Роџер Федерер е жива легенда која и понатаму импресионира со својата моќна и извонредно елегантна игра. Благодарение на својата кариера, Федерер успеа да направи вистинско богатство, а бидејќи поседува договори со компании како што се Rolex, Uniqlo, Credit Suisse и Mercedes-Benz, тој полека се приближува до износот од милијарда долари заработени во текот на кариерата.

Проценето е дека швајцарскиот тенисер до 2019. година собрал околу 800 милиони долари и дека наскоро ќе заработи и дополнителни 200 милиони долари во месеците и годините кои доаѓаат со оглед на новите договори кои ги има потпишано, што значи дека ќе им се приклучи на спортисти како што се Тајгер Вудс, Мајкл Џордан и Флојд Мејведер. Ова значи дека Федерер ќе стане првиот тенисер во историјата кој станал милијардер.

Федерер во текот на својата кариера заработил 115 милиони евра само од награди за освоени турнири, додека остатокот го добива од спонзорски договори. Тој годишно добива и дополнителни речиси девет милиони евра за учество на егзибициски турнир во Јужна Америка. Според Forbes, годишниот приход на Федерер се искачил на 94 милиони евра и покрај тоа што веќе не е во најдобрите години

Можеби ова е причината поради која Швајцарецот се уште одбива да замине во пензија, бидејќи е свесен дека има доста простор да заработи уште многу пари. Сепак, рака на срце, се уште му оди одлично и на теренот, така што годините за него навистина се само бројка.