Во 51-та минута од четвртфиналето на Светското првенство во Мексико во 1986 година, аргентинската репрезентација тргна во нов напад против Англија… По едно неуспешно додавање кон казнениот простор, англискиот фудбалер Стив Хоџ се обиде да ја префрли топката назад до својот голман, но брзоногиот Диего Армандо Марадона, фудбалска легенда и според многумина најдобриот играч во историјата, успеа да го пресече ова додавање и да постигне гол кој од страна на судиите на мечот ќе биде регистриран како погодок постигнат со глава. Овој гол ќе стане најконтроверзниот во историјата.

Како што и самиот Марадона призна по мечот, овој погодок имал нешто малку со глава и нешто со „Божјата рака“. Овој назив ќе стане историски поврзан со еден од двата гола кои Аргентинецот ги постигна на овој меч, бидејќи истиот беше постигнат токму со – рака!

Само четири минути подоцна, истиот играч на истиот натпревар постигна уште еден погодок, подеднакво култен и историски значаен. „Златното момче“ ја доби топката на својата половина од теренот и јурна кон противничкиот гол. Попат успеа да издрибла пет играчи и голманот, со цел да го потврди водството на својата репрезентација, а на крајот и победата. Овој гол од страна на FIFA е прогласен за гол на векот.

Срушени два рекорди

По победата над Англија, Аргентина ја прегази Белгија во полуфиналето и Западна Германија во финалето, по што ја освои светската шампионска титула во 1986. Марадона ја доби „Златната топка“ за најдобар играч на турнирот.

Дресот кој Марадона го носеше при постигнувањето на голот на векот и на кој воедно се „роди“ и „Божјата рака“, беше поставен на аукција од страна токму на Стив Хоџ, поранешниот англиски репрезентативец, кој по натпреварот го сменил својот дрес со Марадона.

Финалната сума која овој дрес ја достигна изнесува 9,28 милиони долари и продаден е преку Sotheby’s онлајн аукција, надминувајќи ја проценетата сума од пет милиони за речиси двојно, соборувајќи притоа два Гинисови рекорди, еден за најскап спортски дрес продаден на аукција и вториот за најскапа спортска меморабилија продадена на една аукција.