Одамна ни е познато готвењето со вино. Една чаша во тавата, две за нас. Но, да го тргнеме настрана вино, пивото е одлична тајна состојка во готвењето, полна со богати вкусови, текстури и комбинации.

A ако сте голем љубител на истото, еве ви причина да влезете во кујната. Без разлика дали ќе се одлучите за слатка или солена варијанта, резервирајте доволно количина и за готвење, а и за релаксација на главниот готвач. Добар апетит!

пивото

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Макарони во сос од пиво

На добро познатата комбинација од макарони и вкусен кашкавал, овој рецепт препорачува да додадете и богато темно пиво.

Потребни состојки:

  • 500 гр макарони
  • 3 лажици несолен путер
  • 3 лажици брашно
  • 120 мл темно пиво
  • 400 мл млеко со 2% масленост
  • 200 гр рендан чедар кашкавал
  • 25 гр сино сирење

Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови. Сварете ги макароните во солена вода, исцедете ги и тргнете ги настрана. Во голема тава на средна температура, стопете го путерот, па додадете го брашното и мешајте постојано.

Гответе околу една минута, а потоа полека додавајте го пивото со постојано мешање. Во сосот додадете го и млекото и оставате го на тивок оган 7 до 10 минути, додека не стане густ и кремав. Тргнете ја тавата од оган и додадете ја целата количина кашкавал и половина од синото сирење.

Додадете ги макароните во сосот и убаво измешајте ги сите состојки заедно. Наросете со претходно запржени лебни трошки на путер и гответе во рерна 20 до 25 минути. Додадете го останатиот дел од синото сирење и послужете со магдонос. 

Хот дог лепчиња со пиво

За љубителите на пивото и скарата, ова е совршен предизвик. 

Потребни состојки:

За тестото: 

  • 110 мл млако полномасно млеко
  • 200 мл светло пиво на собна температура
  • 40 гр топен путер
  • 1 лажица кафеав шеќер
  • 7 гр квасец
  • 500 гр брашно 
  • 1 лажичка сол

За фил:

  • 1.5 литар вода
  • 3 лажици сода бикарбона
  • 1 матено јајце
  • Крупна морска сол

Во голем сад, измешајте ги млекото, пивото, путерот, шеќерот и квасецот. Додадете ги брашното и солта. Мешајте ги состојките заедно, додека не добиете убаво и еластично тесто. Тестото оставете го на топла површина час и половина додека да ја удвои својата големина.

Направете 8 топчиња од тестото, а потоа секое обликувајте го во форма на колбас со должина околу 15 цм. Ставете ги на поголема далечина и оставете ги да стојат 30 минути. Во меѓувреме, во претходно зовриените литар и половина вода, додадете ја содата, измешајте и исклучете го огнот.

Ставете го секое лепче по 30 секунди во водата, а потоа извадете го и ставете го на хартија за печење. Премачкајте ги со јајце и со остар нож направете два до три засеци на секое лепче. Наросете со крупна морска сол. Печете на 200 степени 15 до 20 минути, додека не добијат темно златна боја. 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сладолед од темно пиво со прелив од солена карамела и медени кикирики

Ако не можете да им одолеете на слатките десерти и имате машина за сладолед, ви преостанува само да ја грабнете лажицата и да нурнете во задоволството и богатиот вкус.

Потребни состојки:

За сладолед:

  • 60 мл путер
  • 250 гр темно пиво
  • 3 жолчки
  • 100 гр кафеав шеќер
  • 240 мл млеко
  • 330 мл павлака за готвење

За солена карамела

  • 120 гр путер
  • 240 гр шеќер
  • 200 мл млеко
  • ½ лажичка сол

За декорација: 

  • Кикирики измешани со мед, ситно дробени

Стопете го путерот додека не зарумени, додавајте го темното пиво и гответе додека не добие густина на сируп. Измешајте ги шеќерот и жолчките додека не се соединат, додадете го млекото и мешајќи гответе на ниска температура 10 до 15 минути додека не згусне.

Додадете ја смесата од путер и пиво, измешајте и ставете во ладилник да се олади. Ставете ја во миксер павлаката за гответе и мешајте додека не добие убава густина, па соединете ја со оладената смеса. Ставете ја смесата во машина за сладолед.

За сосот од солена карамела, стопете го шеќерот заедно со путерот и солта, па додадете го жешкото млеко и мешајте додека не добиете убав сос.  Сладоледот сервирајте го со преливот од солена карамела и наросете медени кикирики.