Во пресрет на новата сезона во Formula 1 која е зад аголот, Ferrari го претстави својот нов болид наречен F1-75. Како што може да се забележи, новиот болид на Ferrari ја задржува класичната боја на брендот, збогатена со црни акценти напред и на задното крило, подот на возилото и отворите за воздухот над моторот. Најзабележителни се страничните шкрги за воздух кои доаѓаат со уникатен дизајн кој целосно ги раздвојува тркачката машина од Маранело во однос на остатокот од поставата на шампионатот, поточно оние седум преостанати тимови кои досега ги претставија своите болиди.

Иако користи поширока каросерија како и дизајнот на Aston Martin, горниот дел се спушта надолу при средината и всушност се подигнува повторно како што се приближува кон задниот дел, каде се спојува со поклопецот за моторот. Секако, за да добиеме подобра слика за тоа како ова доста поинакво F1 решение се однесува на тркачката патека, ќе мораме да ги сочекаме претсезонските тестирања, но разновидноста во дизајнерските филозофии дефинитивно претставува нешто што ќе го разубави целото првенство.

Возачите се воодушевени

„Можам слободно да кажам дека сум повеќе од подготвен за оваа сезона. 2021 претставува исклучителна година поради тоа што успеав да научам на кој начин мојот тим функционира одвнатре, со цел да се навикнам на новото опкружување, но исто така и научив доста за Ferrari брендот во Formula 1 и сето она што тука се прави, што секако беше извонредно искуство за мене. Сега е време тимот да го издигнеме на повисоко ниво, да одиме чекор понатаму, а како возачи и тим заедно сме желни за уште поголеми работи и уште поголем успех во оваа сезона, така што подготвени сме да тргнеме и да земеме се што сакаме“, изјави возачот на Scuderia Ferrari Карлос Сајнц.

„Навистина ми се допаѓа. Сметам дека уште повеќе ќе ми се допадне ако биде брз на патеката, но изгледот апсолутно ми се допаѓа. Сметам дека совршено се вклопува. Има потемна нијанса на црвено, изгледа доста поагресивно, но за болид како овој, тоа го прави уште подобар“, смета вториот возач на Ferrari, Шарл Леклер.