“Успехот сам по себе не подразбира среќа, а среќата сама по себе подразбира успех. Затоа човек треба да се труди да биде среќен.“
Неговата гитара постојано ќе раскажува музички приказни кои секогаш одново сакаме да ги слушаме. Ќе не допира во душата со неговата музика, но ќе “пробуричка“ и по мислите со неговите интервјуа. Виртуозот Влатко Стефановски, еден од десетте најдобри гитаристи во светот, со титула почесен доктор на науки и прв рокер со национална награда за животно дело, ќе ја распостеле својата богата 40-годишна кариера од голобрадо момче до специјален гостин-домаќин на Стинг и никогаш не ќе милува да ја експонира својата приватност. Затоа пак постојано ќе испирира и мотивира со своите изјави.
ММАГАЗИН: По толку минати години во шоубизнисот, стануваат ли интервјуата навика или напор?
Во интервјуата постои дипломатски речник. Сакаш нешто да кажеш, сакаш нешто да ублажиш, не сакаш некого да навредиш, не сакаш да спомнуваш имиња. Но со добри соговорници е задоволство да се разговара. Со луѓе кои поставуваат едни исти прашања со години, знае да биде напорно.
Ама најнеблагодарната работа во давањето интервјуа, особено во печатени медиуми, е тоа што никогаш не знаеш кој ќе биде крајниот резултат. Што и да си одговорил, колку и да си бил шармантен и паметен, постои опасност да се извадат работите од контекст со цел да се извлече бомбастичен наслов од некој дел на реченица кој си го кажал попатно.
Тоа знае да биде незгодно, инаку немам ништо против интервјуата. Убаво е да се разговара со убави соговорници. Верувам дека интервјуата имаат некакво влијание, но кога тие би решавале одредени општествени состојби би било фантастично ама…
ММАГАЗИН: За што би сакале со мерак да се расприкажете во нив?
Најмногу сакам да зборувам за теми на кои новинарите се најмалку подготвени, на пример за гитари. А новинарите обично не знаат ништо за гитари. Најмногу сакам да зборувам за тие детали.
За гитари со гитарист би можел цели денови и ноќи да зборувам. За останатите теми се обидувам да не бидам мирудија во секоја манџа. Можам да зборувам за некои нешта кои ги гледам околу себе и ги доживувам, со надеж дека евентуално нешто паметно што ќе изјавам, дека на некого нешто и ќе му значи. Но не со гаранција.
Многу сум внимателен, многу внимавам што зборувам, зошто зборовите не се моето најсилно оружје. Да бев мајстор на зборови ќе бев писател. Јас по онаа логика: Една слика – 1000 зборови, се надоврзувам како: Еден тон – 1000 слики.
Моето изразно сретство е музика и јас сето она што не можам вербално да го досегнам, се обидувам низ музика да го соопштам. Како некоја емоционална порака. А емоциите колку и да си експерт по психологија или филозофија се еден океан кој тешко можеме да го препливаме.
ММАГАЗИН: Ако темелот на музиката се емоциите, а емоциите се најсилното оружје, колку сме свесни и како создавачи и како конзументи за нејзината моќ?
Ако нема емоционална порака музиката не значи ништо. Ако нема во неа љубов, сета, некаква хармонија, некаков баланс, некоја форма која е универзална, некоја фрекфенција, некоја боја од некој инструмент која ќе те погоди право во срце.
Ние луѓето не знаеме доволно за себе, нам не ни е дадено да го откриеме јадрото на сопственото постоење. Ние упорно ќе ги прашуваме тие исти прашања кои Талес од Милет пред илјадници години ги поставил и нема да успееме да ги одговориме.
Ќе успееме само да чепкаме по нашите животи, по нашите души и по нашите тела, при тоа останувајќи празни и гладни за најзначајните одговори: Што тоа правиме на овој свет? Од каде доаѓаме и каде одиме? Тоа се големите егзистенцијални прашања на кои не ни е софтверски дадено да ги одговориме.
