Мила, тивка и ненаметлива не се собини со кои се прави успешен обид во суровиот свет на модата, но Олгица Ѓоргиева со животна желба и искрена страст, но и многу труд, работа, енергија, храброст, љубов и пожртвуваност во изминативе десетина години ќе успее да се избори за свое препознатливо место на македонската модна сцена.

Како човек и како професионалец, ќе се гради себеси издвојувајќи го својот пат трпеливо, чекор по чекор, реално и фокусирано. Мир со себе е нејзиниот најголем личен успех, но професионалниот се чини допрва доаѓа.

Се сметам за прилично свесна и реална личност и мислам дека секоја фаза од мојот живот ја поминувам многу трезвено и со многу присуство! Јас сум на мојот животен пат и си ја пишувам мојата историја, на мој начин!

ММАГАЗИН: Скоро како по правило, секој кој се занимава со мода го носи тоа како детски сон. Ви ги сликаше ли ваков сон Вашите детски денови?

Одсекогаш! Израснав во занаетчиски фамилии… креативноста беше мое секојдневие! Првите креации за моите кукли, кои ги обожавав, понатаму љубовта кон сликањето, уметноста и креативноста, генерално беа само почеток на тоа што следуваше понатаму!

ММАГАЗИН: Кога и како сонот стана одлука?

Од секогаш живеев со мислата дека знам што ќе бидам! Од секогаш беше тука сонот за мојата реалност! Поради сплет на околности, јас дипломирав како професор по географија!

На денот на моето дипломирање, дипломата им ја подарив на моите родители и им реков ова е за Вас, а сега ќе ми дозволите да се борам за мојот сон!Плашливо, но со верба во себе, уште на самиот ден на моето дипломирање, беше донесена официјалната одлука да започнам со приказната „ГО”.

Олгица Ѓоргиева

ММАГАЗИН: Од оваа перспектива десетина години потоа, одлуката за претворање на сонот во јаве ви се чини можеби како храброст, лудост или пак мудра визија?

Јас сум човек кој што се бори за своите одлуки, човек кој што не се откажува на првата пречка(а ги имаше и има многу), човек кој пробува да остане насмеан и кога е најтешко! Свесна сум дека сè во животот е процес! Веројатно таа моја одлука е од сè по малку.

Само времето ќе покаже што е! Пред некое време, ме прашаа дали вреди? Јас на тоа одговорив, веројатно вреди од аспект на тоа дека сите овие ситуации и искуства помогнаа да се изградам во личност и да ставам тежина на мојата лична карта, зад која стои многу труд, работа, енергија, храброст, љубов, креативност итн.

ММАГАЗИН: Професионалниот старт во 2005 година беше силен проблесок на македонската модна сцена. Тоа затоа што се најдовте на вистинското место во вистинско време, со вистинска страст или едноставно склопување на коцките?

Ова е прашање на кое размислував од секој аспект на животот… во последно време сè повеќе му верувам на животот и му се препштам за да видам каде ќе ме однесе! Мислам дека има шаблон за секој од нас, за кој шаблон секој од нас има влијание и одговорност. Сите ние сме креатори на тоа што сме!

Сите ние вибрираме на одредена бранова дожина! Веројатно мојата енергија тогаш вибрирала така… така да верувам дека прво и основно креаторот на сè околу мене сум самата јас, и за добро и за лошо, а понатаму се ситуациите кои ги предизвикуваме! Не верувам во случајности!

Фокусирана сум на креирање вредности од секој можен аспект! Убедена сум дека човекот како битие во основа е добар и јас не сакам да бегам од својод род! Си имам своја приказна во животот и таму ми е фокусот

ММАГАЗИН: Интерните кругови, но и сите оние кои имале допир со Вас ве препознаваат како добра личност, мила, тивка и ненаметлива. Особини кои за жал не се почитуваат во овој суров свет на модата. Колку тоа ви било хендикеп, а колку предност во својот пробив низ лавиринтите на бизнисот ?

Колку многу сум среќна што низ сите овие години успеав да ги одржам овие карактеристики, не можете ни да замислите! Во ни еден момент не биле хендикеп! Особено поради фактот дека работам директно со луѓе и клиенти, напротив биле доблест!

Фактот дека создаваме со цел да предизвикаме убаво чувство кај луѓето што ја носат нашата облека, не знам како би се чувствувале ако бев поинаква! Јас сум природна во сè што правам во животот! Фокусирана сум на креирање вредности од секој можен аспект!

Убедена сум дека човекот како битие во основа е добар и јас не сакам да бегам од својод род! Си имам своја приказна во животот и таму ми е фокусот! И како што рече господинот Ферид Мухиќ: „Сите ние луѓето сме исти, направени од иста материја, се разликуваме само по една работа, по начинот”!

Олгица ЃоргиеваММАГАЗИН: Колку професионалното искуство низ оваа деценија ве промени персонално?

Базата, суштината остана исти, искуствата ме променија многу!

ММАГАЗИН: Градењето, а особено одржувањето на моден бренд на домашно модно тло е вистинско жонглирање. Сега кога веќе се здобивате и со интернационални искуства, како ви се чини, каде модниот циркус е поизискувачки, дома или онаму каде што има поголема конкуренција?

Сигурно дека конкуренцијата надвор е поголема, меѓутоа многу чудно јас никогаш тоа прашање не сум го ставала пред мене како пречка. Јас сум истата Олгица и тука и таму! Во сите овие години сфатив дека секој од нас со себе носи одреден печат кој претставува на некој начин виза за „некаде“…

Благодарна сум за интернационалните искуствата што ги стекнав изминативе година-две, затоа што на некој начин беа причина да тргнат од мене енергијата на непознатото и да ми го отворат умот во други, нови насоки! Се видов себе си во многу различни ситуации, кругови и системи кој што дефинитивно се поголеми од нашите…

И ништо не беше поразлично за мене, јас сум сеуште истата Олгица, со истата љубов и страст за работата… разликата е во тоа што надвор „воздухот е почист и полесно се дише!“.

ММАГАЗИН: Верувате ли во судбински тек на нештата?

Верувам во одлуки кои те носат во одредена насока во животот, а тоа значи дека верувам во судбина која сами си ја креираме! Нашите одлуки се наша судбина!

ММАГАЗИН: Верувате ли во љубов ?

Верувам! Љубовта на некој начин е исто одлука!

ММАГАЗИН: Што ви е најважно во животот?

Здравје и мир со себе!

ММАГАЗИН: Според Вас, кои се недостатоците, а кои добрите карактеристики на мажите во ова наше мало крукче?

Јас во принцип никогаш не сакам да ги генерализирам работите, затоа што секогаш тргнувам од себе… често знам да се запрашам каде припаѓам – и многу често на тоа си одговарам „I am citizen of the world“.

Но ете ако морам да нагласам како недостаток, можеби „лажна големина“, а како добри карактеристики можеби топлината, која е генерално карактеристика за овие простори…

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.