Доказ дека љубовта секогаш го наоѓа својот пат е токму оваа девојка, Калина Велковска. А дека соништата се исполнуваат, може со сигурност да ви потврди. Никогаш не е предоцна да се преземе кормилото на сопствениот живот во свои раце и храбро да се зачекори кон она за кое срцето жедно копнее. Конечно местото под музичкото ѕвездено небо го отвара својот пат исткајан од ноти.

М МАГАЗИН: Како започнува твојата музичка приказна? Кога првпат се јавува љубовта кон музиката?

Откако знам за себе, знам и за музика. Но, кога дојде моментот да се запишам во средно училиште и да одберам што сакам во животот, моите родители одбраа место мене. Одбраа за мене, нешто што тие го сметаа за вистинско школо, иако од мали нозе бев маѓепсана од музиката.

Kalina VelkovskaЗавршив нижо музичко, пеев во различни детски хорови и секој ден за мене беше музика. Професорот Димитрија Бужаровски уште тогаш го забележа мојот талент и специфичниот вокал, па сакаше да се обидам со стипендија за школување да го развивам гласот некаде надвор од Македонија.

Сепак, моите родители пресекоа, па моето школување се развиваше во сосем различна насока. Завршив гимназија, потоа се запишав на факултетот за биотехнологија, генетички инженеринг. Иако оваа професија беше многу интересна, не се пронајдов во истата, па одлучив да се пробам себеси во нешто друго.

Почнав да работам маркетинг, па преку истиот спознав дека одлично се снаоѓам пред јавноста, дека немам срам. Во меѓувреме љубовта кон музиката ја негував преку настапи со метал бендови, во времето кога свирките „по гаражи“ беа многу актуелни. Тогаш се случи мојот прв сериозен музички настап, кога групата во која пеев беше поканета да настапи како предгрупа на Whitesnake во 2006 година.

Бев фасцинирана од магијата која постоеше на сцената и тогаш повторно си потврдив себеси дека моето место е таму. Паралелно се занимавав со музика и во меѓувреме завршив уште еден факултет, Филолошки факултет. Сепак, најголемиот пресврт се случува пред една година, кога решив да оставам сé, да престанам да се лажам себеси и конечно да се посветам на мојата вистинска љубов, музиката.

М МАГАЗИН: На твојот YouTube канал се наоѓа еден интересен проект Kaly’s Music Challenge. Можеш ли да ми кажеш каде се раѓа идејата за него?

Тоа е еден интересен концепт кој започна многу спонтано. Четири пријатели музичари и еден мобилен телефон. Снимивме една нумера, провоцирани од егоцентризмот во оваа држава кога станува збор за музичката фела. Сакав да им покажеме на сите дека музика може да се прави и кога не станува збор за пари, дека не мора секогаш да се чека нешто за возврат, дека кога во нешто ќе се даде љубов, кога нешто е искрено и реално, истото ќе наиде на позитивна реакција од публиката.

Во септември минатата година се сними првата епизода и оттогаш, не престанав со снимање. Постојано повикувам нови пријатели кои доаѓаат од сите делови на државата и секаков тип на музичари, различни вокали. Гостинот си ја бира нумерата која сака да ја изведе, јас се грижам за логистиката, а аранжманот го правиме заедно.

М МАГАЗИН: The Voice, музичко реално шоу добро познато и почитувано во светската јавност. Како решаваш да тргнеш кон Исток и да се пријавиш на бугарскиот The Voice?

Ако нешто не сакам, тоа се талент шоуа, целиот живот се обидувам да ги избегнам, уште во времето на првата генерација на македонското музичко шоу М2. Секогаш повеќе ме мамеше авангардата. Овој пат нешата се случија различно. Бугарската продукција на музичкото шоу се најдоа на една моја свирка со матичниот бенд, тука во Скопје.

