Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија. Наградата се вика „Мануел де Оливеира“, и е именувана по легендарниот португалски режисер.
Манчевски наградата ја посвети на извршниот продуцент на „Врба“ Ник Пауел, британската продуцентска легенда, кој почина лани во ноември, една недела по светската премиера на филмот.
За наградата Манчевски вели: „Убава награда во убав град. Мило ми е што „Врба“ го наоѓа патот до срцето на гледачите во повеќе земји”.
Ова е третпат како Манчевски е лауреат на Фантаспорто: во 2016 година доби Награда за кариера при што имаше и ретроспектива на неговите филмови, а во 2017 „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите.