат да делуваат на нашата репутација.

Мирисот е најмоќното сетило

За среќа, постои начин како да ги разберете мирисите и како да ги носите. Носењето мирис на себе не само што ќе ја зголеми вашата привлечност, туку ќе влијае и на вашата самодоверба со дамите исто така. Ова не е мит, убавиот мирис ќе ве направи поатрактивни кај понежниот пол, бидејќи тоа е една од најважните и најмоќните работи кај жените при изборот на маж. Освен тоа, дамите имаат поизострено чувство за мирис.

Мирисот може да поттикне подлабока емотивна поврзаност меѓу луѓето. Мирисот е најсилното сетило кај луѓето. Всушност мирисот е 150.000 пати помоќен од видот и е способен да детектира преку билион уникатни мириси. Мирисот исто така ја активира меморијата подобро од било кое друго сетило. Убавиот парфем или било каков друг мирис влијае врз вашиот целокупен впечаток кој го оставате. Јасно е дека добрата облека ја зголемува самодовербата, а носењето на убав мирис го засилува тоа чувство.

Зошто треба да носите парфем/мирис

Но, што претставуваат мирисите? Мирисите се комплексна мешавина од она што луѓето во парфемиската индустрија го нарекуваат сирови материјали. Овие материјали можат да бидат екстракти од природни извори или синтетички сирови материјали. Парфемските масла најчесто се раствараат во алкохол за да се зачува пријатната концентрација на мириси. Повисока концентрација на масла значи и посилен мирис. Силата на мирисот одредува колку долго трае апликацијата на вашата кожа.

Треба да се напомене дека секој мирис се чувствува различно кај секој човек. Оттаму неизвесноста и сложеноста која ги заплашува мажите, но ако на ова гледате како процес на истражување, тогаш може да биде навистина интересно и пријатно патување.

Која е разликата меѓу мирисот, парфемот, тоалетната и колонската вода?

Мирисот е генерален термин кој се користи за парфем. Пристигнува во голем број форми и има различни имиња, но генерално поделбата е следна:

Eau Fraiche: Најразредената верзија на мирис, обично со 1 до 3 проценти парфемско масло во алкохол и вода. Обично трае помалку од еден час.
Eau de Cologne: Најстара форма на парфем, најчесто се користи и се поистоветува со машките мириси. Лесен, свеж и овошен, обично составен од 2 до 4 проценти парфемирани масла во алкохол и вода. Најчесто се користи после бричење, а има тенденција да се користи во мирисите кај помладите мажи. Обично трае околу 2 часа.
Eau de Toilette: Лесен спреј кој е композиција на 5 до 15 проценти чисто парфемирана есенција растворена во алкохол. Најчесто трае околу три часа.
Eau de Parfum: Историски „унисекс“ термин кој се користи за опишување на продукти и за мажи и за жени и е најдобар термин за опишување на мирис. Содржи 15-20 проценти чиста парфемска есенција и трае од 5 до 8 часа.
Parfum: Најконцентрираниот и најскапиот мирис од сите наведени. Со нешто поголема доза на парфемирано масло, парфемот користи 20 до 30 проценти чист парфемска есенција. Едно нанесување може да трае и до 24 часа.

Животниот циклус на мирисите

Мирисите имаат триделен животен циклус. Секој од трите секции содржи индивидуални мириси или ноти, кои се споени заедно во тоа што го мирисате. Постојат три различни типови на ноти кои го создаваат мирисот на повеќето парфеми, колонски и тоалетни води – високи, средни и базични ноти.

Високи ноти: Високите ноти се иницијални, полесни миризби на мирисите кои стигнуваат до вашиот нос веднаш по новото нанесување на вашата кожа. Високите ноти траат од 15 минути до 2 часа. Типичните високи ноти се различни лесни цветни миризби, цитрон, овошни мириси, прашкасти мириси, водни нијанси, како и зачини како што е циметот.
Средни ноти: Средните ноти исто така се наведени како средни или срцеви ноти. Средната нота го означува главниот елемент на мирисот. Средните ноти се активираат откако високата нота ќе избледе и може да трае 3 до 5 часа по нанесувањето. Ова е во прилог на високите ноти бидејќи тие се надградуваат едни од други. Средните ноти најчесто вклучуваат потешки цветни мириси како јасмин или зелени мириси како трева. Тука може да се појават и зачинските мириси како цимет или каранфилче, заедно со овошните мириси…
Базични ноти: Последните што се развиваат, овие миризби често се похрабрите ноти на мирисот кои стануваат позабележливи подоцна во текот на денот. Базичните ноти ја поставуваат основата и утврдуваат колку долго ќе трае мирисот на вашата кожа. Тие имаат тенденција да траат од 5 до 10 часа. Типични основни ноти се мов, ванила, катран, кожа, чад, тутун и мошус.

