„Животот ми е само една голема анегдота и story to tell, и уживам да го доживувам со женствено клошаренило наместо дамска ограничувачка елегантност”

Математиката и е дар, музиката љубов, спортот пасија, летањето професија а модата страст. И во сите тие ентитети Анастасија Богдановска, алијас Стејси Марш ќе гори со подеднаков жар, а ефектите од тој оган ќе се резултат на нејзиниот натпревар со самата себе. Нетипична, необична и несекојдневна, ќе ја збунува околината и зачудува средината.

ММАГАЗИН: Во каква улога најчесто се пронаоѓавте во детските игри. Што од тоа стана реалност?

По сè изгледа понекогаш (ако не и секогаш) детските игри имаат своја директна манифестација во возрасниот свет. Никогаш немав проблем во прифаќање на било која улога во игра, но сепак секогаш сакав да ја имам водечката, а завршував како ‘сајдкик’.

Немав омилена игра и им давав подеднакво значење на сите, и играчи и игри и елементи од игрите, за никогаш никој, нити нешто, да биде изоставено – за мене сè имаше вредност и голема улога. И до ден денес е така, давајќи им значење на сите елементи во животот и на малите елементи во сè што правам. Па „трошам“ време и се „трошам“ себеси, ама на крај мојата реалност стана исполнување на многу детски желби.

ММАГАЗИН: Велат настинката и љубовта не можат да се скријат. Од диплома за компјутерски науки, постипломски студии на музичко инжењерство преку професионален ангажман како стујардеса, широкиот спектар на интереси ќе ве донесе до она што очекувано би било прво. Зошто толку долго и требаше на љубовта кон модата да се артикулира?

Како целоживотен сопатник кому не му обрнував значително внимание, можеби ми требаше време да препознаам дека модата има толкаво значење во мојот живот. Веројатно на околината ѝ е многу полесно да ги забележи искрите и енергијата која зрачи од чувствата, и тоа доста време пред да самиот вљубен да си ги признае тие чувства.

А можеби и некои работи (кои се толку круцијални или вистински) не сакаме да ги препознаеме. По патот на препознавање многу пати и за многу нешта се разидовме. Годините на возраст за манекенски ангажмани јас ги посветив на музиката, а годините на созревање на убавината- пред компјутер во програмирање.

Но некои нешта, иако маргинализирани во животниот тек, ако не избледнат тогаш остануваат како нишка, па модата сега ми е жиг за навек. Можеби во прашање беше изненадниот период на лична препородба, можеби беше преселбата во Италија или можеби токму (подоцнежната) преселба во Милано… Но секако со првиот влез на модна ревија во Милано сите сомнежи исчезнаа… и се препуштив на љубовта.

ММАГАЗИН: Еруптивниот нагон ќе ве доведе до позиција на наш единствен досега акредитиран моден известувач на една од 4-те главни модни недели во светот- Милано. Покрај силниот личен мотив, колку напор, знаење, умеење, снаодливост и финансиски влог е потребен за влез во затворениот и непријателски настроен свет кон новодојденци ( освен ако тоа не е богата клиентела)?

Секој обид бара исклучително истражување и напор. Финансискиот влог е голем, и расте со растот на тамошното препознавање и потребата за оправдана и соодветна презентација.

Емотивниот напор е всушност ‘кучката’ со која си ја имате расправијата. Но сè додека успевате да издржите во падовите и имате храброст да се продолжите понатаму – ќе си ја пронајдете позицијата, иако не е домашно тло и не е настап со богат џеп.

ММАГАЗИН: Колку тешко стекнатата привилегија на ексклузивата да се пренесат искуства од прва рака од интригантниот езотеричен круг на „модното братство” е препознаена и испочитувана на домашен терен, пред сè од оние кои би требало да се познавачи на состојбите?

