Во кариера која се протега цели седум децении, сер Ентони Хопкинс се етаблираше како еминентен машки актер на својата генерација. Пред 60 години се етаблираше како еден од најветувачките млади актери во Велика Британија во Националниот Театар под водство на сер Лоренс Оливие, за денес да стане жива легенда која е сведок на култни случувања во филмската уметност.

Иако е најдобро познат по играњето на батлерот Стивенс во The Remains Of The Day и серискиот убиец Ханибал Лектор во The Silence Of The Lambs и неговите продолженија, тој не застанува, а неговиот опус во последните години е проширен со главната улога во Westworld, како и улогите во The Two Popes и The Father, кои му донесоа две номинации за Оскар, а за вториот филм дури и се закити со златната статуетка – по втор пат во својата богата кариера – дури и на негово општо изненадување. Така, со своите 83 години, тој стана најстариот победник некогаш. Зад своето име има и уште еден Оскар, како и две Еми и четири BAFTA награди.

Ентони Хопкинс

„Академијата ги принуди дел од номинираните кои не присуствуваат на манифестацијата да бидат во Лондон или Даблин, а со оглед на моите години и ризикот од Ковид и сето тоа, немав намера да заминам. Си легнав, а околу пет часот наутро заѕвони мојот телефон. Агентот ми рече: ‘Тони, го освои вториот Оскар’. Не можев да поверувам. Сите станавме и славевме. Тогаш, го направив мојот мал говор и му оддадов почит на починатиот Чедвик Боусмен, чиј млад живот згасна“.

Брилијантната работа на сцената и екраните доведе до тоа Хопкинс да биде вистинска легенда. Таквото признание доаѓа и од британското издание на GQ, кој го прогласи за легенда на годината, а во пресрет на церемонијата, тој направи осврт и на неколку случувања кои оставија силен белег во неговата кариера.

За заминувањето во САД и култната улога на Ханибал

„Бев дел од Националниот Театар, си поминував одлично и добив одлични можности од луѓе како Лоренс Оливие. Но, имаше нешто во мене што не ме држеше во место. Не можев да се вклопам, па се одлучив на голема промена. Во 1973 година ја напуштив Велика Британија и заминав за САД, а тогаш ми рекоа дека никогаш повторно нема да работам. Тоа ми го рече мојот тогашен агент. Бев бунтовник, бев борец и бев решен за некои работи. Но, тоа е минато. Можеби бев проблематичен карактер, но сега сум стар“, вели Ентони Хопкинс за својата одлука да замине „преку барата“.

Секако, улогата која му ја донесе веројатно најголемата популарност и слава е онаа на Ханибал Лектер во The Silence Of The Lambs.

„Знам дека постоеја сомнежи кај некои луѓе, бидејќи во неделата по првото читање, заминав на вечера со Џонатан Дем, со три или четири продуценти и нивните сопруги и се сеќавам на еден продуцент по име Кен Ат. Тој рече: ‘Ќе биде интересно утре, Тони. Да видиме како ќе оди’. Знам дека си мислеше: ‘Каде ли го нашле овој?’. Во секој случај, следното утро започнавме со читањето и дојдовме на сцената со Џуди Фостер и реков (со совршен глас на Лектер): ‘Добро утро. Ти не си навистина од ФБИ’, и се сеќавам на реакцијата на Кен ‘Боже мој’. Знаев дека ги добив. Се сеќавам дека имав и расправија со дизајнерот на облеката бидејќи ме облекуваше во широк портокалов комбинизон. Реков: ‘Не, сакам потесен костум. Лектер сигурно ќе потплател некого’“, открива Ентони Хопкинс за делото и улогата кои станаа инстант хит и култна легенда меѓу љубителите на филмот.