Талентот е скапоцен дар од универзумот и кон него така и треба да се однесува, да се чува и негува. За Џијан Емин тоа значи да како исклучително талентиран музички уметник превзема храбри чекори и одговара на предизвиците во уметноста, да М Маз на Годината статуетканаметне нова звучна естетика и претстави една нова музичка перцепција. Добитник на наградата Маж на Годината 2019 од културата, од страна на стучното жири на Машки Магазин.

Неговото огромно искуство како мултимедијален музичар – многу години како прв хорнист во Македонската филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, организатор, а сега и диригент, ќе изроди со изведби, дела, импозантни проекти и соработки со интернационален живот кои не се добројуваат.

Во својот професионален од, исто како и во животот, ќе го превземе ризикот да го следи своето срце, а тоа ќе му возврати со слобода која за него е основа за среќа која сака да ја подели со другите.

Скромен во своето лично експонирање, но силно вокален во професионалното делување тој е во моментов еден од нашите најзначајни музички уметници. Оваа скромна и генијална личност е победник во изборот Маж на Годината во категорија Уметност за 2019 година.

“Талентот не може да се сокрие, но човек може многу лесно да направи лош избор и цел живот да жали за неостварени желби. Јас сум многу благодарен и се чувствувам почестен што можам да се занимавам со нешто кое многу го сакам – музика.“
ММ: До каде допираат Вашите први сеќавања на музиката?

Првиот контакт со музика го имав на 5-6 години кога го добив и првиот инструмент. Тоа беше хармоника „Делиција“ со три регистри која не можев да ја свирам зошто беше поголема од мене. По некое време ми текна дека можам да ја свирам во хоризонтална позиција ако има кој да ја држи и кој да го влече мевот.

Моите две прекрасни сестри безрезервно ми помогнаа во мојата инсталација. На почетокот им беше интересно и смешно, но по некое време им стана напорен целиот процес и ме откачија. Потоа пораснав ☺

ММ: Талентот е како темпирана бомба. Можеше ли воопшто да се сокрие, да не се разбуди?

И покрај тоа што веќе свирев клавијатури и гитара како дете, сепак одлучив дека ќе се запишувам во средно медицинско училиште со идеја да бидам хирург за срце. На мое огромно разочарување не ме примија и покрај тоа што бев првенец на генерација.

Во знак на протест отидов да учам средно училиште во АСУЦ за авто електричар. Со другар ми Црни се договоривме дека ќе имаме сервис заеднички каде тој ќе биде авто механичар, а јас авто електричар.

Завршив прва година и по инсистирање на тогашниот директор на АСУЦ да се префрлам во друго школо, татко ми ми предложи да учам музичко училиште. Повторно почнав од прва година и воопшто не ми е жал за таа игубена година во АСУЦ.

На некој начин барањето себеси на мојот животен пат траеше помалку од една година. Некои луѓе никогаш нема да се пронајдат себеси или пак остануваат заглавени во некакви нејасни животни лавиринти. Јас најверојатно имав среќа бидејќи музиката за мене тогаш беше и сеуште е многу природна работа која не ми претставува никаков напор. Наротив сеуште е огромно уживање.

Талентот не може да се сокрие, но човек може многу лесно да направи лош избор и цел живот да жали за неостварени желби. Јас сум многу благодарен и се чувствувам почестен што можам да се занимавам со нешто кое многу го сакам – музика.

ММ: Колку различните и бројни музички сензации со текот на времето допринесоа за денешниот музички мулти-таскинг?

Moжам да се пофалам со богат музички живот. Како дете почнав да свирам рано по свадби и кафеани. Во исто време со другарите свиревме гитари на клупите во Топанско Поле, и слушавме Пинк Флојд, Крафтверк, Лед Цепелин….

