Книгата Peak Japan: The End of Great Ambitions, од Бред Глосерман, сугерира дека младите Јапонци се посреќни од нивните родители, но немаат амбиција и желба да патуваат. Помеѓу Јапонската младина постои општо чувство на среќа. Социологот Фуруичи Норитоши, автор на The Happy Youth of a Desperate Country, забележува дека младите Јапонци денес чувствуваат невидено ниво на благосостојба и задоволство од животот.

Резултатите од анкетата за мислењата на владата за животот на луѓето покажуваат дека дури 79,1 процент од испитаниците на дваесет годишна возраст се задоволни од животот во Јапонија, додека пак поголем процент од тинејџерите се сметаат себеси за среќни.

Ова задоволство го објаснува студент од Kyoto University: „Не чувствуваме итност и не чувствуваме болка … Не сме очајни да направиме нешто ново … Среќни сме и удобно ни е … Можеме да спиеме во возови. Никој нема да ни ги украде парите. Излегуваме надвор на полноќ. Можеме да се враќаме дома во три часот по полноќ.“

Животот на младите Јапонци е тотална спротивност од животот на нивните родители. Ова може да се нарече „парадокс на среќа“, поради фактот дека порано Јапонците работеле многу напорно за да обезбедат економски раст, но не биле многу среќни. Удобноста доведува до самозадоволство.

Младите Јапонци живеат разумно удобен живот, па потребата за заминување или патување не го гледаат како потреба или предизвик. Тие сметаат дека надворешниот свет е ризичен, неуреден а сите важни информации, услуги, производи… што им се потребни можат да ги добијат во својата земја, односно дома.

Во Јапонија бројот на студенти кои студираат во странсво забележа пад од 36 проценти споредбено 2004-2014 година. Самата удобност и задоволство доведува до недостаток на амбиција за споредба со другите Азијци. Младите Јапонци (на возраст од 19 до 29 години) прифаќаат културни принципи што ги потиснуваат повиците за реформи.

Тие се меѓу најжестоките верници дека интересите на нацијата треба да преовладуваат над оние на поединецот и дека треба да се посвети поголемо внимание на земјата, а не на поединците. На прашањето: Кои се извори на гордост во нивната земја?- младите Јапонци ја изнесуваат „јавната безбедност“ како прва точка, но потоа тие го истакнуваат историското и културното наследство заедно со културата и уметноста.

Некои можеби гледаат загрижувачки национализам кај помладите Јапонци, но тоа не треба да загрижува бидејќи само 13% од 20-годишниците и 12% од 30-годишниците рекле дека би се бореле доколку Јапонија биде нападната од странска земја. Но сепак многумина мислат дека Јапонија има значајна улога во светот и треба да направи многу за светот.