Париз, Милано, Лондон… Сè повеќе се добива впечаток дека градовите кои се рефлексија на модата и нејзиното постоење во есенцијална форма се во минатото. Возбудата дека ќе видиме нешто иновативно и невообичаено од овие центри на модата на моменти се губи пред предизвикот на времето во кое што живееме.

Главен виновник за тоа е брзиот развој на технологијата и нејзината интеграција во секој аспект на современото живеење, па така и во модата. Во потрага по креативни иновации и автентична улична мода, модниот свет сè повеќе се насочува кон далечниот Исток. А во овој дел на светот, центар на модата е Сеул. Огледало за иновативна мода која го отсликува 21 век.

Фокус на модната недела

Сеул прерасна во дестинација за глобалните модни следбеници, модните уредници, познатите филмски и музички ѕвезди, модните блогери и влијателните личности на модната сцена кои ги креираат модните трендови во светски рамки.

мода

Сите овие “агенти на модата”, во различно својство го посетуваат Сеул за да присуствуваат на модните недели и ревиите на етаблираните корејски дизајнери, но и на ревиите на талентираните млади дизајнери. На модната недела во Сеул секогаш се бара карта, односно покана повеќе.

Јужна Кореја е особено брзо растечки моден пазар во Азија, но ова воопшто не е несвојствено ако се земе предвид дека станува збор за четвртата растечка економија во Азија, веднаш на листата зад Индија, Кина и Хонг Конг.

Истовремено, Јужна Кореја е третиот пазар во светот по Интернет продажба на луксузни добра, веднаш по Велика Британија и САД. Со позиционирањето на Јужна Кореја на врвот на листите за растечка модна сцена, модната недела во Сеул станува еден од нај очекуваните настани во светскиот моден календар.

Модната недела во Сеул веќе го презема епитетот на влијателен моден настан, и на моменти се чувствува дека со инвентивноста и автентичноста триумфира над Париз и Милано.

Бројните корејски дизајнери и брендови брзо се адаптираат на постојано менливите модни трендови, но истовремено се и креатори на истите, а со тоа го стекнуваат оној глобално препознатлив кул статус. Вистинскиот Сеул-eфект врз модниот дизајн беше особено видлив за време на модната недела, а брендовите како Moho, Besfxxk, Münn и Greedilous целосно ја освоија модната критика.

модаЛекција за улична мода

Само по неколку дена поминати во престолнината на модата во Азија, се добива впечаток дека Корејците се бестрашни кога станува збор за експериментирање со модата и комбинирање на парчиња кои на прв поглед делуваат неспојливи.

Новите трендови имаат краток рок на постоење во Сеул, можеби затоа што сеулците се во потрага по сопствената индивидуалност, па така лесно прифаќаат нови тенденции, но уште полесно се откажуваат од нив. Но, едно нешто е сигурно, дури и по само еден ден на модната недела, веднаш е забележливо дека модата во Јужна Кореја има цврсто изграден, уникатен и препознатлив идентитет.

Космополитскиот дух се чувствува низ целиот град, а особено околу Донгдаемун Плаза (наградуваната зграда на една од најпознатите архитектки на 21 век – Заха Хадид) каде што посетителите и гостите на модната недела навистина знаат да “играат” со модата, позирајќи пред фоторепортерите во своите внимателно одбрани комбинации кои истовремено шокираат и восхитуваат.

Вистинската кулминација на модната недела е уличната мода, каде што може да се видат најлудите и најхрабрите комбинации по кои Сеул стекнува светска репутација во модните кругови. Во моментов во овој контекст Сеул нема конкуренција во светски рамки, и конечно го надмина својот ривал – Токио.

Се добива впечаток дека главно мото на посетителите на модната недела, на која се претставија колекциите за есен/ зима 2019, e да шокираат со своите храбри избори. Целиот стајлинг од коса обоена во најразлични светли и флуоресцентни тонови, до огромни геометриски модни додатоци и масивни панк чевли, за момент може да ве пренесе директно во сцена на некој познат научно-фантастичен филм.

