За уметниците велат дека се посебни исклучителни личности кои пленат со неверојатна енергија и посебен карактер. Префинет француски изглед, сензуалност и неверојатна женственост се карактеристиките кои несебично и припаѓаат на актерката Ева Скендеровска – убавицата од Театар Комедија која плени со нежност и топлина, а ќе ве освои на прва со нејзиниот холивудски шарм на дамите од златното време, неверојатната острина на нејзиниот ум, едноставната отменост и љубов кон уметноста и животот.
Голем број од актерите велат дека сакале да бидат многу нешта во животот па затоа го одбрале актерството како професија во која можеш да бидеш сè. Други пак велат дека влегувањето од една во друга улога им помага барем на момент да избегаат од вистинскиот живот и проблемите со кои се соочуваат приватно…
ММАГАЗИН: Која е твојата причина за избор на оваа професија? Кога се раѓа љубовта кон театарот?
Мојот прв одговор на прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“ бил – гостинка. Не се сеќавам на ова иако памтам дека многу сакав да одам на гости. Потоа знам дека откако памтам за себе сакам да станам глумица ☺. Изборот да бидам актерка во ниеден момент не беше рационална одлука. Кога бев дете, кај мене се роди огромна желба да се бавам токму со ова и изненадувачки таа желба не престана да расте. Сѐуште сум целосно, до срж, вљубена во мојата професија.
Претпоставувам дека во мојот случај не станува збор за избор, туку за творечки порив. Прв пат се заразив со театар во „Театарот за деца и младинци“ и токму тој театарски ансамбл е виновен за магијата што ме обзема од најмала возраст. Седев со ококорени очи и подзината вилица на секоја претстава, мечтаејќи да учествувам во неа и да бидам дел од светот што го создаваа на сцена.
ММАГАЗИН: Веќе долги години си дел од анасамблот на Театар Комедија. Колку се имаш променето од првата изиграна улога до сега? Чувствуваш ли некаква потреба за промена во однос на жанрот, улогите и воопшто самиот театар?
Во Театар Комедија имав можност да созреам професионално за многу кратко време. На таа сцена се чувствувам како дома. Секогаш имам потреба од диверзитет на жанрови, кој меѓу другото во голема мера го добивам во Театар Комедија, би сакала да гостувам во друг театар (дека нели многу сакам да одам на гости☺), но не би го сменила мојот театар. Во моментов се чувствувам удобно и среќно на местото кај што сум. За во иднина, ќе видиме.
ММАГАЗИН: Потекуваш од семејство на голем музичар. Колку уметноста беше присутна додека растеше? Дали некогаш си се обидела да се занимаваш со музика? Можеби некој перформанс или соработка со Скендеровски?
Уметноста беше насекаде како составен дел од животот. Како и музиката. Се разбира дека се бавев со музика, одев на часови по пеење, гитара и музичка продукција. Од соработките со татко ми можам да го издвојам настапот на концертот на „Нон Стоп“ со песната „Тој голем одмор“. Непроценливо е искуството да се пее во живо на рок концерт пред многубројна публика, на 12 годишна возраст со татко ти на сцена. Инаку соработки со мојот татко сум имала уште од најмали нозе кога сѐ уште не сум била свесна што точно се случува. Се сеќавам како се обидува да ме семплува за песната FunkySound на Дарио&Миг-21 додека јас неуморно џвакам краставица. Мислам дека доколку повторно соработуваме денес, ќе биде многу поедноставно ☺
ММАГАЗИН: Дали Македонија нуди услови за градење на актерска кариера? Што е тоа што те мотивира да останеш тука?
Апсолутно нуди услови за градење на актерска кариера, прашањето е каква. Сметам дека до некоја мера, условите си ги создаваме сами. Имаме одлични примери на наши актери кои успешно работат и надвор од границите на државата. Од друга страна односот на државата кон културата и односот на општеството кон уметникот е нешто кое не можеме баш да го создадеме самите. Мотивација? Сакам да бидам дел од секојдневниот живот на луѓето што ги сакам. Ми требаше време за да сфатам од колкава важност е тоа за мене. И од време на време сакам да си мислам дека позитивно придонесувам во нашето општество и дека е тоа исто така многу важно.
ММАГАЗИН: Како е да се биде актер во едно вакво време кога театарот е последен на листата приоритети, а вие како актери немавте можност со месеци да работите? Се чувствуваш ли креативно заробена? Што правеше имајќи предвид дека буквално го имаше целото време на светот? Откри ли нешто ново за себе?
Да се биде актер сега е фрустрирачки до немајкаде. Мислам дека никој не го предвиде ова сценарио во кое е опција театарот да застане со работа. Се чувствував креативно неисполнета. Па затоа се трудев да си го исполнам денот со убави активности. Се посветив на цвеќињата дома, им се радував додека растат, си ја преуредив библиотеката и се упатував на долги прошетки во градскиот парк или на Водно. Открив дека можам да бидам многу поорганизирана од тоа што мислев.
ММАГАЗИН: По 6 месеци пауза подготвивте претстава. Театар на отворено. За што точно станува збор и дали можеби ја најдовте формулата по која вие, а и другите театри ќе можат да работат во овие услови?