Во ред, има шарм и многу забава во таа борба за знаење, осознавање и себеоткривање, но постојано ни недостасуваат некакви битни и клучни одговори.
Постојат музичари кои одбиваат да бидат емоционални или патетични па си играат со формата, со растурање на формата, со измислување на нови бои и фрекфенции. Има композитори кои се занимаваат со амбиентални музики кои не мора сами по себе да носат емоцонална порака.
Музиката настанува како резултат на некаква емоционална состојба и се обидува да постигне некава резонаса со слушателот. Да постигне слушателот да резонира со иста фрекфенција со творецот на музиката. Да поттикне одредени чувства и да залечи одредени состојби, евентуално.
ММАГАЗИН: Гитарата Ви е живот, тоа е повеќе од очигледно. Кога станавте свесен дека Вашата безусловна љубов е Вашата судбина, всушност?
Чудно е тоа, и самиот не знам од каде таа фасцинација. Тоа го осознав некаде кога Леб и Сол почна да постигнува успеси и кога увидовме дека можеме да создаваме музика брзо, и дека таа музика може да биде и интересна и квалитетна и добра.
После неколку албуми, на мои околу 24 години сфатив дека е тоа нешто што сакам да го правам во животот. Дури и факултетот на самиот крај го баталив, зошто не можев да се замислам како некој професор по англиски јазик во гимназија.
Тоа не би ме исполнило до крај. Мислам дека луѓе треба да го бркаат својот сон, иако во младите години сите се конфузни, не знаат што точно би сакале да прават со своите животи. Само знаат дека им е здодевно во школска клупа.
Човек треба да се бори за своите соништа, да се труди по секоја цена да ги оствари. Има една фраза која вели: „ Прави повеќе од она што те прави среќен“.
Шампион станува оној кој најмногу сака, и најмногу верува. Луѓето се чудо, поседуваме огромна енергија. Ние не сме свесни за своите потенцијали. Секој човек е една атомска централа, со огромна енергија, но не сите успеваат да ја канализираат таа енергија и да ја стават во една спрега и таа да ги донесе онаму каде евентуално може да стигнат.
Многу луѓе ја расфрлаат безразумно. Секој може да стане шампион, само се работи за снагата на вољата. Фанатизмот во професијата знае да биде многу позитивна работа. Ако си опседнат со тоа, ако стварно го сакаш тоа што го правиш и дојдеш до ивица на фанатизам, тоа може да биде добро. Ако се бориш за некоја работа можеш да постигнеш неверојатни висини и неверојатен успех.
ММАГАЗИН: „Се е дозволено, но не е се полезно“- се вели во Библијата. Како го преџвакувате ова наше турбо-фолк секојдневие на лажни приказни и реалити шоуа?
Тоа е прашање на популарна култура. Кога бев млад популарна култура беше рокот, сега е тоа турбо-фолкот. И малку е загрижувачки кога ќе видиш млади дотереани луѓе како паѓаат во транс по една две нумери од тој вид. Но сепак е тоа прашање на избор. Многу почитувам луѓе кои немаат телевизор во дневната соба.
Тоа значи дека читаат книги, слушаат музика, пијат вино со пријатели и не гледаат телевизија како хипнотизирани. Медиумите во потрага по публика неселективно целат кон тоа што се продава, комерцијални продукти и тука ќе понудат најголемо ѓубре, затоа што ѓубрето е интригантно. Но има луѓе кои не гледаат тоа, еден сум од нив.
За жал денес и рокенролот стана една фабрикувана индустриска гранка. Се фабрикуваат работите само за да се продадат. Веќе на половина од тие изведувачи не им верувам ништо. Затоа што се продадени на најлош можен начин. Газат преку сè само за да контото им расте. Некои нешта ќе се изборат, ама многу тешко, но не онака како албумите во 60-те, 70-те и 80-те.