Со исклучок на клише прашањето „Како си помина во Милано?“, за жал домашниот моден свет останува нем на преносот на искуствата и слеп на материјалот кој успева да се пренесе. Сè останува во меморија или мемоари( дел објавува Машки Магазин☺), бидејќи е искуство кое треба да се доживее, а како веќе доживеано треба да биде поинаку оважено локално, барем од познавачите, и барем како знаење и постигнување. Да би се постигнало тоа, па да се очекува солидна медиумска, логистичка и финансиска поддршка.

ММАГАЗИН: Во време на силиконски изгледи оставате впечаток на нетипична убавина, имиџ, став и однесување. Како се рефлектира отскокот од унифицираното и униформирано во секојдневното функционирање? Како е да се биде ‘црна овца’ во стадото?

Ниту сум убава, ниту типично женствена девојка. Но сум девојка која не се плаши од ранливоста, игривоста, непредвидливоста и доживувањето на животот со континуирани смеа и насмевка. Животот ми е само една голема анегдота и story to tell и уживам да го доживувам со женствено клошаренило наместо дамска ограничувачка елегантност.

Модата е игра со себеси, а не конформираност, па уживам да ја користам во тој контекст. Згора на тоа категорично не почитувам мрзеливост, минимализам во функционирањето, запоставен изглед, и немарност во грижата за себе и за околината. Ако на тоа се додадат директноста и бескомромисноста и позитивноста, ја добивате титулата „црна КОЗА”. Но во моменти на изолираност човек се преиспитува за своите постапки, патишта и одлуки, па ако фактите ги оправдуваат постапките тогаш, претпоставувам, таа сум.

ММАГАЗИН: Колку квалитетот што обезбедува членување во МЕНСА ви го олеснува или отежнува животот?

Да се биде логичар и математичар во денешниот свет можеби е повеќе клетва отколку предност. Па да се каже дека си член и соработник на организација што би требало да значи врвен карактерен елемент не оди секогаш во прилог.

Тајна која „љубоморно“ ја чувам од обичниот свет, но како манифестација во логичкото и интуитивно расудување во истиот, ја уживам во потполност во затворениот круг на мојот ум и свет. За жал тоа е реалност која можам да ја живеам само јас.

ММАГАЗИН: Со своето искуство на живот во неколку европски земји каква е споредбата на машкиот свет?

Националноста, домашното воспитување и околина, и локацијата на растење си има свој збор во кроењето на карактерот на еден лик, и на еден маж… Иако не сакам да генерализирам, сепак можам да тврдам дека националниот елемент во однесувањето е неизоставeн и неприкривлив. Можеби како енергија, потреба или како поле на активност, не знам, но интернационалноста во мене и понатака привлекува странски или космополитски прикаски…

ММАГАЗИН: Каде македонските мажи кикснуваат?

Во истото – одразот на македонскиот епитет. Како нација сме гласни за непотребни знаења, а срамежливо ги криеме вистинските квалитети и чекаме да бидат откриени од надвор. Истото е и на личен план. Се чини дека ова тло сме заборавиле (барем на сликата) што значи вистински маж.

ММАГАЗИН: Колку страсно се давате на страстите, а колку пасионирано им се посветувате на пасиите?

Фразата која ме опишува е: I go all out. Оддавање и предавање себеси, во сè што правам, кога веќе сум тргнала да го правам. Љубов, страст, пасија не се доживуваат доколку човек не се препушти и предаде целосно, доколку не ги исклучи непотребните и оптоварувачки мисли, а не ја пушти ринглата на спонтаноста на максимум и не му зоврие моментумот.

ММАГАЗИН: Колку силно горите во желбите и плановите и стратегиите тие да се остварат?

Горам најсилно што можам. Прегорувам. Ама потоа пак се палам. Па додека овој оган осветлува нешто, а и додека не се создаде личен свет во кој ќе се доживеат желбите и идеите во остварена верзија, ќе има фитиљ и извор на топлина.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.