Уметноста може да е двигател за промени, да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест, тоа е пораката на движењето „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во рамките на Inside Out глобалната платформа.

Во Центарот на Скопје, на фасадите на зградите на ул. Рузвелтова 44a – 46а, 130 црно- бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културна политика (или поддржувачи на културна сцена) ќе го свртат вниманието на општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството.

Локална активност на глобалната платформа „Inside Out“, во Скопје е именувана како „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ со цел да пренесе неискажани ставови на домашните културни дејци.

„Акцијата порачува дека ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното, на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности, веќе полна со ќорсокаци. Зашто на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството: Овде е бесмислено да се вложува во култура. При што како доказ се користи и малубројната публиката која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста“ – вели Максим Ристевски, член на тимот.

Инсталацијата ќе трае до крајот на септември

„Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје ја иницираат Весела Моловска и Марија Коробар, кои нашите 130 личности, ги приклучуваат на веќе портретираните 400 000 лица од 138 земји низ светот каде глобалната платформа „Inside Out“, на францускиот уметник ЏР (JR) веќе им помага на поединците и заедниците да изразат став во општеството, преку групна акција, со прикажување на црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.

Inside Out

„Во моментов ситуацијата е таква што европските фондови се главен извор на финансирање и многу често се влегува во различни програми и партнерства за кои е потребно да бидат исполнети низа услови, со што се поставува прашање на целосен интегритет на уметникот. Голем дел од квалитетните уметници кај нас не можат, ниту сакаат да функционираат на овој начин, со што се изоставени од целата приказна“ – вели Коробар.

„Која е улогата на културата во нашето општество? е ехото на скопската акција, бидејќи културата е нужност, таа е нашиот идентитет. И затоа ја истакнуваме потребата од дефинирана, долгорочно осмислена културна политика која ќе креира силна и независната културна сцена, што ќе влијае на сите сфери на нашето општествено живеење“ – вели Моловска.

Скопската „Inside Out“ започнува на 21 септември и ќе трае до крајот на месецот. Како дел од проектот е создавање на документарен филм со кој покренатите прашања ќе имаат поголема трајност.