Младиот кошаркар на Dallas Mavericks, Лука Дончиќ, ја завршува својата потрага по нов бренд кој ќе води грижа за неговата опрема, па така еден од најголемите таленти во светот кој се појавил во последните децении, ќе биде под закрилата на американскиот гигант за спортска опрема и најголемото име кое чекорело по кошаркарските паркети.

Станува збор за брендот на легендарниот Мајкл Џордан, односно на американскиот производител „Nike“ – „Air Jordan“, кој во последните години почна да го освојува светот. Не само по патиките, популарните „џорданки“ кои се глобален хит со децении, туку и по севкупната спортска опрема. Овој бренд минатата година се прошири и во фудбалот, со оглед на тоа дека фудбалерите на Paris Saint Germain носеа дресови на „Air Jordan“ за мечевите од Лигата на шампионите.

Битка за потписот на Дончиќ водеа и гиганти како „Puma“ и „Under Armour“, откако неговиот првичен двегодишен договор со Nike истече и Словенецот објави дека е отворен за пазарот. Дончиќ во изминатите неколку натпревари носеше различни модели на патики од различни производители, но по новиот договор, тој ќе се врати под закрилата на Nike, но под брендот „Air Jordan“.

Дончиќ

Дончиќ ќе добива 20 милиони годишно од „Nike“

Токму Џордан го имал клучниот потег да го натера 20-годишниот кошаркар роден во Љубљана да одлучи чии патики ќе носи следната сезона. Тоа беше тема која ги мачеше голем број навивачи и брендови, но се чини дека во тесната конкуренција победи токму „Air Jordan“ за сума од 100 милиони долари. Според информациите, почетниот договор ќе трае пет години, по што ќе дојде до ревалуација или раскин на истиот. Зависно од она што ќе се случи во споменатиот период. Но, ако Лука Дончиќ продолжи со истите игри како досега, тогаш само небото е граница.

Младиот Лука Дончиќ се наметнува како еден од главните кандидати за МВП наградата сезонава во NBA. Со просек од 29,3 поени, 9,6 скока и 8,9 асистенции по натпревар, тој не престанува да воодушевува „преку барата“. Со оглед на тоа дека има само 20 години, тој и тоа како е свесен за влијанието на социјалните медиуми, а неговата бројка на следбеници на истите е еден од главните аргументи поради кои компаниите сакаа да потпишат договор со него.