Машки Магазин во прилог ви носи интересен предлог за храбар избор на откачени патики со кои можете да се подновите за ова лето. Изборот се сведува на два модели, Adidas ZX 2K Boost и Converse All Star BB, но интересното е што не станува збор за класични модели, туку за специјални верзии кои навистина привлекуваат големо внимание, но се одликуваат со сосема различен дизајн.

Adidas си поигруваше последните месеци со ретро стајлингот и искажуваше почит кон своите постари модели, особено од 80-тите години и кампањата I Want I Can. Сега, германскиот бренд ја користи оваа кампања за да ги „дотера“ и обои новите ZX 2K Boost патики.

Adidas

На претходниот модел, слоганот на Adidas се најде во центарот на самите патики со храбар дизајн на буквите кои беа распоредени врз целите патики. Сега, Adidas одлучи да го постави слоганот на многу посуптилен начин на една не толку суптилна патика. Новите ZX 2K Boost патики и понатаму ја имаат реченицата, но овој пат со мали црни букви поставени на неонска позадина на петата од патиката. Остатокот од моделот зрачи со „вајб“ од 80-тите години на минатиот век со тиркизна основа и електрични жолти и розеви детали.

Оваа верзија на Adidas ZX 2K Boost ќе пристигне на 31 јули а цената ќе изнесува околу 140 долари.

Од друга страна, тука е Converse All Star BB Evo патиката. По минатогодишните перформансни All Star Pro BB, Converse одлучи да додаде малку висина во новите BB Evo патики. Со повисоката позиција на глуждот, се овозможува поголема флексибилност, додека зонската постава околу глуждот нуди заштита. Горниот дел е направен од материјал кој овозможува дишење на стапалото, а структурниот дијамантски текстил на надворешност нуди поддршка.

Изработката на петата од патиката е позајмена од Nike React што овозможува меко потпирање на стапалото, додека комплетната изработка овозможува брзи и нагли движења, нешто што е неопходно кај спортските патики.

Converse All Star BB Evo патиките ќе пристигнат на 1 август, а цената ќе изнесува 120 долари.

За разлика од Adidas ZX 2K Boost, овие Converse All Star BB Evo патики не се одликуваат со дречлив дизајн, но затоа нудат комфор и удобност, па за оние кои се нешто поконзервативни, ова е вистинскиот избор.