А вистинските ѕвезди за време на модната недела се децата, иако тоа на моменти изгледа и звучи невообичаено, токму тие се фокусот на уличната мода во Сеул. Тие се вистински модели пред фоторепортерите со нивниот внимателно креиран стајлинг од страна на нивните родители кои на модната недела буквално доаѓаат со куфери брендирана облека и по неколку пати го менуваат изгледот и стилот на нивните деца.

Модната недела во Сеул одамна го лансираше поимот “кул деца” во модниот речник. Практично тие се на исто ниво шик и модерни посетители како и дел од возрасните гости, и даваат колоритен и забавен тон на настаните.

модаДоминација на машката мода

Во светот одраз на она што означува модата е модерната жена со влијание на динамичниот запад, но во Јужна Кореја нејзина рефлексија е ултра-модерниот маж кој доминира како главен карактер на модната сцена. Монохроматски тонови на облека, минималистички дизајн, а максимален и “oversize fit”, се само дел од препознатливите елементи на корејската машка мода.

Сеул не е само модна локација за мажите, Сеул е симбол на екстравагантна естетика. Всушност, оваа естетски провокативна дестинација има многу што да понуди како инспирација за мажите: од стилот на музичката сцена (помислете само на К-поп ѕвездите), декоративна козметика за мажи, храбриот унисекс тренд, па сè до уникатниот крој по мерка.

Иако можеби не сте слушнале за нив, К-поп музичките ѕвезди навистина владеат со светот во моментов. А кога станува збор за машката мода во Јужна Кореја, многу референци потекнуваат токму од стилот на овие музички ѕвезди.

Тие се навистина храбри при градењето на својот моден идентитет и на моменти изгледаат скандалозно со својот стил, а сето тоа има силно влијание врз градењето на перцепцијата за Јужна Кореја како дестинација за специфична машка мода.

Кога станува збор за козметиката не може, а да не се напомене фактот дека минатиот септември Chanel ја лансираше мејкап линијата за мажи достапна само во Јужна Кореја.

Машката мода и козметичката индустрија за мажи се надополнуваат во оваа земја, и на моменти дури и ја засенуваат женската модна и козметичка сцена. Јужна Кореа е првата земја во светот во која што машката мода е подоминантна од женската.

Унисекс концептот е уште еден препознатлив елемент на модата во Сеул. Речиси на сите ревии во рамките на модната недела машките и женските колекции беа паралелно претставени.

Многу често дел од нив имаат и само унисекс линии по кои се препознатливи, а најпознат од нив е брендот Blindness. Според директорот на модната недела во Сеул, овој тренд ќе биде следниот голем моден извоз од Јужна Кореја.

Kога зборуваме за специфичноста на машката мода во Сеул, не може а да не се посвети внимание на нивниот порив за специјално дизајнирани одела во кои основниот моден крој е ставен во современ контекст.

Доказ за тоа е фактот дека во градот има повеќе стотини вакви модни салони во кои младите сеулци, со помош на професионалните кројачи, успеваат да ја изразат својата креативност.

Сеул е модна мека за мажите, а во него е навистина тешко да се најде вистинската формула за уникатност, особено при таква конкуренција. Дел од познатите Корејски брендови, кои особено работат на машките линии и се фокусирани токму на таа автентичност, полека но сигурно го освојуваат светот.

Дел од К-брендовите кои се познати во светот или се на пат да го освојат, се: Songzio (симбол на машката корејска мода кој стекна популарност со римејк на познатиот црн костум), Ader Error (авангарден бренд кој го споредуваат со Vetements), Ordinary People (софистицирани парчиња наменети за џентлмените) и Wooyoungmi (една од ретките дизајнерки која креира само машки колекции).

модаЈужнокорејски моден бран го освојува светот, и токму нивната машка мода е во центарот на светското модно внимание и ужива репутација за незаменлива инвентивност во моментов.

Затоа обрнете внимание на модните парчиња од модните дизајнери и брендовите од оваа далечна и необична земја следниот пат кога ќе заминете на шопинг или ќе барате инспирација за својот стил.