Таа ќе пробива бариери, ќе руши стереотипи, ќе разбива предрасуди. Инспиративна во својата појава и сугестивна во својот настап, радикална во страста за пропагирање на вистински вредности, со изглед на модел и говор на актер, Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во СУ „Раде Јовчевски Корчагин“ наместо правило ќе биде доживеана како исклучок, како контраверза, но за среќа и како урнек во професијата која живот и значи….
М Магазин: Ако е вистина дека постојат три вида на учители: оние кои прекоруваат, тие кои обучуваат и оние кои инспирираат, несомнено (тоа впрочем и официјално учениците ќе го верификуваат) ќе ве кодира како професор од третиот вид. Кога ја дефиниравте желбата и вербата во професорската заложба?
За студии се двоумев, дали на психологија или на светска книжевност, имав афинитети за студирање на двата факултети. Растев со дедо невропсихијатар и татко наставник по математика, кој не успеа да ми ја активира десната хемисфера на мозокот, и во гимназијата „Орце Николов“ сите четири години бев одлична со тројка математика кај проф. Младеновиќ.
Но растев и со креативни потенцијали, што понекогаш е товар за да се одбере нешто конкретно од нив за студирање. Веројатно потенцијалот за пренесување знаеања и вештини, поривот за читање книги и вербата во учителската заложба, во одреден период биле силни за да станам тоа што отсекогаш сум сакала, професор по македонски јазик како тетка ми Стефка Прокопиева. Инаку, во тоа време, професорската професија не само што беше општествено почитувана, туку идеална за семејна жена.
Светот на книгите е магија која не престанува, времето и ја зголемува моќта, расте потребата, желбата и љубовта. Книгата е исто што и саканото суштество, непресушен извор на емотивни патешествија, волшепство во кое секогаш се пронаоѓаш себе и остатокот од светот, нем соговорник и сопаталец.
М Магазин: Старата мудрост која упатува дека колку повеќе духовност толку помалку материјалност како да го отсликува Вашето неоптоварено движење низ овој денес испревртен свет. Колку ваквиот личен пример се отпечатува врз Вашите следбеници?
Неоптоварено здраво чекорење, користење јавен превоз, живот во заедница, готвење домашна исхрана, приготвување зимница во зима, јуфки преку лето, традиционално слатко и вода за гостите во кристални чаши, штиркани чаршафи, секој распуст со, сега веќе деведесетгодишен татко во Сокобања, без пороци, зависности и нерешиви конфликтни ситуации. Не е малку, за да на следбениците со практичен пример им покажеш со дело, дека може да се живее скромно, но стилски.
М Магазин: Дваесет и пет години е сериозна бројка на испродуцирани генерации. Колку е привилегија и каква е сатисфакцијата од безусловното себедавање во благородната, но денес деградирана и омаловажена професија?
Дваесет и пет години гледам и слушам средношколци на возраст кога се уште не ги извалкало деградираното општество, се уште се чисти души. Има ли поголема привилегија, да работиш со лица на чии образи може да видиш природно црвенило, дупчиња од насмевки, солзи солени и невидливи траги од бакнежи.
Безусловно себедавање е кога со пренесување на знаење и вештини, со мотивација за читање и осознавање, ќе им креираш духовен штит на образите за да не добиваат шлаканици од системот, удари од бескруполозните, да не им отврднат без да чувствуваат срам од недоличности.
Сатисфакција е кога ги гледаш дека се борат, очекуваат успеси, но и работат врз нив без очајување. Книгите не ти дозволуваат да очајуваш, ги користам и ги учам децата да веруваат во нивната моќ.
М Магазин: Умна, образована, духовита, принципиелна, а згодна жена се чини е коктел кој дури и во „модерното време без предрасуди” е прејако за да се проголта интригата. Чиј желудник е послаб, на мажите или оној на жените и како оди справувањето со анатемисувањето?
Најслаб е мојот желудник, тој почна да страда неможејќи да ги сфари непријатностите на убиствени зборови, артикулирани во навреди. Фрлање анатема врз згодна жена е момент на слабост и фрустрација кај обата пола, тоа е недолично однесување на различниот од тебе, кој впрочем не разликува ни критика од критизерство, сугестија од осуда.
