„Талентот е само мала искра, а за да настане оган треба многу труд, работа, изучување на многу различни сфери од музиката, слушање различна музика исполнето со многу анализа, изучување на сфери од животот и науки кои навидум не се во тесна релација со музиката како психологија, филозофија, естетика… “
Нежна ,скромна и тивка , но одважна и смела во својот професионален од, Дијана Имери Илкоска од секогаш ќе го го препознава лидерското во себе, чувството за хармонија на целината и љубовта кон музиката.
Нешта кои постапно, макотрпно но сигурно ќе ја донесат до позиција на дипломиран оркестарски диригент.
Професија која не напразно се доживува со пиетет , бидејќи изискува една потполна музичка, уметничка и интелектуална личност, нешта кои се нејзин постојан животен стремеж.
ММАГАЗИН: Диригент/ка звучи респектибилно. Се чувствувате ли така?
Почитта се стекнува со знаење, искуство, одговорност кон она што го работите, не со функцијата во колективот во кој што работите. Но се чини во денешно време, на нашите простори, недоволно се цени оваа професија.
Природата на професијата диригент е навистина сложена и одговорна, изискува огромно балансирање помеѓу желбите и идеите на самиот диригент, музичарите кои го сочинуваат оркестарот (секој од нив со различен карактер, искуства, идеи), менаџерскиот тим на оркестарот и на крај публиката (која исто така има некакви очекувања). Па со оглед на тоа сметам дека недоволно се зема во предвид сето ова кога ќе се каже „ДИРИГЕНТ“.
ММАГАЗИН: Изборот на професијата како дефинирана желба или приказна која се развиваше ?
Уште од најрана возраст мојата желба беше да бидам музичар. Да свирам, да пеам… така почна мојата приказна. Како што ја осознавав музиката во текот на основното и средното образование, така мојата желба да навлезам во нејзината суштина, да продрам во нејзиното јадро растеше.
Кога созреав решив да се посветам на музичката теорија и педагогија, но тоа не ми беше доволно, сакав уште. Потоа се одлучив да ја осознаам сферата на хорското пеење и диригирање и тоа ми го привлече вниманието.
Но и хорското диригирање не ми беше доволно, па решив да ја заокружам приказната со студирање на најубавата професија – оркестарско диригирање. Сите овие различни искуства се сублимат на она што сум јас денес во мојата професија.
Мојата приказна се развиваше многу постепено и макотрпно, но не жалам за ниеден момент кој сум го поминала создавајќи ја оваа приказна, бидејќи имав шанса да научам и осознаам многу за музиката општо и за животот.
ММАГАЗИН: Постоеше ли некогаш дилема, сомнеж или преиспитување околу изборот?
Секако дека постоеше дилема и преиспитување дали треба ова да го работам, тоа и ден денес се прашувам заради тешките околности во кои се наоѓа еден диригент во ова општество. Но никогаш сомнеж!
Никогаш не се посомневав во љубовта кон музиката, па со тоа и диригирањето која што ја чуствувам, никогаш не се посомневав во своите квалитети, истрајност, трпеливост, упорност и одговорност, кои секој диригент треба да ги поседува.
ММАГАЗИН: Ако за музицирање е примарен талентот, колку е тоа пресудно во диригирањето?
И диригирањето е музицирање, со таа разлика што ако пијанистот свири на пијано, диригентот свири со оркестарот. Секако дека е потребен талент за оваа професија (како и за секоја друга), или можеби подобро да се каже афинитет, но сметам дека не ја завзема примарната улога во градење на професијата.
Талентот е само мала искра, а за да настане оган треба многу труд, работа, изучување на многу различни сфери од музиката, слушање различна музика исполнето со многу анализа, изучување на сфери од животот и науки кои навидум не се во тесна релација со музиката како психологија, филозофија, естетика…
Диригентот би требало да е една потполна музичка, уметничка и интелектуална личност, а тоа е нешто кон кое секојдневно се стремам.
ММАГАЗИН: Дури и на лаиците им е јасно дека диригентите се разликуваат по стилот, но дали постои такво нешто како „женско диригирање“, поради сензибилитетот на женската природа?
Сум гледала многу мажи диригенти кои музиката ја доживуваат и диригираат посензитивно од било која жена – диригент, и обратно. Има различни ставови за жените диригенти, нивниот говор на телото, нивната природна конституција на телото… за мене тоа е неважно!
Музиката не познава граници, во музиката не постои национализам, расизам, етничка или полова дискриминација. Во тоа е убавината!
ММАГАЗИН: Алатка за работа на диригетот се партитурите, стапчето но и експресијата на телото. Колку обрнувате внимание на кондицијата ?
