Неодамна, македонскиот моден бренд Лудус, ја лансираше последната колекција со наслов „Пост-родовост – Поглавје II“. Промоцијата беше целосно дигитална, со оглед на новонастанатата ситуација со пандемијата КОВИД-19 и се состоеше од видео каталог што беше сниман на крајот на февруари во Музејот на современа уметност во Скопје.

Колекцијата ги разработува темите започнати со првиот дел и е подлабоко истражување во идеологијата за општество сместено во иднината, каде родовите улоги се целосно избришани. Односите меѓу половите, социо-политичките прашања и други философски погледи на пост-родовоста, се постојан извор на инспирации за дизајнерот. Покрај тоа оваа колекција е заснована на апстракнти теми како насилството и психичката абразивност, како и делата и „анархитектурата“ на Гордон Мата Кларк.

Второто поглавје се состои од 24 целосни изгледи и над 50 парчиња облека со што е досега најголема колекција од брендот. Изработена е од природни материјали како памук, свила, лен и памучен сатен во препозатливите издолжени силуети, во монохромна палета разбиена со лаванда и маслинеста боја.

Новитет овој пат е играта со поставувањето на патентите кои при нивната фукција го трансформираат парчето и силуетата. Главните производи на Лудус се памучните кошули, панталоните и мантилите и тие ја продолжуваат приказната започната со претходните колекции истовремено подигајќи го квалитетот на продуктот со неочекувана моделарска база и недекоративни функционални елементи.