Љупчо Костовски е сопственик на “Маратон”, фирма специјализирана за изнајмување на рекламен простор/брендирање на автобуси и автобуски постојки и ко- сопственик на маркетите „Гранап”.

Идентитетот на вистински успешен македонски претприемач го изградил според единствениот модел кој во текот на годините успеа да профункционира на овие простори- со експериментирање во разни области и посветено учење на бизнисот во деведесетите, преку формирање на иновативна и здраво поставена фирма во 2000-те, до развивање и диверзификација на бизнисот во последниве 10-на години.

Но овој единствен рецепт за успех е невозможно да функционира ако ги нема и неопходните зачини кои се клучни за да го одржуваат успехот. Љупчо Костовски многу добро го знае ова, и подеднакво ги цени професионалноста и деловната етика, но знае и дека разликата ја прават уште неколку елементи: односот кон луѓето околу себе, особено работниот тим, следењето на трендовите и постојаното учење нови работи.

На ова, се разбира, се надоврзува и одржувањето на балансот помеѓу деловниот и приватниот живот како и малите награди во форма на префинети и уникатни предмети- скутер, скапи часовници, наочари или вина со кои сам себе си се наградува кога смета дека е заслужено.

М МАГАЗИН: Вие сте сопственик на фирмата Маратон, специјализрана за брендирање на автобуси во рекламни цели. Како сето ова започна?

Идејата за оргнизирање рекламирање на автобуси се роди сосема случајно, спонтано и судбински во 2004 година. При бројните патувања во странство постојано вниманието ми го привлекуваа брендираните автобуси, нешто што всушност срамежливо постоеше во нашиот град, но површно и недоволно сериозно одработено.

Токму тоа и годините кога си сигурен дека можеш сè, ми дадоа храброст да го облечам моето зелено палто, да ја позајмам актовката од татко ми и да закажам состанок во ЈСП СКОПЈЕ. Некако неочекувано добро поминав и после неколку упорни состаноци, се договоривме.

Благодарен сум што ни дадоа можност да докажеме дека старите автобуси можат да добијат еден нов урбан лик, да го разубават нашиот град и секако да донесат значителен приход за Претпријатието. За мене големината на еден човек е делотото кое го направил во својот живот, нешто по што останал забележен во историјата на својот град.

Горд сум што оставив белег во градот, придонесов моето Скопје да наликува на светска метропола, да им се оддолжам на улиците на градот во кој се родив и пораснав, улиците кои направија човек од мене.

Љупчо Костовски

М МАГАЗИН: Како се развиваше вашиот бизнис со текот на годините? Сега веќе имате своја печатница, а го имате и рекламниот простор на автобуските постојки и дисплеи за рекламирање.

Кочијата на среќата само еднаш поминува под твојот прозорец… Треба да си буден, да си на прозорецот, да ја видиш и да успееш да се качиш во неа.

Приказната на Маратон започна со поставување реклaми на рекламни држачи во внатрешноста на градските автобуси. Почнав сам и бев бескрајно среќен бидејќи имам вистински сопруга, родители и пријатели кои по работното време ми беа правници, дизјнери, ги штафеа хенгерите, ми помагаа кој како знае…

Истрајноста, упорноста и вербата во успехот ја достигнаа кулминацијата после шест месеци, на денот кога се роди мојот син и среќата вистински ми се насмевна. Но, тоа беше само почеток… Го потпишав првиот поголем договор… мрднав малку напред… претпазливо го превземав секој следен чекор… немав право да згрешам… инвестирав во вработени, во нивна едукација, пријатни и неоптоварувачки услови за работа, пред сè да е добро за моите вработени, а на крајот и за мене.

Созреа и моментот кога се наметна потребата да основаме наша печатница( ХД ПРИНТ), а со цел да можеме комплетно и квалитетно да обезбедиме 24 часа беспрекорен сервис за нашите клиенти.

Од пред некоја година имаме и договор за закуп на рекламниот простор на новите автобуски постојки во градот, без исклучок, најкраетивен outdoor медиум, a понудата ја надополнивме и збогативме и со поставување на city light и интерактивни дисплеи во автобусите и на автобуските постојки.

