„Она општество кон кое се стремиме и го гледаме пред нас, бара мажи кои не ги прават џентлменските работи скришно, срамејќи се од патријархалната и конзервативна средина во која машкоста се изразува на еден посуров начин на однесување.“

Сашко Коцев одамна ја има заслужено „Златната бубамара на популарноста“, но во неможност да ја присвои, адекватен еквивалент на признание за возврат, ќе добие во облик на громогласен аплауз за секое свое појавување на јавна сцена: театарска, филмска , шоубиз или стендап.

Наклонетоста на широката публика и погледите кои ги освојува во својот актерски „излог“ се резултат на исклучителниот спој на креативна позитивна енергија, талент, напорна и континуирана работа. Неговите критериуми се високи, предизвиците големи, а дострелите евидентни.

ММАГАЗИН: Талент е она нешто кое можеш да го работиш без мака. Кога и како го разоткривте својот неспорен талент за глума?

Па ова сепак не е холивудска приказна во која доаѓа познат агент, ги гледа децата на некоја приредба на патронат или на некој рецитал и одеднаш доживува сензација со настапот на некое дете и го препознава неговиот талент.

Тоа некако се случи по пат. Не дека не одев на другите секции помеѓу 5-то и 8-мо одделение. Стрелаштво, не бев лош, ракомет- пола тренинг, одбојка 3 тренинга и 2 натпревари, литературна секција – напишана една драма и необјавена… и кој знае колку други.

Сепак мојот драг наставник по мајчин јазик, покоен Стојко Николовски, после неколку претстави на патронатите на основното училиште ме издвои и посебно ми посочи дека се оформува драмска трупа во домот на културата и дека не треба, туку морам да одам, а ако отсуствувам на некој час, дека тој ќе ме оправда.

Така да, сепак тој беше мојот агент. Слава му. Од тогаш се сменија работите во мојата глава и се потврдија моите потсвесни нагони, кои често ги опишувам како присуство во излог. Актерската професија е момент кога човек се наоѓа како во некој излог, не на продажба, туку изложен на сите погледи, сите поминуваат и реагираат, негодуваат или го одобруваат.

Актерот ужива во моментот на изложеност. Така и јас, не знаејќи уживав во таа изложеност на туѓите коментари на мојот перформанс, а тоа значи дека бев предодреден да бидам ова што денеска го живеам.

Сашко Коцев

ММАГАЗИН: Имаше ли моменти кога судбината можеше да земе друг тек?

Имаше, но тие беа само од материјална природа и тоа среде моите студии, кога се дојде до момент до кој за малку немаше да ги продолжам, но тука беа верните другари… песна запејаа… запеа моето семејство во едни тешки услови и се отпеа песната. Не мора да звучи приказнава патетична, важно е дека заврши среќно и со многу аплаузи. Тоа им го должам нив.

ММАГАЗИН: Веројатно сте најпопуларниот актер во моментот кај нас. Популарноста значи дека сте прифатени од најшироката публика. Тоа пак претполага одредени очекувања кај таа иста публика. Како е да се биде популарен во ова „мало крукче во кое сме сите“?

Не е добро да се допаѓаш на сите. Не сум се стремел кон тоа. Тоа е само резултат на мојот израз, а актерскиот израз е всушност самата личност која тоа го произведува.

Понекогаш на улица или кафеана или банка, или каде и да било надвор, тешко е да се биде Сашко, оној од „Бубамара“, понекогаш е тешко да се биде оној Сашко од МНТ, понекогаш е тешко да се биде оној Сашко од овој или оној филм, или Сашко од последната реклама, Биби и Боби, а посебно Сашко од последниот изгледан стендап перформанс.

Но… секогаш е убаво и исполнувачки да бидеш оној Сашко од добро сработеното дело, што и да е од горенаведените. Најмногу уживам кога ќе го демантирам негативното мислење или стереотипното предзнаење на публиката.

МАМАГАЗИН: Со популарноста расте и бројот на ангажманите. Колку сте внимателен и селективен во изборот?