Човек, било маж или жена, кој во своето секојдневие е максимално ангажиран и работоспособен, си ја гледа својата работа со која лично и општествено се реализира. Таков реализиран лик нема време за недоличности, ликувања и беспредметни озборувања во духот на ,,озборувам – значи постојам”
М Магазин: Публиката ќе ве запамети по револуционерниот ТВ проект со интригантен наслов, но елегантно едукативно спакувана содржина: „Сексуална азбука”. Од каде потикот медиумски да се разоткрива темата која е се уште табу и колкав беше ризикот на учителката за овој храбар исчекор?
Ризик голем, токму поради мојата професија и провокативниот наслов, во едно општество полно со предрасуди. Но голема и храброста, да се направи исчекор во медиумско јавно зборување на табу теми, за кои не се зборува, но се дејствува со неморалности од кои се пропаѓа како Вавилон од разврат или ,, под земја” од срам.
Поттик ми се децата, нивните непознаници од областа на сексуалноста која резултира со поразителни податоци за процентот на малолетнички абортуси, нивното прерано сексуално ,,искуство”.
Секако, ние возрасните со товарот на лажен срам, предрасудите да се побара помош од стручни лица и целото општество каде се уште зборот хомосексуалец предизвикува (не) внимание, а двојниот морал е услов за преживување.
Убаво е да си убав, да растеш, зрееш и старееш со убавината, но таа е релативна, секому поинаква. Токму во тоа е убавината, во нашата различна перцепција за неа.
М Магазин: Се чини дека целата оваа успешна приказна не би имала поента без да се нагласи успехот на родителски план. Кој е повеќе горд, синовите на мајката или мајката на синовите?
Никој со никого не се гордее, ние се сакаме, разбираме и грижиме еден за друг. Големиот син од другарчињата со кои растеше беше наречен „мајка“, па можете да претпоставите колкава му е одговорноста и грижата.
Помалиот, сам за себе си кажа кога беше на магистерската на поголемиот брат: „..еден е магистер, другиот да е жив и здрав“. Па чекам моменти кога тоа што го кажал, ќе созрее во еден здрав и жив магистер по што и да е.
М Магазин: Како хиперактивна, мноштвото таленти не ве оставаат на мира, меѓу другото особено е интересна улогата на ПР на „Ноќните волци” и пријателството со Ленин Јовановски, ве соедини ли различноста?
Привилегија е да умееш да ги разбереш и да те разберат различните. Толерантна, одговорна и полна со емпатија е релацијата на заемно почитување со луѓе кои во многу нешта се различни од тебе, особено кога не е во прашање интерес туку почит и разбирање.
Мојот професионален ангажман со мото клубот ,,Ноќни волци” беше избор на Ленин Јовановски, 2012 година кога беше претседател на МФМ и ме вклучи во проектот ,,Прекугранични тркала” со соседна Грција, како ПР на МФМ и мото клубот „Ноќни волци“.
Ленин беше свесен дека се ,,разбирам” во мотори колку тој во шминкање, но познавајќи ми го духот, знаеше дека ќе го сработам својот дел од проектот одговорно и професинално.
Нашето пријателство трае од првата средба во емисијата ,,Нешто убаво” на ТВ Сител во 2009-та година, кога ми беа гости дел од клубот: Томас, Геле и Ленин и кога медиумски ја испратив пораката за разбивање предрасуди за моторџиите дека се лошите момци од филмот Мед Макс.
Со тек на време, моите тогашни претпоставки се потврдија како точни, преку едно заедничко пријателствување и семејно дружење со Ленин, во добро и во лошо. После толку години дружење, научивме да си ги прифатиме различностите, неговото семејство и пријатели се и мое семејство и мои пријатели.
Така го градиме кругот на безусловна пријателска љубов која постои без побарувања или очекувања. Никогаш не сум седнала како совозач на моторот на Ленин, не само што немам афинитети и желба, туку и од почит кон единствената жена, на која местото автентично анатомски и припаѓа, неговата сопруга Ружица Јовановска.
Различноста не соедини, почитта не одржува, а учењето еден од друг докажува дека не мора „исти со исти да се сакаат и дружат“.
М Магазин: Милувате да кажете дека треба да се старее како катедрала. Дали е тоа рецептот за Вашиот младешки изглед?
Рецепт за младешки изглед нема, сѐ оди на „привaтно“ и со подлабок џеб. Смислата за хумор и љубовта кон тоа што го работиш го освежуваат духот, честото патување во Сокобања, според рецептот на Бранислав Нушиќ „Сокобања – Сокоград доаѓаш стар си одиш млад“, го освежува тенот, а сѐ останато е генетика.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.