М МАГАЗИН: Секој интелигентен бизнисмен знае дека не треба да се базира само на еден бизнис. Која е насоката која Вие ја избравте?

Кога започнав да размислувам за дел од средствата да ги реинвестираме во некој друг бизнис, бев воден од идеjата дека тоа треба да биде нешто сосема спротивно од она што досега го работиме и да има што помалку моменти на меѓусебна зависност.

Условите созреаа. Водени од идејата за дисперзија на ризик, заедно со мојот бизнис партнер Ристо Петков, одлучивме да инвестираме во ланец маркети, бизнис во кој тој претходно долги години беше вклучен и добро го познава.

Така, успешно користејќи го неговото знаење и искуство во комбинација со нашите маркетинг алатки, водени од мотото да бидеш присутен секогаш и секаде, за кратко време успеавме да изградиме препознатливост на брендот на маркетите „Гранап“ и на Скопјани да им понудиме амбиент и топлина на маалското пазарување како симбол од едно убаво време, искрена маалска дружба, место каде што се хуманизираат релациите со купувачите за да се врати некогашниот шмек на градот и традиција.

Љупчо КостовскиМ МАГАЗИН: Двете фирми вработуваат околу 25 луѓе. Како го организирате менаџирањето и дали ги раздвојувате своите ингеренции како сопственик и како менаџер на фирмата?

Добрата организација на работата и едногласен работен тим кој сè разбира со поглед, е предуслов за успешна деловна приказна. Морам да бидам искрен и да признам дека од пред неколку години ми е полесно менаџирањето бидејќи многу е значајна улогата на мојата сопруга која правејќи радикален чекор замина од висока позиција за да се приклучи на нашиот тим, превземајќи значителен дел за успешно одржување и развивање на бизнисот.

Со печатницата менаџира друг целосно посветен менаџер. На тој начин, јас сум порастеретен од дневните и тековни активности за да можам целосно да се посветам на развивање на нови бизнис идеи и секако понекогаш да го „стресам“ мојот работен тим, колку да не заборават кој е „капитен“.

М МАГАЗИН: Колку за вас е битно, една фирма да има лојални и посветени вработени? Внимавате ли на ова прашање и каква е ситуацијата во вашата фирма?

Лојалноста е битнa во секој сегмент во животот, па така и во бизнисот, во работата. Горд сум што низ годините успеавме да создадеме и сочуваме квалитетен тим без кој немаше да ја оствариме нашата мисија и јасна определба.

Фактот дека во нашата компанија работат вработени кои се тука од самиот почеток и компанијата ја чувствуваат како своја, мислам дека е показател за квалитетен однос, взаемна почит и лојалност.

Среќата и тагата на моите вработени ја споделувам и чувствувам како своја. Тие се моето големо семејство. Лојалноста редовно ја наградувам преку бонуси, team building активности и дополнителна професионална едукација на вработените.

М МАГАЗИН: Во време кога дигиталниот маркетинг превзема поголем дел од буџетите за маркетинг од сè поголем број фирми, дали имате намалување на интересот за рекламирање на автобусите и кои се вашите адути во ваквите ситуации?

Неспорно е дека дигиталниот маркетинг има голем дел во маркетинг плановите на фирмите, но задоволен сум дека во значителна мера тоа не влијае на интересот на рекламирање на нашите медиуми.

Пред сè за ред и мерливост на дигиталниот маркетинг треба да постојат некои минимални стандарди кои за жал во Македонија сеуште ги нема. Исклучително добра и препорачлива маркетинг кампања би била доколку во неа се вклучени комбинирано повеќе медиуми.

Секако ние посветено работиме да ги истакнеме предностите на нашите медиуми и постојано да внесуваме новини во нашата рекламна понуда преку нов и поразличен обем и облик на рекламирање следејќи ги светските трендовите и потребите на брзиот начин на живеење.

М МАГАЗИН: Со овој бизнис се занимавате од 2004 година, но и пред тоа имавте разновидна и интересна кариера. Како ги споредувате тие години, деведесетите со ова што се случува денес?