Главните работи ги имам направено. Сум засадил дрво, сум изградил неколку куќи, сум одгледал две деца. Имам желба да напишам книга и да направам албум за деца. Тоа го немам направено. Многу сакам да го направам и ќе го направам, само Господ да даде здравје.
ММАГАЗИН: Како денес гледате на целата импресивна професионална вертикала. Како носталгија или мотивација?
Мене успехот сам по себе не ми е цел. Јас сакам да сум популарен и да свирам и да добивам хонорари. Во години сум кога можам да повлечам црта и себеси се сметам за успешен човек, зборувајќи професионално, затоа што сум ги остварил сите мои луди соништа.
Сум ги снимил сите мои песни што ми се вртеле во глава и душа. Сум свирел на многу значајни места, сум искачил прилично високи врвови и јас не копнеам по уште еден успех. Би сакал да добијам Оскар за филмска музика, но тоа не значи дека ќе лазам до Холивуд за да го добијам. Ако се случи супер, ако не се случи пак супер.
Не копнеам по нешто неостварено. Сум имал многу музички авантури, од мал гимназиски бенд до голем бенд што свирел по стадиони, трио што свирело секаде, акустични и синфониски проекти, биг бенд проекти. Многу малку ми останало нешто неодработено.
Не сум направил албум за деца, на пример. Но главните работи ги имам направено. Сум засадил дрво, сум изградил неколку куќи, сум одгледал две деца. Имам желба да напишам книга и да направам албум за деца. Тоа го немам направено. Многу сакам да го направам и ќе го направам, Господ да даде здравје само.
Не горам по ниту еден успех. Успехот е само последица на нешто добро што ќе направиш. Мене ми е многу поважно да направам нешто добро од колку да направам нешто успешно.
Многу ми е поважно тоа што ќе го направам да е квалитетно од колку успех по секоја цена. Да ме интересираше успехот по секоја цена ќе бев турбо фолкер. Во 90-те добив многу понуди од некои турбо-фолк звезди кои ги одбив иако беа многу финансиски примамливи.

Но тоа е желба за успех по секоја цена. Тогаш немав таква желба, немам ниту сега. Имам повеќе желба да ми ја наполни душата тоа што ќе го направам. Добро е човек добро да заработува, но тоа е само еден аспект од успехот.
Но најголем успех кој човек може да го достигне е да биде среќен. Затоа што не сите што се успешни се среќни. А сите што се среќни се успешни. Среќата е најголемиот идеал.
Да си среќен подразбира да си здрав, тие околу тебе да се живи и здрави и да имаш доволно пари да ги прехраниш и да си ги дозволиш сите желби за патувања и можности за остварување на мали задоволства. Успехот сам по себе не подразбира среќа, а среќата сама по себе подразбира успех. Затоа човек треба да се труди да биде среќен.
ММАГАЗИН: За еден рокер веројатно нема пострашно од тоа, како што вели Џибони, да се помири со светот. Да се пензионира. Вашиот елан не само што не стивнува, туку се чини дека е поприлично свеж и во кондиција, на каков порив се должи тоа?
Додека те служи здравје добро е да работиш. Бреговиќ имаше еден сликовит коментар: „мислам дека е најдобро од работа на гробишта“.
Во мојот случај додека ме служи здравјето би сакал да свирам и да патувам и да се занимавам со музика. Но штом ќе те заболи нешто некаде, не може да си херој и сите други останати работи паѓаат во вода.
ММАГАЗИН: Се одржувате во одлична физичка и енергетска форма. Како го постигнувате тоа ако е познато дека спортот не ви е атрибут?
Јас сум доста активен човек. Не седнувам во фотеља така лесно. Постојано сум во движење иако активно не се занимавам со никако спорт. Возам велосипед и пешачам.
Пешачењето ми е многу важно зошто целиот стрес насобран од електрониката околу тебе, тој вишок на негативен потенцијал мораш некаде да го испразниш. Најдобро празнење е со пешачење.
