Изминативе неколку години, климатските промени станаа неизбежна тема во секојдневието. Од ден за ден грижите за заштитата на планетата растат. Сè поголем е бројот на луѓе кои се вклучуваат во активни кампањи и ја сфаќаат сериозно оваа закана. Се вртиме кон пишани извештаи, експертски мислења и документирани темелни истражувања не само за да се информираме што се случува, туку и како да направиме промена. Во прилог, разбудете ја еколошката свест и погледнете некој (или сите) од овие документарни филмови за заштита на планетата и животната средина. 

Our Planet (2019) Овој документарен филм се фокусира на тоа како климатските промени влијаат врз секој еко систем.

Cowspiracy: The Sustainability Secret (2014) Филмот е креација на истиот тим кој го направи What The Health во 2017, а зборува за влијанието на индустријата со добиток врз животната околина. Тргнува од доста веганска гледна точка, без да биде застапена и другата страна на приказната. Но, отвора очи во однос на производството на месо и други производи од животинско потекло. 

Before the Flood (2016) Познат како активист и заштитник на животната средина, Леонардо Ди Каприо е продуцент и наратор на овој свој документарен филм. Во него, тој патува ширум светот обидувајќи се да научи повеќе за загревањето на планетата. 

Chasing Coral (2017) Коралните гребени не се само есенцијален дел од животинскиот воден свет, туку ги штитат и крајбрежјата од поплави во екстремни временски услови. За жал, поради затоплување на водата во океаните, загаденоста и останатите човекови активности, нивната природна убавина е во опасност. 

Forks over Knives (2011) Овој документарен филм ја прикажува важноста и здравствените продобивки од исхрана базирана на овошје, зеленчук и растителни плодови. 

The True Cost (2015) Документарен филм за цената на ефтината гардероба, цената која ја плаќаат работниците во текстилните фабрики, цената по која се платени и цената што ја плаќа планетата за парче гардероба. 

A Plastic Ocean (2016) Ефектите на пластиката која во изобилие ја користи човекот,  врз животинскиот свет во океаните се главен фокус на овој документарец.