„Сакам сликите да изгледаат чисто, свежо и се трудам да бидат во минималистички стил. Симбол нема, но белата линија е мој начин да кажам дека само мал потег ја дели сликата од својот полн израз.“

Јавноста ја познава како една од најубавите манекенки во Македонија, но таа е многу повеќе од тоа. Природна, нежна, а сепак доволно силна да се пробие во еден нов свет кој допрва се пробива на нашите простори. Бескрајната потреба за слобода, во кохезија со нескротлив порив за творење несомнено создава уметност која излегува од рамките на конвенционалното. Кажи ми нешто за себе. Која е Елена Гугоска приватно и професионално? За што сонуваше кога беше дете?

Приватно сум многу емоционална, посветена на најблиските и предадена на моментите кои ги поминувам со нив бидејки придонесуваат кон мојата мотивација. Сакам кога ќе застанам малку, но вистински, макар и за мала пауза затоа што само така можам да продолжам каде што сум застанала без да го изгубам фокусот. Ова се однесува и за моето професионално однесување. Не ми е проблем да преземам поголем број обврски, научив да се организирам и нивното елиминиирање во мојот “to do” список многу ме радува. Се вложувам искрено во проектите на кои работам и ми значи кога и луѓето со кои соработувам ја делат истата енергија со мене. Како дете сонував да го видам секое место на планетата и на девет години го почнав “проектот” одејќи во Украина преку клубот за танцување и до ден денес мојот пат околу светот сè уште трае и се крчка со секојдневни планови.

ММАГАЗИН: Веќе неколку години се занимаваш со UX/UI дизајн, нешто кое е ново во нашата држава. Колку време се занимаваш со ова и од каде идејата да се пробаш токму во оваа сфера?

UX/UI дизајн е термин кој речиси секогаш се сретнува заедно, барем кај нас. Македонската верзија е корисничко искуство/кориснички интерфејс и основната цел на секој кој се занимава со ова е да го подобри пред сè корисничкото искуство во рамките на апликација или софтвер правејќи го интуитивно за употреба, зголемувувајќи го перформансот што води кон олеснување на дигиталните навики на корисниците.

Ова се постигнува преку креирање на добро осмислен интерфејс чија цел е да ги овозможи сите интеракции на потенцијалниот корисник на што е можно подобар начин за него. Со оваа професија почнав да се занимавам пред три години и тоа се случи кратко време после завршувањето на академијата за графички дизајн. Моето размислување беше дека би сакала да почнам нешто со кое ќе ја поврзам мојата факултетска професија – менаџмент префрлувајќи ја во дигиталниот свет, па можам да речам дека UX/UI е идеална комбинација која ги спојува тие вештини.

ММАГАЗИН: Каква е бизнис климата за оваа професија во Македонија? На кои проекти работиш во моментов и како воопшто ги наоѓаш истите?

Не можам многу да зборувам за бизнис климата во Македонија по однос на UX/UI бидејќи според досегашното мое искуство фирмите во странство се порасположени да го препознаат потенцијалот и потребата од UX/UI дизајнер, за разлика од македонските, но токму тоа е показател за просторот што треба да се пополни на нашиот пазар.

Поголемиот број проекти на кои сум работела се во соработка со странски фирми, вклучувајќи ги тие на кои работам во моментот. Тоа се проекти во кои работам UX/UI на мобилни апликации, веб страници, софтери и дигитални тренинзи. Моите први проекти беа во рамките на фирма, но понатаму видов дека работата како freelancer повеќе ми одговара, па така и продолжив. Наоѓањето нови проекти досега повеќе се одвива по препорака.

ММАГАЗИН: Желбата за уметност, се провлекува низ целиот твој живот – фотографија, графички дизајн и секако твојот најнов проект Drawspective. Синергијата на десната и левата хемисфера несомнено ти помагаат умешно да балансираш меѓу практичното и креативното. Што се крие зад приказната на твојата креативна страна?

Drawspective доаѓа после многу години живеејќи ја мојата креативна приказна. Ова е проект кој некое време го осмислував и конечно успеав да му изградам карактер и да му најдам место помеѓу моите обврски. Хронолошки, идејата се роди- во моментот посакав да им го дадам на фотографиите она кое не можеше да се види, а јас го гледав додека ги правев. Значи, би можело да се каже дека го доцртувам тоа што објективот не може да го прикаже. Им дообјаснувам на сите, сè што не сум можела да им раскажам во прв здив и си го продолжувам чувството за себе.