Сензуалноста на движењето на женското тело во мојата професија сметам дека е второстепена. Но физичката кондиција сметам дека е многу важна за било кој диригент.
За да се издржи една проба, концерт или уште посложено – опера, чие траење некогаш знае да надмине повеќе од три часа воопшто не е за занемарување. На крајот на краиштата, физичката кондиција е во служба на менталната кондиција.
Јас лично се трудам да сум физички активна. Покрај секојдневните обврски како мајка, сопруга, домаќинка, диригент, балетски корепетитор, се трудам да не ги изоставам вежбите кои ми помагаат да ја оддржувам мојата физичка кондиција.
ММАГАЗИН: Визуелното можеби не е суштинско, но не е ниту занемарливо кога станува збор за сцена. Ненаметливо но не и невидливо, колку обрнувате внимание на аспектите на сценскиот имиџ?
Се трудам на сцена секогаш да изгледам професионално, да го запазам оној код на облекување како и музичарите од оркестарот. Најчесто носам костим составен од сако и класични панталони во црна или темно сива боја или долго црно здолниште искомбинирано со црна елегантна кошула или блуза.
Сакам да сум елегантна, но ненаметлива во поглед на изгледот. Не сакам да се издвојувам од целиот амбиент на сцената, односно аутфитот на музичарите од оркестарот. Она по кое што се трудам да се издвојам е музиката која излегува од моето срце и моите раце.
ММАГАЗИН: Свесни за своите потенцијали ,колку сте целно ангажирани околу интернационалната кариера?
Како и секој друг млад уметник се трудам да воспоставам ангажмани и дома и во странство. Моментално сум во преговори со неколку младински оркестри низ Европа, семинари, како и натпревари за млади диригенти на светско ниво.
За жал, некако поскоро доаѓаат признанија и ангажмани надвор од Македонија отколку дома. Во моментот кога ќе почне да се менува тој менталитет многу брзо и драстично ќе се зголеми квалитетот и професионалноста во земјава.
ММАГАЗИН: Како приватно најубаво се чувствувате во своја кожа?
Најубаво се чуствувам во кругот на семејството. Во друштво на мојата ќерка Гала и мојот сопруг Дино (кои ми се најголема инспирација, мотивација и поддршка), без разлика каде сме и што правиме.
ММАГАЗИН: Постои ли приватно и професионално конзумирање на музика?
Секогаш кога слушам секаква музика, се обидувам да ја слушам како музички лаик (без разлика дали станува збор за класична музика – дело од Бетовен или Рихард Штраус или станува збор за некоја детска песничка), бидејќи само на тој начин сметам дека вистински се доживува музиката.
Тргајќи ги на страна нашите стекнати познавања за музиката ги тргаме предрасудите за истата. Понекогаш теоретските познавања и дефиниции знаат да нè закочат.
ММАГАЗИН: Се разликува ли музичко семејство од останатите?
Не знам како е да се живее во друго смејство, јас секогаш сум живеела во музичко семејство.
Можам само да кажам дека понекогаш се чини дека е тешко што скоро сите членови од семејството се музичари, поради ненамерното влијание што некој од членовите знае да го изврши, многубројните критики (кои несекогаш сакаш да ги чуеш).
Но во суштина вистинско богатство е да се има семејство кое вистински знае низ што поминувам и соодвeтно да ми ја даде целосната поддршка.
ММАГАЗИН: Колку и какви одрекувања беа нужни во процесот на форматирање на професионалниот идентитет и што сè би сакале да надокнадите?
Посветувајќи се на оваа професија од толку многу работи сум се одрекла, што не знам што попрво да набројам за да надокнадам. Хахаха..! Прво нешто што ми паѓа на памет е тоа што никогаш не научив да возам ролерки или велосипед за да не ги повредам рацете ако паднам. Еве би сакала да научам да возам мотор!
ММАГАЗИН: Какви желби ви ги бојат мислите?
Ух! Посакувам толку многу работи… пред сè сакам здравјето да ме служи мене и моите најблиски за да имаме сила и нерви да ги пребродиме овие малку чудни времиња. Сакам да има повеќе насмеани и весели лица, а помалку гневни. Сакам да има повеќе музика и уметност, а помалку политика.
Сакам понекогаш да ѕирнам во оној свет каде што отидоа моите сакани личности, оние кои физички заминаа од овој свет и да поразговараме, да ги гушнам и да се вратам назад меѓу моите блиски. А најмногу од сè сакам да има повеќе љубов! Зошто кога имате љубов – имате сè.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.