Затоа зимските месеци ги доживувам како голема навреда зошто ми го ускратуваат пешачењето како дисциплина, немајќи можност да дишам незагаден воздух. Инаку сум голем фан на пешачење. Не сум приврзаник на фитнес сали и такво измачување на телото.
Читам книги сеуште. Моментно ја читам биографијата на еден голем продуцент… Даниел Ланоа, многу интересна книга. Читам разно разни книги, и романи и белетристика и биографии на музичари. Имам голема колекција на автобиографии од скоро сите значајни музичари.
ММАГАЗИН: Блиското опкружување ве познава како домаќин човек. Веројатно е предрасуда дека е тоа нетипично за популарните ликови ?
Сум одел против тие предрасуди, се надевам дека бев и сеуште сум добар домаќин. Постојано сум низ куќа и нешто чепкам, поправам, дотерувам, набавувам. Ги знам сите домаќински дисциплини.
Хоби ми е во последно време готвење. Станав пасиониран готвач. Еве за денес планирам мусака. Книги за готвење имам одамна ама никогаш не сум ги консултирал затоа што ми се прекомплицирани за употреба.
Но има разни сајтови на интернет, ќе консултирам два, три рецепти и ќе го извлечам најдоброто. Веќе развив чувство како да ги нафрлам работите една по друга, кога и колку да готвам и слично. Не сакам многу да импровизирам зошто уште ги учам основите.
Ексериментирам по малку ама ги сакам оние традиционални јадења, наши, македонски, балкански и воглавно инсистирам на лажица. За мене формулата е следна: ако е вкусно – е здраво, ако не евкусно – не е здраво.
Инсистирам на здрави продукти и да го избегнам ГМО од кое нема бегање, ама имам пријатели од Струмица кои ми носат непрскани производи од малите леи на домаќините и тие нешта мирисаат на детство. Ако мириса на детство, добро е.
Мислам дека готвењето е уметност. Овие големите шефови се уметници. Од начинот на подготовка до послужување, преку бирање на состојки тоа е сто посто Арт. И „зачинот Ц“ кој го чини јадењето е љубовта. Кога ќе уфрлиш енергија, со љубов и посветеност, не преку сила. Мене адреналинот ми расте кога готвам. Со сплет на околности научив многу работи, и така треба да биде.
ММАГАЗИН: Што е за Вас хедонизам, и кои се Вашите хедонистички моменти? Има ли меракот цена?
Немам ништо против хедонизмот. Да се наградиш од време на време за нешто што добро си го сработил. Да се почестиш. Човек треба да се почести за секој мал успех што го постигнал, за секој проблем што ќе го реши.
Да си купи нешто убаво, да отиде во најдобриот ресторан и да го проба најдоброто вино, па дури и да потроши повеќе од колку што планирал. Зошто животот е премиера, нема реприза и ако не се почестиш, ако не си дадеш за право од време на време па макар и хировито да истераш некој ќеиф, тогаш животот е сив и нема возбуда.
Хедонизмот ако има мерка е во ред и немам ништо против живеење во висок стил. Немам ништо против добри автомобили, духовити луѓе околу тебе, добро вино, добра храна, добри хотели, бизнис класа во авионите. Немам ништо против малку комфорт во нашите животи.
Мерак ми е да излезам на некоја фина вечера со пријатели и да зборуваме за некои фини работи. Мерак ми е да отидам на некое убаво море да се избањам, да отидам на планина да се надишам воздух.
Мерак ми е да си купам добро парче облека, некое добро парче hi-fi опрема да си слушам музика, и мерак ми е да си купам гитара плус иако ги имам повеќе од доволно, ама мерак ми е да си купам секогаш нова за да почнам да барам песни во неа.
Инаку уживам во возење. Возењето го доживувам како вид на медитација и често возам сам. Тогаш имам време да размислувам, имам право да не одговорам на повици, и се потпирам на сопствените размислувања.
