По тизер кампањата, италијанскиот производител на мотоцикли Ducati, во соработка со Lamborghini, го претстави уникатниот Diavel 1260. Ducati Diavel 1260 Lamborghini е првиот мотоцикл роден од соработката меѓу Ducati и Lamborghini, а моделот кој ќе биде во ограничена серија ја влече својата инспирација од Sian FKP 37 суперавтомобилот кој беше претставен во 2019 година.

Со својот изглед кој е далеку поагресивен во однос на стандардниот Diavel 1260, мотоциклот е опремен со карбонски отвори за воздух и прекривки за радијаторот, како и карбонски штитници за кал и централна прекривка за резервоарот. Карбонот како материјал исто така е искористен и за спојлерот, прекривката за придушувачот и рамката за предниот фар.

Покрај широката употреба на карбонски влакна, мотоциклот ја користи и истата шема на боја како и Sian FKP 37. Како резултат на тоа, моделот има Gea Green тело, кое се совпаѓа со Electrum Gold рамката. Тука се и 17-инчните тркала и „63“ акцентите, кои оддаваат почит на основањето на Lamborghini во 1963.

Според директорот на Ducati Centro Stile, Андреа Ферарези, „Diavel 1260 Lamborghini е дизајниран користејќи го истиот дизајнерски јазик со кој се истакнува суперспортскиот автомобил, па ги редизајниравме елементите кои најмногу го карактеризираат Diavel“.

Како што може да се очекува, мотоциклот е базиран на Diavel 1260 S и се карактеризира со 1,3-литарски мотор кој испорачува 162 КС и 129 Nm максимален вртежен момент. Моделот исто така има и целосно подесувачки Öhlins систем на потпирање и Brembo сопирачки систем.

Меѓу останатите карактеристики, тука е и 3,5-инчниот дигитален инструмент кластер, Quick Shift систем и мултимедија систем кој го конектира телефонот со мотоциклот. Diavel 1260 Lamborghini ќе биде достапен во декември, а производството ќе биде ограничено на 630 единици.