Со популарноста, ДА, но и со изминатите километри. Јас станувам имун на материјалните придобивки, а повеќе уживам во успешноста на изработеното дело. Без разлика дали е тоа претстава, филм или проект од шоу бизнисот и забавната сфера.

ММАГАЗИН: Иако е највосприемлива, комедијата е веројатно најтешка за актерска игра која скоро сигурно е невозможна без вроден талент. И покрај многуте забележителни улоги од другата страна, публиката ќе ве поистоветува со хумористичната нота. Како ја откривте оваа артикулација, на почетокот или низ процесот на градење на кариерата?

Комедијата е како чекорење по раб од една коцка. Ако претераш ќе пропаднеш во бездната, ако си слаб ќе поминеш на рамнината од коцката, а со тоа ќе станеш здодевен. Тоа е точно одење по работ. Не велам дека имам рецепт за тоа, едноставно ја објаснувам низ мојата призма на гледање.

Од моите, нешто повеќе од 40 театарски премиера, дали 30% се комедии, но сликата најмногу се создаде од „Златна Бубамара на популарноста“ и стендап перформансите на таа манифестација. Понекогаш е тешко да се победи таа слика, понекогаш тоа си носи свои бенефити.

Нема да кажам дека тоа ми наштетило како актер. На мои 24 години, мојата прва Бубамара, ми даде една самодоверба и како човек и како актер. Следниот предизвик беше да ги одделам „ентертејнингот“ од театарските ликови. Сега тоа за мене се 2 различни света и уживам потполно во двата.

Не ги знам крајните, но ги проверував изминатава година. Во исто време, во период од 2 месеци подготвував Макбет, Бубамара, снимав филм со Игор Иванов и серија Фамилија Марковски. Па малце се одморив и при крајот на летото снимав филм со Вардан Тозија и серијата „Зоки Поки“.

Ова беше тотална шизофренија. Ликовите беа двајца татковци, но дијаметрално спротивни. Се снимаа паралелно. Нема ништо попредизвикувачки ноќта да си осамениот татко на детето во шумата, а дента да си ведриот насмеан татко на Зоки Поки. Му посакувам на секој колега ваква проверка на своите емоции.

ММАГАЗИН: Би се претпоставило дека хуморот кој го протежирате е оној за кој се залагате. Што Вас искрено може да ве насмее?

Искрено и на глас ме насмејува ненапишан хумор. Оној кој ќе го роди моментот. Кога темата не била наметната и кога резултатот не бил изнуден… Излегол и ги изненадил сите околу него… дали е тоа дома, дали е меѓу двајца, во кафана, во воз… Без разлика. Но не раскажан виц, туку она што ќе го изненади и самиот кажувач на истото.

Зборовите мора да се одберат, затоа што не постои апсолутна вистина. Освен фактите кои се непобитна вистина, сето друго е призма на субјективно или објективно гледање

ММАГАЗИН: Вистинскиот стендап подразбира искажување на вистината во комичен манир, на начин кој не е навредлив, на кој ниту засегнатите не Ви замеруваат. Ве прави ли тоа привилегиран во однос на транспарентноста на искажување на своите ставови?

Само тој израз за мене е филигран на хуморот, а посебно на политичката сатира. Иако не пишувам само такви текстови, истото го мислам и за останатиот дел на критичкиот осврт на стендап обраќањата. Зборовите мора да се одберат, затоа што не постои апсолутна вистина.

Освен фактите кои се непобитна вистина, сето друго е призма на субјективно или објективно гледање. Без разлика дали темата на обраќање е некоја општествена аномалија, семејна, природна, техничка или уметничка.

ММАГАЗИН: Каков хумор му недостасува на македонското општество?

Хуморот поприлично е работа на вкус. Земете филм кој е комедија и ви го препорачале. Ако не е добар, после првите 10 минути, вие нема да можете да гледате понатаму. А ако е тоа драма, трилер или акција, нешто ќе ве задржи до крајот, ама ако е комедија, нема да издржите.