Ми пристапија, но јас иако отпочеток немав воља, сепак прифатив. Бев скептик, но тие ме убедија дека иако сметам дека не сум профил на музичар кој го бараат, дека сум баш тоа што го бараат, дека можат да ми го понудат токму тоа што ми треба, можност за експонирње во јавноста.

Да се запознаам со вистинските луѓе и да имам можност да ја правам музиката што ја сакам. Во шоуто учествуваат и други македонски претставници. Сега сме се уште на почетокот, главната аудиција помина, допрва ќе се возиме зад локомотивата The Voice.

М МАГАЗИН: Како го поминуваш слободното време? Постои ли начин преку кој се чистиш од креативното лудило?

Многу ја ценам тишината. Надвор од целата музичка хаварија, со сите звуци, луѓе концерти, технички логистики, концерти…

М МАГАЗИН: Уметноста на креирањето се крие во бескрајната потреба за слобода. Дали чувстуваш порив за создавање нешто свое?

Сум пробала, но не сум доволно реализирана во таа насока. Имам една целосно авторска песна со своја музика, текст и аранжман Ла Коломбина од Ла Колони Волвокс, а останатото е фиока полна со текстови и музика кои чекаат да се освестам дека повеќе нема време за чекање.

М МАГАЗИН: Во светот на естрадата и јавниот живот линијата меѓу реалното и нереалното е многу тенка. Се плашиш ли дека славата стекната преку ноќ лесно може да те изгори?

Животни лекции се во прашање и секогаш има што да гори. Никој од нас не е апсолутно семоќен ниту способен, ако некоја ситуација не ми се случила не знам како ќе реагирам на нејзе. Не велам (никогаш?) за ништо два пати, доволно сум изгорена, што не значи дека некој нема да ме изгори повторно.

М МАГАЗИН: Со какви опструкции се имаш соочувано?

Финансиски опструкции за сé што сакам да реализирам. Предрасуди – мислам дека тоа е најгрдата опструкција што ни ја наметнуваат луѓето и колегиумот многу, несвесни дека потпаднале под влијание на нешто што не сакаат да им се случи. Човечкиот фактор е најстрашната опструкција што може да се случи, дури од оној што најмалку очекуваш и најмалку се надеваш.

М МАГАЗИН: Колку музичарите се губат себеси обидувајќи се да ги задоволат потребите на пазарот?

Целосно знаат да се изгубат, особено кога сакаат да го забрзаат процесот и да стигнеме да се позиционираме во општеството. Се губи финансиската стабилност, креацијата, идентитетот, сензибилитетот. Сите се губиме, некој повеќе некој помалку, некој повеќе за жал.

М МАГАЗИН: За што најчесто се прави компромис кога станува збор за музичката индустрија, за што ти никогаш не би направила компромис?

Да бидам убава и глупа пред камера по секоја цена. Креативниот порив и жанрот во кој сакам во моментот да се истакнам. Критериумите не смееме да ги спуштаме, не смееме да попуштаме кога некој од нас бара да следиме некој тренд.Kalina Velkovska

М МАГАЗИН: Кои се твоите желби и планови во иднина, за што сонуваш?

Музика, да можам да го правам тоа што го сакам без многу опструкции, да го остварам она што го имам замислено и она што го држам во себе долги години.

М МАГАЗИН: Како за тебе изгледа совршениот маж?

Хуморот и харизмата се најнеодоливото нешто за мене. Да те фати за рака и насмее кога буквално светот ти се руши, да ти даде подршка.

М МАГАЗИН: Што е она што најмногу ти пречи кај мажите денес?

Лабавост.

М МАГАЗИН: Што е она што на прв поглед те привлекува кај еден маж?

Ако не остави една убава аура, една енергија, ништо. Попусто е убав ако не зрачи.

М МАГАЗИН: Како би го опишала македонскиот маж?

Во млади години проблем со пуштање стомак, малку повеќе потреба од подбутнување, ентузијазам, а од друга страна најдобар другар. Класичен македонски маж.

 

(интервјуто беше објавено во списанието Машки Магазин во март 2020)

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.