Изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ вчера беше поставена во Музејот на современа уметност. Љубителите на градот и љубопитните ентузијасти на архитектурата ќе може да ја погледнат во просториите на МСУ до 3 наредниот месец.
„Кале, културна тврдина“ е проект што Музејот на современата уметност во соработка со Архитектонскиот факултет почна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој драгоцен простор во центарот на Скопје и да понуди визија и концепти кои би го претвориле во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.
Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале, што траеше од 5 април до 15 мај 2019 година е втората фаза од реализацијата на овој проект, во кој се вклучени и финансиски го поддржуваат Градот Скопје, како дел од ROCK проектот финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.
На конкурсот пристигнаа вкупно 17 трудови од архитекти и архитектонски тимови од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Турција и Англија. Седумчленото жири составено од архитекти и професори на Архитектонскиот факултет, претставник од Музејот на современата уметност и од Управата за заштита на спомениците на културата, додели две рамноправни први награди од 125.000 денари на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари му е доделена на проектот на Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович.
Целта на Конкурсот е развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чијашто основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.