Но сепак, можеби тој филм ќе му се допадне на вашиот најдобар другар и тоа ќе ве изненади. Ова покажува колку се различни критериумите за комедија. Сум имал случаи кога ме сретнувале дел од публика на МНТ и ми изразиле честитки и восхит за претстава, комедија која најмногу сум ја мразел, а за мојата омилена претстава ми рекле дека не треба да се игра.

Ама имало и обратни случаи. Наша работа како писмени уметници на драмската уметност е да им понудиме и да ги воспитаме на она кое има длабочина… зборови, сцени и реплики кое ќе ги разберат и осознаат дури после два дена. Кон тоа се стремиме.

Не велам дека сме успешни, некогаш се подаваме на аплаузите и пловиме во поевтините громогласни смеења, но тоа не ме прави посреќен. Инстант хуморот е погубен за сите, за уметникот, за критиката, за општеството.

ММАГАЗИН: Ако театарот е катарзис за публиката, колку се тоа улогите за актерот?

Секој си ја има својата муза која му слетува на рамото во дадениот момент. Нема ништо подрагоцено кога ќе прочиташ текст и веќе ја гледаш сцената, публиката и последниот громогласен аплауз пред спуштањето на завесата.

Оној текст кој како да е напишан од твојата рака, репликите кои како веќе да си ги изговорил некаде и наравот на ликот кој како веќе да си го одиграл некаде. Тие текстови и тие ситуации се поретки. Посебно кога си актер на репертоар и ансамбл на еден театар, па се редат низа на претстави, работите се случуваат побргу, некогаш без шанса да го препознаеш ова… но сепак знае да се случи.

Да те вивне и подигне на неколку сантриметри од даските, како да не чекориш по нив, како да си над земјата, скоро до рефлекторите, светлото е само твое, публиката не постои и тоа е светот кај што си во моментот.

Тогаш нема лажни чувства. Е тоа го препознава публиката, а популарно тоа се вика ОВАА УЛОГА МУ ЛЕГНА, ИЛИ МУ СТОИ… Ми се случило неколку пати. Испитна претстава од факултетот – Долго патување во ноќта,.. Ничија земја, Макбет(МНТ)… За тоа живее актерот.

ММАГАЗИН: Кога суетата е потикнувачка, а кога станува инхибиција за актерот? Како стоите со егото и алтерегото?

Како и да звучи, нормално е еден актер да е егоцентричен. Тоа значи дека толку повеќе ужива таму во тој излог што веќе го споменав. Но сето ова е во некои творечки и продуктивни рамки.

Сето друго е суета и страв од неуспех или веќе постоечка фрустрација од неуспех. Сè е легитимно, и суетата и егоцентризмот и себичноста, дозволено е. Но тоа не води никаде. Тоа прави бариера со партнерот, а публиката тоа го препознава. Сепак , каков и да е актерот зад сцена, сè е за публика.

Ако тоа не им пречи, на тоа аплаудираат, ако тој е звезда за нив… тогаш и ние како колеги не осудуваме никого. И коментираме баш со овие зборови – Сè е за публика. Само претставата да е подобра.

ММАГАЗИН: Се вели дека во овој денешен материјалистички свет има само два начина да останеш среќен. Или да имаш чиста совест или воопшто да немаш совест. Што значат овие поларитети во Вашата професија?

Отсуството на совест е во некоја рака пониска интелегенција. Со таквите луѓе избегнувам да сум во близина. Совесноста понекогаш го кочи човекот во своите постапки, но јас сепак ќе се задржам на овој принцип на живот. На крајот на краиштата, секој прави она со кое спие мирно.

ММАГАЗИН: Кој тип на предрасуди најмногу ви „бодат“ очи?

Ние сме балкан. Овде има предрасуди за сè живо. Ние живееме во предрасуди. Тешко некој ги надминува. Тешко некој и да ги надмине. Тоа воопшто не е напредно и цивилизирано. Тоа мора да се искорени. Тоа се прави од мали нозе. Човекот се раѓа чист, без предрасуди. Потоа мама и тато им ги всадуваат во главчињата. Направете го тоа порано, за 30 години ќе имаме почисти и понапредни размислувања.

