Forze Hydrogen Racing започнува партнерство со Hyundai за создавањето на Forze IX, за кој се најавува дека ќе биде најбрзиот тркачки автомобил со водороден погон. Forze IX ќе биде најновата креација на Hyundai и Forze Hydrogen Racing, а целта е да се направи најбрзиот тркачки автомобил на светот кој користи водороден погон. Напојуван од страна на два системи на горивни ќелии, Forze IX ќе има максимална моќ од 800 КС, која ќе се испраќа на сите четири тркала. Неговата тежина ќе изнесува 1.500 килограми, а до „стотка“ ќе стигнува за околу три секунди, додека максималната брзина ќе изнесува над 300 километри на час.

Со цел да го создаде тркачкиот автомобил, Forza започна соработка со Hyundai кој ќе ја има улогата на консултант за водородно напојување. Автомобилскиот производител ќе ги стави своите инженери од Hyundai Motor Europe Technical Center во Руселхајм на располагање на тимот на Forze.

„Forze е возбудлив том составен од некои од најбистрите млади умови и со докажано педигре со носењето на мобилноста со горивни ќелии на тркачките патеки. Hyundai е задоволен што влегува во ова партнерство со Forze“, изјави Тајрон Џонсон, шефот за развој на автомобили во Hyundai Motor Europe Technical Center.

Проектот ќе биде готов до крајот на следната година

Тимот на Forze е составен од 60 студенти од Делфт технолошкиот Универзитет во Холандија, кои можат да работат како дел од тимот во текот на нивните студии. Како што сугерира и самото име на моделот, ова нема да биде првиот автомобил на тимот. Во 2015 година го произведоа Forze VI, кој успеа да направи круг на Nurburgring Nordschleife за помалку од 11 минути, со што постави рекорд за возила напојувани од водород.

Но, ќе треба да се почека некое време пред Forzе IX да можеме да го видиме во свој полн сјај. Тимот очекува да го комплетира автомобилот во 2022 година, но би требало да биде навистина импресивен кога ќе биде готов. Освен тоа, со оглед на тоа дека нема многу тркачки автомобили со водороден погон, Fоrze IX, како и своите претходници, ќе се трка со модели кои користат мотор на внатрешно согорување.

 

Превземено од avtoplus.mk