Иако не е странец во сферата на иновации, IWC се придружува на движењето за спасување на планетата со нова иновација. Веќе познат по патентираната мешавина на титаниум и керамика, IWC овој пат како иновација ја воведува хартијата во производство на часовници. Станува забор за материјал наречен TimberTex кој ќе се користи за ремените на нивните часовници.

Швајцарскиот производител како алтернатива на висококвалитетната кожа ќе користи материјал кој е направен од 80 проценти природни растителни влакна, добиени од дрвја кои се сертифицирани од FSC. Овие влакна се носат во Италија на обработка , каде што се користат традиционалните техники за производство на хартија и природните растителни бои со цел да се обликуваат овие додатоци.

TimberTex е материјал кој адекватно се мери со кожата која досега ја користеше овој производител бидејќи истата е водоотпорна, и дава чувство на допир и изглед како и кожата. Ремените TimberTex – достапни во сина, кафеава и црна боја, во моментов надополнуваат четири модели во портфолиото на IWC: Portugieser Chronograph, Portugieser Automatic 40, Portofino Automatic и Portofino Chronograph.