Линеарни и нелинеарни мириси

Во прилог можете да погледнете примерок од широкиот распон на миризби кои се достапни. Четирите главни семејства се генерален водич. Како што нотите ќе испаруваат, мирисот ќе се менува, овозможувајќи му на мирисот да еволуира и да стане уште поинтересен. Како еден од белезите на ниско квалитетните мириси е тоа што останува монотон во текот на својот живот. Иако ова не е секогаш случај.

Некои мириси ќе ви мирисаат исто од нанесувањето се додека не го измиете. Овие се наречени линеарни мириси. Другите, наречени нелинеарни, ќе се менуваат и ќе минуваат низ нивоата на ноти со текот на времето. Повеќето квалитетни мириси ќе имаат животен циклус како што е наведено погоре. Честопати, производителите на мириси со пониска цена не инвестираат во оваа комплицирана оркестрација на мириси. Така, еден од најлесните начини да се идентификува евтин парфем е тоа што мириса исто цело време додека се носи.

Сепак, постојат и квалитетни линеарни мириси, бидејќи и тие имаат своја цел. Можеби ќе посакате на работа да имате чист мирис во текот на целиот ден, наместо цитрус кој по ручекот ќе се претвори во мошус или тутун.

Два типа на производи: Дизајнерски и Niche

Дизајнерски мириси се нешто што ќе го видите во повеќето продавници. Овие мириси, направени од компании како Armani, Chanel, Burberry и останатите дизајнерски брендови, чинат меѓу 25 и 150 долари по шише. Овие мириси имаат тенденција да бидат масовно произведувани и се дизајнирани за масовна конзумација. Тие се произведуваат за широка маса и обично „побезбедни“. Тие исто така често се прават од поевтини материјали за да се намалат трошоците и да се овозможи поголемо производство.

Niche мирисите се прават од поскапи и поквалитетни материјали и состојки. Овие парфеми се направени од вистински уметници, направени за поселективни клиенти кои сакаат да носат нешто поуникатно на себе. Овие мириси не секогаш ќе го имаат универзалниот изглед на дизајнерските мириси. Наместо тоа, тие прифаќаат дека не секој ќе ги сака нивните смели миризби. Овие парфеми обично чинат преку 50 долари и можат да достигнат цена од неколку стотици долари.

Цената на парфемите

Повеќе пари не секогаш значи дека мирисот е подобар. Некои од најпопуларните мириси во изминатите 100 години биле релативно евтини формули. Можете да измешате скапи сирови состојки и на крајот да добиете „смрдлив хаос“. Еден од најголемите фактори при одредување на цените е количината на парфемирано масло кое мирисот го користи. Сепак, често се случува да платиме повеќе за маркетиншките трошоци и „имиџот“ кој асоцира на одреден бренд, отколку цената на сировите материјали кои ја сочинуваат миризбата.

Поголемите брендови создаваат парфеми кои се дел наука и дел маркетинг. Тие имаат препознатливо чувство во сите свои парфеми. Ralph Lauren парфемите, на пример, се направени да имаат семејство од препознатливи миризби. Ако некој од нив сте користеле цела декада, најновиот Polo парфем би требало да ви прилега и одговара, иако ја нема истата миризба како онаа на која сте навикнати.

Научните студии предлагаат дека мажите природно можат да го изберат мирисот кој најдобро одговара со нивната природна миризба на телото. Тоа значи дека вие самите сте најдобриот човек кој може да одлучи кој мирис ви одговара. Не дозволувајте другите да избираат наместо вас. Наместо тоа, користете го мислењето на останатите за да ја преиспитате или засилите вашата одлука. Само ако повеќе луѓе ви кажат дека вашиот мирис е лош избор, тогаш ќе треба да пробате нешто друго. Исто така, немојте да купувате на слепо, што често се случува кога купувате парфем по препорака на други без притоа самите да го испробате.

Како да го изберете и купите вистинскиот мирис?

Најдобриот метод за да најдете нов мирис е да тестирате дали парфемот се комплементира со вашиот природен мирис на телото преку целиот ден. Продавниците се идеални за оваа цел, само бидете сигурни дека нема да го купите мирисот се додека не бидете подготвени. Максималниот број на мириси кои можете да ги пробате одеднаш се четири, иако се препорачува само два, по еден на секоја рака, доколку сте почетник во ова.

