Исто како и жените, така и мажите неретко знаат да застанат пред огледало и да си направат малечок список во главата на сите несовршености кои ги гледаат. Бори кои ги немале пред неколку години, масно ткиво под струкот, „пивско стомаче“ кое не постоеше пред големата 30ка, дамки на лицето, густина на косата која оди во негативна линија…

Да, сите ги имаат и совршено би било кога истите би биле сфатени како белези кои сведочат за искуството и мудроста, наместо на стареењето, но реалноста е дека истите пречат и несомнено влијаат врз самодовербата, а секако сите сакаат да изгледаат небаре времето сопрело.

И доколку мислевте дека само жените се тие кои се осмелуваат да легнат „под нож“, игла или ласер за да ги корегираат своите несовршености, се лажете. Иако кај нас, на естетската хирургија кога станува збор за мажите се гледа на табу, во светот состојбата е далеку поразлична.

Замислете, во Америка истражувањата покажуваат дека во 2018та година дури 1,8 милиони мажи одлучиле листата на несовршености да ја скратат од проста причина што за повеќето зафати воопшто не е потребна анестезија или е минимално инвазивна.

Благодарение на интернетот и социјалните медиуми, како жените, така и мажите имаат апсолутно комплетен пристап да истражат и откријат што сè може и да се корегира, кои се опциите и дали постојат ризици од непосакувани ефекти.

Една од главните дилеми кога станува збор за естетска хирургија кај мажите е прашањето „Дали ќе се познава дека сум направил корекција?“ И секако, балканското „Што ќе кажат другите ако дознаат?“

Во моментот, кога желбата ги руши табуата, мажите најчесто се одлучуваат да ги направат следниве зафати – поткревање на очни капаци, отстранување на масно ткиво во пределот на стомакот и градите, ринопластика, трансплантација на коса и секако затегање на скротумот.

Липосукција или отстранување на вишок масно ткиво

Понекогаш дури и најстрогите режими на исхрана во комбинација со редовни тренинзи, едноставно не се доволни за да се постигне посакуваниот резултат. Стресот, генетиката и годините понекогаш си го прават своето, па токму затоа липосукцијата и липоскулпцијата се тука да помогнат, давајќи брз и ефективен резултат.

Како се изведува? Процедура каде вишокот масно ткиво се разбива од телото со помош на ултразвук, со отоци или со вшмукување. Сепак постапката не е иста кај мажите и жените, поради фактот што целта на жените е да изгледаат послабо, додека кај мажите фокусот е на дефинирање на телото и истакување на мускулната маса.

На оваа процедура најчесто се одлучуваат мажите кои се доцни 30ти и нагоре, кои бараат да им биде отстрането масно ткиво од парцијални делови од телото – стомак, врат, подбрадок и слично. Процедурата, во зависност од деловите каде се прави не трае повеќе од 2-3 часа, а резултатот е дефинирано тело, без вишок масно ткиво.

Гинекомастија или намалување на градите

Ова е можеби најчестиот зафат на кој се одлучуваат мажите во последниве неколку години и истиот најчесто е резервиран само за мажи. Гинекомастија е медицински термин за зголемени или феминизирани гради кај мажите и хируршката процедура обично вклучува остранување на ткивото во комбинација со липосукција како би се направила правилна контура во областа на градите.

Гинекомастијата како естетски феномен може да се сретне кај околу 50% од мажите уште од самото раѓање и на секој четврти маж кој се наоѓа во старосна рамка помеѓу 50 и 69 години. Процедурата трае околу 90 минути и после истата потребна е една недела за целосно опоравување.

Блефаропластика или поткревање на очните капаци

Оваа процедура е најпопуларна кај мажите во средни години кои сакаат да ги корегираат паднатите очни капаци кои прават да изледаат уморно и старо. Сепак, ова не е класична процедура на лифтинг на лицето (својствен за жените), туку едноставно корегирање на вишкот кожа под очите и очните капаци, истата вклучува отстранување на вишокот кожа и измазнување на борите во пределот на очите, додека резултатот е мазна и помладешка кожа. Процедурата, како и закрепнувањето се брзи, а веројатноста дека некој ќе забележи дека сте направиле естетски зафат е мала, бидејќи резултатите се суптилни.

Трансплантација на коса

Трансплантацијата на коса дефинитивно стана популарна и општо прифатена меѓу мажите во моментот кога Вејн Руни на својот Твитер профил објави дека подлегнал на истата. Од тогаш Руни не е сам, околу 40% од мажите низ светот уште пред 35тата година се одлучуваат да ги пополнат местата каде косата станува се поретка или воопшто ја нема. Главниот виновник за опаѓањето на косата е андрогена алопеција (популарно позната како ќелавост кај мажите) и е еден од главните виновници за ниска самодоверба.

Оваа процедура е подолга и трае од 6 до 8 часа, но истата е многу ефективна и безбедна бидејќи се користат трансплантни од сопствената коса (техника наречена екстракција на фоликурална единица, односно земање на фоликулот од местата каде косата има поголема густина), па ризикот дека телото ќе го исфрли трансплантот воопшто не постои, но доколку сте генетски склони кон ќелавост, процедурата е потребно да ја направите неколку пати во текот на животот.

Ринопластика или корекција на нос

Ова е можеби една од најпопуларните естетски корекции во светот, со илјадници зафати годишно. Истата може да биде од исклучиво естетски карактер да се намали големината или да се корегираат претходни скршеници на носот, но може да има и медицински карактер кога истата е потреба за да се ослободат блокирани дишни патишта.

Ринопластиката ужива огромна популарност поради фактот што благодарение на неа, може да се подобри целосно изгледот на лицето. Сепак, мажите повторно имаат различни барања од жените кога станува збор за овој зафат па неретко бараат носот да изгледа машки и не толку совршен, односно да изгледа колку е можно поприродно, а сепак поубаво.

Оваа процедура не остава никакви лузни и истата се прави со реобликување на носната коска, одземање или додавање на ткиво за менување на обликот и големината на носот. Процедурата трае околу два часа, локална анестезија и едно ноќевање во болница. Опоравувањето трае обично десетина дена додека отокот од операцијата да спласне.

Скротопластика

Да, стигнавме до моментот кој можеби илјадници пати ви поминал низ глава но кој вешто го потиснувате. Време е да зборуваме и за лифтинг на скротумот, кој верувале или не во Велика Британија бележи огромен пораст кај мажите кои имаат висока свест за изгледот на телото. Ако на прашањето „Колку долу е премногу долу?“ одговорите „Малку подолу од што треба,“ лифтинг на скротумот може да е решението за отстранување на вишокот и опуштената кожа околу тестисите.

Иако можеби не сте слушнале за ова, скротопластиката не е само уште еден измислен холивудски хир. Оваа процедура постои одамна и истата на почетоците била наменета за обновување на скротумот поради повреди или канцер, но имајќи ја како опција, неретко денес се применува и чисто од естетски карактер.

Процедурата вклучува отстранување на вишокот кожа и повторно спојување на мускулот на спојот на скротумот како би се намалиле лузните. Операцијата трае 90тина минути под локална анестезија, по што пациентите ја напуштаат болницата уште истиот ден.

Пишува: Лилит

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