ММАГАЗИН: Неконвенционалноста на творењето, неретко е прозорец кон нови култури, светови, перспективи. Која е твојата крајна цел? Што е она кое сакаш да го пренесеш на публиката преку твоите фотографии?

Немам крајна цел, уживам додека го правам ова и секоја нова работа што ја создавам се надевам дека е доволно впечатлива за публиката да може да ја доживее на свој начин. Она што сакам да го пренесам е искреноста со која работам, мојата перспектива и мојата верба дека постои извонреден свет надвор од нашиот и секој треба да се осмели да го искуси за да стигне до некој нов дел од себе. Мојата инспирација е од моментите кои сум ги поминала во тие земји, од сите разговори и нови сознанија. Движечка сила е желбата да ја покажам повеќестраноста на човечкиот дух.

ММАГАЗИН: Креативното изразување тесно се поврзува со поривот кон внатрешна слобода. Кога го уживаш својот креативен максимум?

Кога се ослободувам од притисок, кога знам дека е момент да си направам време за себе и да си го најдам катчето во кое ќе се повлечам за да креирам. Додека го правам тоа се трудам да ги бркам мислите кои ме влечат да се вратам во комфор зона, оние мисли “дали ќе им се допадне на другите и дали е доволно добро…” Се препуштам на инспирацијата и на тоа да извлечам најмногу од себе во првиот бран, го сакам тоа работење во еден здив и се трудам здивот да трае што подолго.

ММАГАЗИН: Преку Drawspective имаше шанса да посетиш доста необични места во светот. Која култура ти има оставено најмногу впечаток? Колку од твоите фотографии кријат необични приказни? Постои ли некоја која те оставила без зборови?

Прва земја што ме освои беше Камбоџа. Тој народ има многу преживеано, немаат доволно, сиромашни се, а сепак се толку позитивни и полни со живот. Кога ќе се слушне целата приказна околу нивната историја ( и тоа не многу далечна историја) и низ што сè поминале, секоја насмевка што ќе ја сретнеш ти ја прави уште подрагоцена.

Многу од фотографиите кријат целосни приказни во позадина, бидејки не се случајно направени. Често разговарав со луѓето и прашував за нивната култура. Најпогодена бев од приказната на Масаите во Занзибар. Ми раскажуваа за тоа од кое племе се дојдени, дека не знаат колку години имаат бидејќи не го бројат времето со бројки како нас, за да можат да се оженат мора да убијат лав за да ја докажат својата храброст.

ММАГАЗИН: Како изгледа изработка на една фотографија – инстинктивно или плански? Како ги избираш имињата – делата те водат тебе или пак ти ги водиш нив?

Инстинктивно. Прво ги одбирам фотографиите на кои сакам да цртам, им се посветувам на секоја посебно и се инспирирам за тоа што би сакала да го претставам на илустрацијата. А за избирањето на имињата, некогаш тие ме водат мене и што се вика “вриштат гласно”, а некогаш јас нив во зависност од тоа како ќе ме инспирираат сеќавањата, самата фотографија или илустрацијата.

ММАГАЗИН: Дали мислиш дека мажите се плашат од убави и успешни жени? Какво е твоето искуство на оваа тема?

Мислам дека некои мажи се плашат, некои се инспирираат од нив. Ова прашање предизвикува и сладок и горчлив вкус затоа што сум се нашла и во двете сценарија. Јас верувам дека и кај мажите, но и кај жените може да се случи повлекување и некаква “загрозеност” од успешност или убавина и тоа е најдоброто огледало на меѓучовечките односи во повеќе општества. Би кажала дека за да “закрепнеме” од таа состојба, треба сите да се позанимаваме подобро со својата доверба во себе.

Како изгледа совршениот маж за тебе?

Мислам дека веќе сме големи за да се занимаваме со совршеност 🙂

ММАГАЗИН: Сметаш ли дека си жена која се бори во еден машки свет?

Се борам, но дефинитивно не во машки свет. Светот во кој што јас живеам има многу поголеми “проблеми” за решавање, во кој се бориме сите заедно.

ММАГАЗИН: И за крај, каде се гледаш во иднина? На што работиш во моментов?

Во иднина се гледам како храбро се справувам со уште попредизвикувчки времиња. Се надевам дека ќе продолжам да работам на себе со истиот ентузијазам, дека ќе се занимавам и понатаму со UX/UI и едвај чекам да видам како оваа гранка ќе се развива. Моментално работам на freelance проектите и учам постојано преку различните процеси. Кога чувствувам дека е време за одмор, го отворам фолдерот на Drawspective и се опуштам осмислувајќи ја следната содржина.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.