Наместо да се врати дома, фудбалот оди во Рим. Омилената реченица на секој Англичанец во изминатиов месец (Football is coming home) не се преточи во реалност, откако Италија синоќа среде Лондон, на култниот „Вембли“, англискиот храм на фудбалот, пред 60.000 гледачи, од кои 55.000 беа домашни навивачи, успеа да ја совлада „домашната“ репрезентација по подоброто изведување на пенали.
Иако Англичаните поведоа по неполни три минути игра по одличниот погодок на Лук Шо, по еден одличен противнапад, Италијанците се консолидираа од почетниот шок и притисок на „Гордиот Албион“ и по воспоставената доминација во вториот дел успеа да го израмни резултатот во 67 минута преку Леонардо Бонучи.
До крајот на регуларниот дел двете репрезентации имаа неколку опасни напади, но резултатот не се менуваше, поради што мораше да се влезе во продолженија. Ниту во дополнителните две по 15 минути немаше промена на резултатот, по што се пристапи кон изведувањето на удари од белата точка, а во пенал-рулетот подобро се снајдоа „Азурите“ кои славеа со 3:2, откако Англичаните успеаја да ги промашат последните три удари од белата точка.
На крајот, Италија е таа која се радува, а сега Италијанците со право ликуваат и ја модифицираа омилената реченица на Англичаните во „фудбалот доаѓа во Рим“ (Football is coming to Rome) наместо „дома“.
Неочекуван подвиг
Но, она што е најважно за селекцијата од Апенините е тоа што Италија по најголемиот дебакл во својата историја доживеа ренесанса. Историјата се повтори, па така како што првата европска титула дојде по катастрофата на Светското првенство во 1966 (кога Англија беше светски првак) и поразот од Северна Кореја, така и овој трофеј „Азурите“ го освоија по еден уште поголем пад, со оглед на тоа дека Италија не ни играше на последниот Мундијал во Русија.
Никој, освен селекторот Роберто Манчини и неговите играчи, не веруваше дека можат да дојдат до титулата на ЕУРО. Се говореше дека четвртфиналето е одличен резултат за „Азурите“, полуфиналето голем успех, финалето подвиг, а европската титула неостварлив сон. Но, докажаа дека можат да се издигнат над сите проблеми и да одат спротивно на сите очекувања. Сепак, тоа не е крајот, бидејќи по завршувањето на мечот, заменик капитенот Леонардо Бонучи ги откри амбициите и плановите на Италијанците.
„Ова не е најубавата ноќ за нас, онаа најубавата не очекува за една и пол година“, алудираше дефанзивецот на Светското првенство во Катар кое е на програмата пред крајот на следната година.