Во приватниот бизнис сум подолго време, некаде од почетокот на деведесетите години. Зад мене беше една делумно успешна приказна, но добро животно и професионално искуство.

Денешната деловна клима и општите услови споредбено со тој период се различни, многу подинамични и со повисоко изградени стандарди. Во тој период имаше повеќе можности и избор за започнување и водење сопствен бизнис, брзо менување на дејност без поголеми последици, немаше толку голема конкуренција, но и покрај тоа не сите имаа храброст да започнат свој бизнис.

Да регистрираш фирма беше вистинска привилегија. Освен основните даноци, други дополнителни даноците речиси и да немаше. Но, во тој период речиси и да немаше можност од поддршка и стимулации од државата да започнеш и да развиваш бизнис. Но, како и да е, уверен сум дека секогаш има простор за започнување и одржување на добра бизнис идеја.

М МАГАЗИН: Што мислите за деловната етика во Македонија?

Исклучително сум поддржувач на фер и здрава конкуренција и верувам во етичките вредности на бизнисот. Особено го ценам етичкото однесување во бизниот и остварување профит, но не по секоја цена.

Искуството низ годините на мојата професионална кариера ме научи најмногу да верувам во моите лични и професионални принципи и така да настапувам во деловниот свет. Ме води една мисла во животот, а тоа е дека чесноста и искреноста во бизнисот се темел за долг и стабилен бизнис.

За деловнатa етика во областа на outdoor рекламирање, тврдам дека нема еснаф и за жал во Македонија мислам дека тоа многу тешко ќе го надминеме. Од друга страна, мора да ја истакнам и професионалната деловна соработка со дел од конкурентните outdoor огласувачи и неколку поголеми маркетинг агенции кои навистина се пример за деловна соработка.

Љупчо КостовскиМ МАГАЗИН: Кога некој сега би започнувал сопствен бизнис, која препорака и совет би му го дале?

Следејќи го своето животно искуство може да им препорачам на сите што би започнале со свој бизнис, дека за да се биде добар претприемач треба да се знае дека најдобрите бизнис идеи произлегуваат од вистинската потреба за нешто различно и значајно на пазарот.

Едноставно треба да се има идеја, цел и сон и тие да се следат, да се биде упорен, истраен и да се работи неуморно од срце. Бизнисот треба да е предизвик кој воопшто не е лесен и од кој не треба да се откажуваме дури и кога некои ситуации изгледаат безизлезни.

И да препорачам дека нема граници за тоа кој може да стане добар претприемач. Не секогаш е потребно да се има и престижна диплома, многу пари или бизнис искуство за да започнете нешто што би можело да стане голем успех. Накратко, она што треба е добар бизнис план, јак и сигурен тим за работа, посветеност, верба, деловна етика и истрајност во работа. Тоа секогаш се враќа со успех.

М МАГАЗИН: Дали сте од оние луѓе кои се сто процентно посветени на работата или се трудите да имате баланс во сите аспекти на живеењето?

Посветеноста на работата е многу значајна за сопственото задоволство, но и задоволството на поширокото семејство. Меѓутоа, една од фразите кои длабоко ја почитувам е дека е неопходен баланс помеѓу кариерата и приватниот живот.

Најголема душевна храна и енергија ми е неделниот семеен ручек, секој незаборавен миг поминат и пропатуван со моето семејство, прекрасните и незаборавни моменти поминати со пријателите и другарите, незаборавните кино и театарски претстави, добри концерти.

М МАГАЗИН: Секој успешен бизнисмен има свое хоби или пасија каде што ги полни батериите. Што е тоа што вие го сакате, надвор од професионалните обврски?

Имам повеќе пасии, ама некако би ги сублимирал од прилика вака – сакам префинети и уникатни предмети кои неизбежно ги купувам при секое мое патување, голема радост и задоволство ми претставува кога мојата винска визба ќе ја збогатам со некое мистично вино, кога во орманот ќе додам некој посакуван часовник, авангардни наочари, посебни чевли и кога во гаража ќе ставам колекционерска веспа…

Ме прави среќен возење со АТВ по планина, скијањето на вода и снег, тивок ручек и добро вино со семејството и пријателите кои со годините се повеќе ми значат.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.