На наша голема среќа, Театар Комедија обезбеди протоколи за работа, па така сите трчајќи се вративме во театарот. Односно пред него. Игравме надвор, на летна сцена пред бифето на театарот, со ограничен број на публика. Токму тука ја изведовме премиерата на претставата “Си беше еднаш…” текст на Нил Сајмон, во режија и адаптација на Синиша Евтимов. Среќна сум што имав можност да работам после толку време, но во исто време уплашена за времето и настаните што следат, земајќи во предвид дека е ова привремено решение.
ММАГАЗИН: Постои ли некоја улога која ти е животна желба? Имаш ли некоја актерка на која се угледуваш? Која актерка би сакала да ја глумиш на филм?
Имам еден тон животни желби, на пример една од нив е да ја играм Cat woman, исклучиво во режија на Кристофер Нолан. Пореалните желби си ги чувам за себе ☺ Не би можела да издвојам една… Мерил Стрип, Кетрин Хепбрн, Бет Дејвис, Вајола Дејвис, Ингрид Бергман, Вивиен Ли, Џесика Ланг, Никол Кидман, Сузан Сарандон, Хелен Мирен,Ема Томпсон, Џулиен Мур, Кејт Бланшет, Шарлиз Терон, Анет Бенинг, Тилда Свинтон, Натали Портман, Рејчл Брознахан… за мене се сите непресушна инспирација. Не би ми пречело ако било која од горенаведените треба да ја играм, но еве ако мора да изберам би сакала тоа да е Вивиен Ли.
ММАГАЗИН: Важиш за една од најубавите актерки во Македонија. Колку изгледот е важен во твојата професија? Дали мислиш дека убавите жени поминуваат полесно во животот? Како ти гледаш на убавината?
Убавината е субјективна и затоа дискутабилна како поим и појава. За мене врвна убавина поседуваат луѓето кои ја негувале најпрво внатрешно и тоа се одразува на нивниот надворешен изглед. Сметам дека негувањето на надворешната убавина и занемарување на другата, е бескорисно и краткотрајно. Убавите луѓе поминуваат поубаво и полесно во животот и нивната убавина трае вечно.
ММАГАЗИН: Кој е твојот став за голотијата во интерес на улога или начин на доловување некаква приказна како на театар, така и на филм, имајќи го предвид фактот дека сепак за жал сé уште живеме во едно стереотипно општество каде многу нешта се сметаат за табу? Дали би прифатила ваква улога доколку ти е понудена и која е твојата црвена линија од која никогаш не би отстапила?
Поголемиот дел од времето сметам дека голотијата е сосема непотребна за живописно да се раскаже една приказна. Но доколку ја има во филм или театар, ја сакам кога е суштински и естетски поткрепена. Не можам да поставам црвена линија на слепо, не знам со какви улоги ќе се сретнам во иднина.
ММАГАЗИН: Што е за тебе хедонизмот? Колку го практикуваш?
Хедонизмот е начин на живот. Не се практикува, се живее.
ММАГАЗИН: Надвор од театарот кои се твоите интереси? Можеби готвење?
Обожувам да јадам вкусна храна, па затоа морав научам како да ја подготвувам. И така полека почнав да ја разоткривам уметноста на готвењето. Ако можеше да се нарече хоби дегустирање на разноврсна храна, тоа ќе беше моето омилено.
ММАГАЗИН: Дали себеси се сметаш за добар возач… кој е подобар возач: мажите или жените? Кој е твојот омилен автомобил и дали си зависна од адреналин и брзина?
Се сметам себеси за одличен возач, можам нескромно да кажам. Уживам во возењето кола и ми се допаѓа адреналинот кој доаѓа со брзината (доколку се вози безбедно). Ептен би сакала да возам еден црвен MiniCooper.
ММАГАЗИН: Совршениот маж – како изгледа и што е она што прво ти паѓа во очи кај мажите? Што е она што ти е одбивно кај мажите, карактеристика која не би ја прифатила?
Вредностите по кои се раководам сметам дека се универзални и се првото нешто што ми паѓа во очи кај било кој човек што ќе го сретнам. Верувам во родова еднаквост и не мислам дека постои совршен човек. Така што слатките несовршености се украс на карактерот на човекот. Индивидуално гледано совршен човек е оној чии несовршености ќе останат слатки и по подолго време.
ММАГАЗИН: Што им недостига на македонските мажи?
Имагинација.
ММАГАЗИН: Дали некогаш на сцената си се нашла во улога на маж? Колку е предизвик за една жена да влезе во улога на маж?
Не сум имала прилика да играм маж, но во претставата „Човек, ѕвер и доблест“ го играм единаесет годишното момче Ноно. Ми беше огромен предизвик заради двете поголеми пречки, дека треба играм дете кое е машко. Иако на почетокот ми изгледаше тешка и страшна задачата која ја добив, подоцна открив дека се забавувам и уживам запознавајќи се со ликот. Се надевам дека во иднина ќе имам прилика да играм некој комплексен машки лик.
ММАГАЗИН: Како социјалните медиуми ти помагаат или го отежнуваат животот? Дали сметаш дека достапноста и изложување на животот на тацна ги поремети вредностите? Колку ти ги користш социјалните медиуми за себе промоција?
Социјалните медиуми „рекламираат“ слика за себеси која сакаме да им ја покажеме на другите. Доколку таа слика се измеша со нашата реалност, постои опасност да почнеме да си веруваме на илузиите што ги презентираме. Моја препорака е да ги исклучиме телефоните од време на време. Мерката е одговор на сѐ.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.