Со татко ми научив многу народни песни од целиот регион и многу друга музика од разни краеви од светот. Ова се однесува на периодот до осмо одделение. Потоа со почетокот на музичкото образование се отворија многу нови доготаш непознати музички светови. Почнав да слушам многу сериозна музика. Во

исто време почнав да свирам и по некои бендови различни по жанр. Почнав да свирам во Македонската Филхармонија уште додека бев во средно училиште. Мислам дека целата таа музичка шареноликост со која пораснав ми даде основа и голем елан за денес да можам да се занимавам на ваков начин со музика.

ММ: Од каде потребата за нова формална едукативна потврда?

На позицијата прва хорна во Македонската филхармонија работев 23 години. При крајот на мојата кариера како хорнист имав прилика 2 години да бидам дел од Белградската филхармонија и дел од еден проект оркестар No Borders кој е составен од најдобрите музичари од бившите југословенски простори.

Покрај тоа што со хорната имав прилика да свирам и креативна музика со некои фантастични музичари, никогаш не се гледав само како изведувач на инструментот хорна. Пред неколку години дојде до моменот кога престанав да свирам хорна, момент на кој му претходеше мојата желба за проширување на моите научни академски сознанија со цел да учам диригирање.

Со почетокот на новата страст – диригирањето, музиката одеднаш стана појасна и почиста. Слушањето музика доби нова димензија. Сè ова почна да се случува кога ми се роди првото дете Јан, добив наплив на енергија и некаков фокус во делувањето. Појасно ми беше што сакам и што треба да правам.

ММ: Ако нешто ја краси Вашата кариера, тоа сигурно е фузијата на секакви музики и жанрови во еден силен авторски израз. Од каде потекнува желбата за такво шаренило во Вашата музика?

Најверојатно одговорот на ова прашање би го побарал во начинот на моето растење како дете. Пораснат сум во мулти-културна средина каде секојдневно слушав различни јазици и различна музика.

Немавме никакви предрасуди и научивме да се прифаќаме сите какви што сме. Овој процес најверојатно многу ми помогнал во развојот и во пристапот кон работи кои ми се непознати. Од денешна перспектива констатирам дека љубопитноста во уметноста е добар сојузник и неретко помага во процесот на осознавање.

Ако јас имам некаква мисија, таа е да помогнам во будењето на свеста и можноста за отварање на некои затворени делови од нашите души и умови.

ММ: Вашето храбро и бескрајно експериметирање кое оди до таму да го спојува неспоивото како да говори дека постои само добра и лоша музика. Се чуствувате ли како да исполнувате животна мисија?

Сите ние кои се раѓаме на оваа планета и во оваа димензија, не знаеме зошто сме дојдени на овој свет и немаме зацртан план на делување кој го добиваме со самото раѓање. Би рекол дека работите се случуваат стихијно без некаков редослед или пак сме дел од некаков организиран систем кој е вон нашето разбирање на нештата.

Како и да e, кога растеме почнуваме да сакаме одредени нешта и начини на живот. По некое време почнуваме да пропагираме начин на живот кој ние сметаме дека е најдобар за нас, а и за другите. Тука некои знаат да застранат и да затапат во тој процес.

Ако јас имам некаква мисија, таа е да помогнам во будењето на свеста и можноста за отварање на некои затворени делови од нашите души и умови. Човекот е фанстатично битие кое многу малку го користи потенцијалот кој го има.

Во овој контекст, доколку јас на било каков начин допринесувам во процесот на осознавање на суштината, би можел да се сметам за многу среќен човек. Доколку не допринесувам, немам друг избор освен да продолжам да го правам тоа што го сакам и да барам начин како да насочувам или креирам позитивна енергија.

ММ: Ниче ќе рече дека светот без музика би бил грешка, но колкава грешка се прави со лошата музика која го контаминира вкусот, а со тоа и однесувањето на луѓето? Ви пречи ли тоа? Има ли спас?

Овој цивилизациски период е веќе влезен во фаза на распаѓање. Секојдневно се повеќе се губат вистинските морални и етички вредности. Гледајќи вака на нештата за мене е очекувано луѓето полесно да ја прифаќаат површноста која веќе подмолно е етаблирана како стандард.

