Експертите советуваат да не ја давиме тагата во храната бидејќи тоа лошо влијае врз изгледот, но и врз менталното здравје.
Веќе зборувавме за депресијата како појава која е сè почеста кај мажите за разлика од порано. И зборувавме дека е исклучително важно да се побара професионална помош во случај на симптоми на депресија. Последните истражувања покажуваат дека лицата кои ја бараат утехата во храната, често се доведуваат себеси во депресивна состојба.
Чипсови, чоколадо, парче торта – во моментот ќе направат да се чувствувате поопуштено пред стресниот состанок, период во животот. Но, не само што ќе влијаат врз вашата фигура (и потоа ќе се чувствувате лошо кога ќе застанете пред огледало), туку ќе влијаат и врз вашето ментално здравје.
Истражувачите од Универзитетот во Кардиф им дале на своите испитаници да ја пронајдат утехата во помфрит, чоколадо или овошје, а потоа ги мереле нивните ефекти врз менталното здравје.
Според истражувањето, оние кои внесувале чоколадо и помфрит покажале значително зголемени знаци на депресија, замор и емоционална нестабилност за само 10 дена. Оние кои ја барале утехата во овошје, не само што немале ниту еден од овие симптоми, туку имале и намалена анксиозност за 32%.
Ако не сте од оние кои ќе посегнат по јаболко, секогаш можете да ја побарате утехата во следниве производи кои исто така ќе го зголемат нивото на серотонин: путер од кикирики, банана, темно чоколадо, бразилски ореви, боровинки.