Од скоро возам нов автомобил и уживам во таа награда што ми се случи. После толку автомобили кои сум ги пробал и возел, ова ми се виде како големо освежување.
ММАГАЗИН: Шоу бизнисот е лизгав терен, како успевате да останете приземен? Кога и како го научивте тоа?
Немам потреба да се правам важен, никогаш не сум имал таква потреба. Сакам да уживам , да свирам, да патувам. Главата ми е стално во облаци, а нозете ми се стално на земја.
Моите фантазии музички, текстуални и креативни се една работа, а мојот опстанок како човек е друга работа. Кит Ричардс има убава изјава по оваа тема, вели: „Лесно се справувам со легендата, тешко се справувам со приватниот живот“. Со легендата Кит Ричардс лесно ќе се справиш, ама кога ќе го заболи колкот приватниот Кит Ричардс тогаш настануваат проблемите.
ММАГАЗИН: Ако Стинг вели Be yourself no matter what they say, како англичанец во Њујорк, како се останува скопјанец во Скопје? Посакавте ли некогаш од професионални или приватни причини да живеете на друго место?
Живеам тука кај што живеам, можеби да сум заминел на некое погламурозно место можеби би упаднал во некои погламурозни и поопасни приказни. Сум имал милион можности за тоа, но секогаш сум се враќал.
Сум останал тука со овој народ кој го разбирам, чиј хумор го разбирам, чија музика, се надевам, дека ја разбирам и чија култура ја следам. Јас ја следам нашата култура, и нашиот развиток и нашите заблуди и дилеми, и нашите успеси. Јас живеам со тоа, и со спортистите и со пејачите. Се радувам на сечиј успех и се разочарувам на секое разочарување.
ММАГАЗИН: Од друга страна, животот во моментно поприлично контаминирана општествена атмосфера се чини не така благодарен за инспирација на артист. Како ја спасувате вашата креација?
Секое место е инспиративно и секоја епоха е инспиративна. Јас воопшто не мислам дека некој мене ми е виновен, дека не ми дава доволно мотивација или инспирација.
Можеш да извлечеш инспирација од секој наслов во весник, од секое ливче на дрво, од секој камен на патот, ако го гледаш така и ако се поставиш така. Не мора да си на Беверли Хилс, за да ти дојде инспирација за некој голем хит.
Доволно е да си овде во дворот на „Ѓорги Димитров“. Тука можеби сум фатил прв пат за рака или сум бакнал девојка. Инспирација постојано има, и она што ти се случувало како млад и она што ти се случува сега.
Ако ги поврзеш работите креативно имаш инспирација, ако ги одврзеш некреативно немаш инспирација. За инспирација мора да размислуваш и да свириш. Јас секое утро со првото кафе прво фаќам гитара, да видам дали имам „маил од потсвеста“. Ако има добро, ако нема никому ништо. Тогаш забележувам некое мотивче, некој риф, некоја фраза кој подоцна може да се развие во нешто интересно.
ММАГАЗИН: Многу квалитетен “штоф“ има во четириесет годишната континуирана кариера за полнокрвна автобиографија. Кога ќе дојде нејзиното време?
Сакам да ја напишам и ќе ја напишам. Чекав децата да ми пораснат малку и верувам дека мојата ќерка Ана ќе биде лектор на таа моја книга. Во мојот живот имам доживеано работи кои не се за деца.
Имам доживеано некој тешки моменти и не можам сè да им разкажам. Биле и тешки и бурни ситуации. Чекам прво себеси да се мотивирам да седнам да ја напишам, и верувам дека ќе биде хит таа книга. Верувам дека ќе има моменти кои не само што ќе бидат инспиративни туку и утешителни за голем број луѓе со дилеми, предизвици, проблеми и непријатни случувања.

ММАГАЗИН: Желбите се генератор на животот. Кои се Вашите неостварени желби?
