Како по некое непишано правило, технолошките компании како да знаат дека некој производ ни е потребен, уште пред да сме свесни самите ние. Чист пример за тоа се мобилните телефони. Но да ги оставиме нив на страна, еден таков производ беше лансиран на почетокот на годинава од страна на Google, а неговото име е Hub.
Неговата намена? Најдобриот кујнски асистент со екран од 7 инчи на кој можете комотно да го гледате рецептот, без да го лепите екранот од телефонот за очите. Но, на потрошувачите и тоа им беше малку, па поплаките за уште поголем екран и подобар асистент стигнуваа од сите страни, па така Google изминатава недела го лансираше новиот домашен асистент со слично име, Nest Hub Max.
Новото домашно милениче на Google има екран од 10 инчи и вградена камера. Има способност да распознава лица, и да дава одредени информации. За оние кои сакаат да го набљудуваат својот дом кога не се во него, има и таква опција. Камерата ви овозможува да остварувате видео повици и благодарение на подвижната леќа, ќе го следи вашиот чекор низ домот додека зборувате.
Можете да слушате музика или да гледате видео и да продолжите со гледање онаму каде сте застанале. Опцијата YouTube TV е достапна на Google Nest Hub Max со претплата, а овој уред кој е достапен во боја на креда и јаглен, чини 229 долари.