Од 8 до 18 ноември, во киното „Фросина“ на МКЦ, се случува 17-тото издание на Меѓународниот фестивал на европски филм, „Синедејс“. Фестивалската програма започна на 8 ноември, со филмот „Матанги/ Маја/ М.И.А“ од режисерот Стив Ловериџ.

Мотото на ова фестивалско издание е „Збогати се преку ноќ“.

Младинскиот културен центар, како организатор на овој филмски фестивал се обидува да го задоволи истенчениот вкус на својата верна публика и да им понуди шанса да „се збогатат преку ноќ“, барем со ново филмско искуство.

И годинава, во рамките на фестивалот се реализираат традиционалните филмски програми, а меѓу нив гала-програмата ќе изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите вo Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам.

Од вкупно 21 филм, во оваа програма љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат и филмовите: „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс вон Трир, „Суспирија“ на Лука Гуадаџнино, „Човекот што го уби Дон Кихот“ на режисерот Тери Гилиам и др.

Најавени се прикажувањата на филмот „Фаворитката“, на Јоргос Лантимос, премиерно претставен на годинешното издание на Венецискиот фестивал, и долгоочекуваната македонска премиера на филмот „Хеј“, на македонскиот режисер Васил Христов.

Официјалната селекција и програмата „Синебалкан“ и овој пат ги направил Бернд Будер, а организаторот, на уште на прес-конференцијата пред почетокот на фестивалот, меѓу другото најави и дека осум филма на млади европски режисери ќе се натпреваруваат за наградите златна, сребрена и сина „Ѕвезда“.