ММАГАЗИН: Се одржувате во одлична фит кондиција. Таа грижа за себе е иманетна потреба или заради професијата. Од друга страна, колку сте подготвени за физички трансформации во досегашните улоги?

Летово ослабнав 8 килограми за 25 дена. Секако за потребите на филм. Пред 8 години ослабнав 8, па вратив 11 кг, исто така за филм. Не се фалам со ова, туку кажувам дека за себе лично сигурно не би ја направил оваа работа.

Иако секогаш внимавам на исхраната, но без никаков фанатизам. Тоа многу лесно се случува кога целта пред тебе се оние реплики, сцени зборови што си ги препознал како твои напишани што погоре ги спомнав. Само еднаш не се нафатив да ја избричам главата за филм, не заради нарушување на приватната естетика, туку заради креативни причини. А се откажав од идејата на само неколку дена од започнување на снимањто на тој филм.

ММАГАЗИН: Според енергијата која ја внесувате во вашите професионални ангажмани оставате впечаток на динамичен тип. Се пренесува ли тоа во приватноста или е тоа релаксација од друг вид?

Динамиката е составен дел и од еден ден со приватни обврски, а уште повеќе во еден креативен период во кој на дневен ред има театарска проба, снимање и микрофон во некое студио. Секако тоа е многу исцрпувачко. Па затоа дома сум молчалив и замислен.

ММАГАЗИН: Хобито не ретко може да биде и резервна професија. Имате ли таква пасија, некаков друг скриен талент?

Ова не знам како стигнало до мене, но мојата пасија се автомобилите. Посебно листање на огласници, пробување на различни брендови на коли, различни мотори и перформанси, модели.

Јас сум веќе матичен консултант на сите колеги и пријатели кога доаѓа момент за купување на кола. Сите ме советуваат да си отворам еден мал плац за половни коли, за да таму ги полнам моите батерии кога сакам да се отргнам од мојата професија.

Додека снимавме До Балчак и бевме во Битола четири месеци, еден постар колега ми велеше дека сум психијатриски случај на кој му се случува да има недостаток на возење во крвта и тоа на дневно ниво. Секој ден после снимање мораше да се поминат барем дваесетина километри по битолската и преспанската околија.

ММАГАЗИН: Од денешна перспектива би можеле ли да си го замислите животот поинаков?

Верувајте дека не. Многу време помина, многу емоции се потрошија, многу пати си ја удрив главата од ѕид кога не одеше, многу пати уживав во погледите на публиката, многу аплаузи поминаа. Сето друго ми се чини мноооогу далечно.

ММАГАЗИН: Како ги балансирате минатото и иднината во напорот да не го пропуштите сегашниот миг?

Има една турска поговорка која вели – НАПРЕД НЕ ИСТРЧУВАЈ, ПОЗАДИ НЕ ЗАОСТАНУВАЈ, ВО СРЕДИНАТА НЕ ПРАВИ ГУЖВА. Целиот живот е трка помеѓу овие позиции. Тоа е и всушност убавината на животот. Не би можел да се заседнам во едно место, па макар и само со мислите. (поговорката ми е предание од Горан Илиќ, актер, еден од моите водичи низ театарот во младоста)

ММАГАЗИН: Дали постојат вистински мажи во Македонија?.. Што е според вас дефиницијата за џентлмен?

Вистински мажи има секако, но зависи според кои критериуми. Исто така и ова е релативно. Она општество кон кое се стремиме и го гледаме пред нас, бара мажи кои не ги прават џентлменските работи скришно, срамејќи се од патријархалната и конзервативна средина кај која машкоста се изразува на еден посуров начин на однесување.

Не се плашат дека заради своето џентлменство и постапки ќе бидат укорени или исмеани од средината во која живеат. Џентлменство е третирање на послабите во околината како рамноправни и согледување на сите околности низ една објективна призма.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.