Неостварена желба ми е куќа на море. Би сакал да имам некоја колиба, не мора да е куќа, само да гледа на море. Можеби e скромно или нескромно, но тоа е моја неостварена желба.
Апропо концертот со Стинг, ми доаѓа на ум една негова приказна која ја знам од прва рака: во неговиот дворец во Англија во кој живее со семејството, во дворот има изградено колиба и спие во неа. Тоа е тоа, зошто да се китиш и фолираш. Не ти требаат дворци и замоци, не ти треба титула на Ројал за да бидеш среќен. Среќата е во малите нешта, сепак.
ММАГАЗИН: Имавте привилегија да растете во уметничко семејно опкружување, но и една поинаква културна матрица, нешта кои ве дефинираа како уметник. Колку ви беше важно да го втемелите тој багаж во воспитувањето на Вашите деца кои денес успешно се реализираат ?
Се трудам колку што можам да им го пренесам тоа наследство. Имам совет за сите деца на овој свет, за сите луѓе, но можеби и го немам правиот за своите деца. За тие кои ти се најдраги, за нив немаш совет зошто ти се мешаат емоциите со филозофијата.
Се меша тоа што го сакаш од нив, и тоа што го сакаш за нив, и тоа што го очекуваш од нив, тука математиката е измешана. Така да се обидувам со сопствениот пример да им покажам нешто. Не сакам да им бидам тутор, не можам со инка да им ставам манири, знаење или однесување.
Можам само со мојот пример да покажам, дека по дома треба да се готви, да се исчисти дворот, да се примат пријатели, да се оди кај пријатели, да се оди во кино, театар, да се читаат книги. Како ќе ги убедиш твоите деца дека треба да се читат книги ако ти самиот не читаш? Постои она “практикувај го она што го проповедаш“.
ММАГАЗИН: Довербата во Вашиот син Јан да ве подржува концертно сигурно не е случајна ниту пристрасна. Но како успеа сенката на раскошното дрво не попречи на цветањето на талентот?
Со него проживеавме сè и сешто, и драго ми е што сега покажува талент за тапани и што сега можеме да свириме заедно. Добро е што одбра друг инструмент и што не свири гитара.
Прилично е компетентен во тоа што го прави и си има свои ставови, свое друштво, си има девојка и свој живот и нека е жив и здрав. Мислам дека не е оптоварен многу. Јас не сонував дека тој ќе најде нешто во моите албуми.
Дека децата мораат да ја слушаат мојата музика. Тоа не пишува никаде. Ама тој ја откри иако се разбира слушаат и додека настанува таа музика. Но сега ја откри музиката на Леб и Сол, и тој е фасциниран од таа музика.
Упорно ги преслушува тие албуми. Бара нешто, нашол нешто во нив. Веројатно бара некое генче во потрага по сопствениот идентитет. Тој бара нешто што предходело на неговото раѓање што е многу интересно.
А ќерка ми Ана, таа има веќе многу сериозен интелектуален и академски дострел. Таа е толку стручна што немам ни што да ја прашам. Веројатно го има генот на нејзиниот чичко.
ММАГАЗИН: Што според вас му фали на македонскиот маж денес ?
Мене ме интересира еден збор – џентлменство. Тоа е култура, не беше така порано, луѓето беа потрпеливи. Ова што ни го наметнаа, овој цивилизациски момент, и светот и технологијата, сите не направи со краток фитиљ.
Да немаме нерви за никого, да немаме време дури и за сопствените деца. Сите брзаме некаде по некој “приоритет“, по нешто што се чини поважно. И во таа трка забораваме и кој сме и за што сме.
И во таа трка навредуваме и повредуваме други луѓе. Јас кај себе ја вежбам таа дисциплина. Толку ни е колку ни е дадено, отсечката е таа. Брзал не брзал пак ќе стигнеш на целта. Судниот час не чека секој од нас.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.