Три месеци откако по првпат сведочевме на неочекуваната и прилично шокантна соработка меѓу брендовите Adidas и Gucci во текот на есента 2022 и модната ревија на луксузниот бренд, ова партнерство сега е и официјално претставено во каталогот кој го изработи Карлјин Џејкобс.

Спојот на гигантите во сферата на спортската опрема и еден од најпопуларните брендови на светот секако не е ништо ново – Adidas претходно соработуваше со модната куќа Prada, додека Louis Vuitton креираше колекции со брендовите Nike и Supreme. Сепак, Adidas x Gucci соработката го пренесува овој тип на партнерство на сосема ново ниво, нудејќи целосна униформа за сите љубители на трите ленти и брендот Gucci.

80-тите години како главна инспирација

Секако, дизајнот на колекцијата го потпишува Алесандро Микеле, додека и самиот концепт на каталогот е негово дело. Микеле беше инспириран од архивските изданија, поради што моделите драматично позираа пред обоените панели во стилот на 80-тите години. Можеме слободно да кажеме дека тоа е вистинскиот „вајб“ за оваа соработка, со оглед на тоа дека голем број стилови на обувките ги претставуваат моделите кои биле популарни во текот на таа декада, заедно со употребата на кадифе и сомот, одважни дезени, типографии, кожа и други детали.

Adidas x Gucci е резултат на спојување на две наизглед различни нешта, што резултираше со хибридизација на формалната облека во форма на кожни обувки, мокасини од велур и свилени шалови со спортски парчиња кои пристигнуваат со доста полежерни дизајнерски кодови. Истото може да се каже и за чантите, кои се креирани од премиум Gucci кожа, но се прекриени со Adidas Trefoil логото, додека некои парчиња во елост се прекриени со уште поодважните GG-Trefoil монограми. Најкратко речено, оваа колекција е носталгичен приказ на љубовта кон седумдесеттите и осумдесеттите години, претставен на најдобар можен начин.

Adidas x Gucci

Во каталогот можат да се видат и terry cotton влечки, накит и есенцијални парчиња како што се маички со кратки ракави и слично на тоа. Оваа инаугурална Adidas x Gucci колекција ќе биде официјално лансирана кон почетокот на следниот месец, а за купување ќе биде достапна во избрани Gucci бутици, посветени pop-up локации и преку сајтовите на двата бренда.