1. Испрскајте по еден мирис на секој зглоб (и во внатрешноста на секој од лактите доколку испробувате четири мириси).
2. Избегнете ги картичките кои ви ги нудат во продавниците за да ги мириснете парфемите. Тие ви овозможуваат да ги почувствувате само високите ноти, а не како ќе мириса парфемот на вас.
3. Пред да го мириснете секој мирис, освежете го вашиот мирис со нешто силно, како кафе или чај.
4. Обидете се да ги мириснете сите ноти. Како што е објаснето погоре, можете да очекувате тоновите да се менуваат во текот на часовите.
5. Шетајте низ продавници и мирисајте ги мирисите во различни интервали. Пишувајте забелешки на вашиот телефон за тоа зошто некој мирис ви се допаѓа.
6. Купете едно шишенце од парфемот кој најмногу ќе ви се допадне и почнете да го носите мирисот на себе. Носењето на мирис е процес, а не дестинација. Голем број мажи завршуваат со поседување на голем број мириси, па затоа не треба да имате притисок да го изберете совршениот мирис при вашето прво купување.

Како да го сочувате парфемот

Мирисите доаѓаат во голем број различни големини на шишиња, но најчесто варираат од 30 до 100 милилитри, некогаш и во поголеми шишиња. Доколку сте нов при изборот на мириси, купувајте ги помалите шишенца бидејќи ризикот е помал. Не знаете колку често ќе го носите мирисот и вашиот вкус веројатно ќе се промени кога ќе имате шанса да мириснете поинакви миризби.

Мирисите не траат вечно на полиците. Брзите флуктуации на топлина, како оние што ги има во повеќето бањи ќе предизвикаат молекулите на мирисите да се разделат. Сончевата светлина го прави истото. Продолжете го животниот век на вашиот мирис со тоа што ќе го чувате во постудено, темно и суво опкружување. Плакарите од спалните соби се идеалното место.

Сите сме биле во ситуација да се најдеме околу мажи кои носат преголема доза на мирис на себе. Миризбата е огромна и непривлечна. Можете лесно да ја избегнете оваа грешка со тоа што ќе научите како правилно и разумно да го нанесете мирисот.

Правила за нанесување на мирис

Испрскајте парфем на сува кожа, по можност веднаш по туширање. Држете го спрејот од шишенцето 8 до 15 сантиметри оддалечено од вашата кожа кога го нанесувате.
Започнете полека. Доколку сте нов во носењето на мириси, започнете со едно кратко нанесување на вашите гради. Како што ќе станете покомотни и ќе стекнете поголемо знаење за тоа како се носи мирисот правилно, тогаш ќе можете да нанесете уште неколку дози на различни места…
Нанесете го мирисот на топлите места. Топлината на вашето тело ќе го истурка мирисот во текот на денот, креирајќи фина трага од миризба која се нарекува sillage. Започнете со најтоплите делови на вашето тело – градите, вратот, долната вилица, зглобот, подлактицата, внатрешноста на лактот, рамената. Не нанесувате ја сите овие места истовремено – започнете со едно и како што ќе го научите мирисот нанесете на уште 2-3 места.
Нанесете повторно само кога е потребно. Можете да нанесете поголема доза на вашите зглобови, зависно од тоа колку долго мирисот трае. За повеќето ова се однесува за втората половина од денот.
Не ја „убивајте“ нотата. Триењето на парфемот на вашата кожа делува како нормална работа. Во реалноста ова ја раскинува молекуларната врска со што мирисот станува послаб.
Не прскајте во одење. Прскање на мирис во воздухот и одењето низ него е безвредно. Поголемиот дел од мирисот ќе заврши на подот.
Не прскајте мириси на вашите облеки. Во овој случај не е дозволено мирисот да се меша со вашите масла, а како последица на тоа не може природно да мине низ фазите на нотите како што треба. Исто така, маслата во мирисите можат да остават дамка на голем број алишта.
Не се распрскувајте. Доколку нанесувате колонска вода од обично шише, употребете еден прст и притиснете го врз отворот на шишето и превртете го нежно. Нанесете го мирисот на деловите од телото посочени погоре.
Помалку е повеќе. Мирисот треба да биде откриен, а не нагласен. Луѓето кои се блиску до вас треба да бидат во можност да го мириснат вашиот парфем, а не да се „отрујат“.

Заклучок

Како што можеме да видиме, мирисот е всушност нашето најсилно сетило. Поврзано е со нашата меморија и може да развие длабоки конекции со нашите емоции. Носењето мириси е дистинктивен начин за да се изразите над визуелното. Прави да бидете запаметени и создава впечаток. Во оној момент кога ќе најдете мирис со кој се чувствувате пријатно додека го носите и ќе создадете „благодарност“ кон мирисите кои го надополнуваат вашиот природен мирис, ќе бидете на добар пат да го истражувате овој интересен миризлив свет.