Новите времиња си носат нови проблеми. Целодневното „зјапање“ во вашиот мобилен телефон, или пак работењето на компјутер до доцна во ноќта, може да придонесе развивање на синдром на суви очи.

Иако екраните не се единствената причина за проблеми со видот и синдромот на суви очи, тие имаат огромен придонес во тоа, од што страдаат милиони луѓе ширум светот. Карантините исто така воопшто не помогнаа, со тоа што работењето од дома често оди заедно со зголемено време пред екраните. Сепак, за среќа, постојат неколку едноставни начини со кој може да се превентира овој проблем.

Дали некогаш сте почувствувале дека вашите очи се суви? Иако овој симптом сам по себе не значи дека патите од синдром на суви очи, сепак индицира одреден проблем со видот и генерално исто така и дефицит во лачењето на солзи. Ако ова суво чувство е пропратено со скокот, чешање или неудобност во очите или очните капаци се „лепат“ – особено при будење – тогаш речиси сигурно патите од суви очи.

Синдромот на суви очи настанува кога квантитетот и/или квалитетот на солзи е недоволен за подмачкување на очите. Многу причини можат да придонесат за оваа состојба, како што се клима-уредите, загадувањето, носењето контактни леќи и стареењето.

Сепак, нема дилеми дека на сето ова влијае и времето поминато пред екраните, особено со се поголемиот бум на социјалните мрежи и стримањето серии како Netflix. Универзитетот на Ајова неодамна откри дека гледањето во екраните (компјутери, таблети, телевизори, паметни телефони), може да го намали вкупното трепкање за 33 проценти, со што се зголемува ризикот за сушење.

Одморете, проверете ја влажноста

Неколку едноставни работи можат да помогнат во превентирањето или лимитирањето на ризикот за добивање на суви очи. Скратувањето на времето пред екраните би било идеално решение, но со оглед на тоа дека голем број земји се враќаат кон карантините, можеби е пореално да се прифатат некои добри навики кои нема да ве спречат при работењето или учењето од дома.

Прво, добрата поставеност на работата е неопходна. Ова значи дека поставувањето на екранот од компјутерот на најмалку 70 сантиметри оддалеченост од вашето лице и, ако е возможно, под нивото на очите, со цел да не мора постојано да ги држите очите ширум отворени. Следно, направете пауза на секои 20 минути за да гледате во нешто друго и да трепнете со вашите очи неколку пати. Ова исто така е добра идеја кога читате подолг временски период. Можеби делува очигледно, но малкумина од нас всушност имаме пракса да ги одмараме очите.

На страна екраните, добро е почесто да го проветрувате вашиот дом и да одржувате добро ниво на влажност. Обидете се да ги избегнете сите суви провеви како од фен или клима-уред. Бегајте од чадот од цигари исто така. Чешањето на вашите очи или очни капаци треба да се избегне, особено за време на пандемија, со оглед на тоа дека голем број научници сметаат дека ова е потенцијален извор на зараза. Вештачките солзи или очни капки исто така можат да придонесат за избегнување на суви очи.