Прославената италијанската компанија за мотоцикли Ducati не се брза да го претстави својот прв електричен модел, но кога конечно ќе бидат подготвени за таков чекор и ќе се приклучат на електричната револуција, Italdesign е компанијата која треба да ја контактираат за дизајнот.

Познатата дизајнерска фирма објави видео со рендери на целосно електричен концепт кој е инспириран од легендарниот 860 GT спортски модел на Ducati. Секако, доколку некој го дизајнира 860 GT, Italdesign е компанијата која треба да ја добие таа чест, токму поради фактот што оригиналниот мотоцикл настана како дело на еден од коосновачите на компанијата, Џорџето Џуџаро. Неговиот аголен резервоар и краткото седиште беа навистина одважни дизајнерски елементи своевремено, помагајќи му на моделот да се издвои во однос на конкуренцијата.

Исто така, овој модел за многумина беше и премногу ексцентричен, поради што Ducati го редизајнираше моделот по само две години по неговото деби во 1974 година. Во текот на петте децении колку што поминаа оттогаш, дизајнот на мотоциклот мина низ критични нови проценки, а може да се заклучи и дека „старееше“ мошне добро, со оглед на тоа дека денес се смета за преубава машина која е пред своето време.

Ги следи стапките на својот претходник

И додека оригиналниот мотор и концептот навистина се разликуваат, постои една јасна конекција меѓу двата. Исто како и својот претходник, 860-Е се одликува со остри аголни линии и пристигнува со стандарден изглед кој е окарактеризиран со стил и атлетска става. Неговиот вдлабнат кружен LED фар исто така е привлечен и се надеваме дека во Ducati сериозно ќе размислат за прифаќање на оваа дизајнерска филозофија. Треба да се нагласи дека ова претставува само дизајнерска студија, така што засега нема никакви технички детали, но Italdesign во описот на видеото напиша дека истиот ќе биде „целосно електричен и тивок“.

За жал, овие рендери не се никакво навестување за иднината. „Не е планирано да се произведува овој модел – ова едноставно е само наш стилски израз“, објаснуваат од компанијата, додавајќи дека направиле една модерна реинтерпретација и омаж на еден од најславните италијански мотори, а нам ни останува да се надеваме дека во Ducati ги погледнале овие рендери и дека ќе се предомислат околу своите планови.