Во ваков процес медиокритетите владеат во сите аспекти на нашето живеење. Секоја идеја која би можела да отскокне од ваквиот начин на размислување се сече од корен или како резултат се појавува отпор на многу високо ниво. Музиката е многу силен медиум.

Факт е дека невкусната и неквалитетна музика е многу распространета во сите медиумски сфери и контаминацијата е многу успешна. Од друга страна ме води некаков оптимизам кој ми дава надеж дека сепак, чистата енергија и идеја не може да се спречи на нејзиниот пат. Некогаш треба време, но гледано од историски аспект најчесто т.н. глупава музика се заборава и секогаш на пиедестал се задржува квалитетот.

ММ: Во кој од своите аспекти на делување најмогу уживате?

Јас сум среќен што имам прилика да се занимавам со работа која ја сакам и уживам во текот на целиот процес. Секако различно е нивото на доживување во зависност од тоа што работам, дали компонирам, свирам, диригирам, продуцирам… Доколку делувам, среќен сум ако будам насмевки кај луѓето. Убаво ми е кога луѓето ми го разбираат и го прифаќаат хуморот кој многу често се граничи со сарказам. Овој апсект многу често го користам и во музиката која ја претставувам.

ММ: Класичното прашање – на која точка од својата кариера сте посебно горди?

На мојот музички пат сум бил многу пати на важни крстосници каде се одлучува како следи иднината. Една од тие точки беше кога престанав да свирам по свадби и по кафани и кога решив дека треба да се занимавам со уметност наместо да бидам заглавен во материјализмот цел живот. Потоа сите одлуки беа многу полесни.

 

ММ: Какво место има тишината во животот на музичарот?

За мене како музичар тишината има огромно значење. Таа е голем филтер и скоро секогаш успева да ме рехабилитира од било какво активно делување. Тишината ми помага да се слушнам себеси и тогаш се случуваат одлуките што и како понатаму

Денешниот начин на живот е исполнет со звук од сите страни почнувајќи од телефонот, телевизорот, музика во кола, музика во кафич, ресторан… и така постојано некаков звук стигнува од некаде.

Замислете како било пред 100 години, кога немало радио, тв… и замислете каква била сензацијата кога ќе слушнете музика во некоја концертна сала или какво дожививање било да се гледа опера како врвно музичко сценско визуелно дело. Сигурен сум дека нивото на сензација било многу поголемо отколку денес. Тоа го дозволувала тишината.

ММ: Колку е семејната хармонија пресудна во животот на креативецот?

Во мојот случај тоа е пресудно. Доколку дома не се работите како што треба не само што не функционирам, туку сум и деструктивен. Не можам да се „занесувам” во уметноста, ако дома не е сè во ред. Претпоставувам дека ова е кај сите исто, бидејќи човек може да бара повеќе тогаш кога му е мирна и чиста душата. За мене семејството е најбитно.

ММ:  Како го поминувате времето со семејството?

Најверојатно како и сите луѓе кои имаат мали деца. Поради начинот на живот и некогаш поради презафатеност ме фаќа малку паника дека не обрнувам доволно внимание. Затоа го користам секој момент на споделување љубов со најблиските. Тоа е најчистата енергија која ме храни и ме прави да бидам ваков како што сум.

ММ: Постои ли кај уметникот она што вообичаено се нарекува слободно време?

За мене слободно време е да имам време да правам музика ☺. Се одмарам со гледање глупави филмови и дури можам на тв да гледам и снукер. Атмосферата е тивка, нема музика, бојата е зелена и многу ми се допаѓа звукот на ударот на топчињата.

ММ: Имате ли машко попладне: фудбал, коли, мотори… излегување со другари?

Пред да се оформи семејството имав повеќе време за неформални дружби. Како дете возев моторче Tomos, бидејќи сите мои другари од Топаанско Поле возеа. Татко ми имаше еден стар Tomos со педали кој по неколку години фаќање прашина во гаража запали од прва.

Таа моја афера со моторите траеше кратко. Во текот на животот имав неколку обиди за набавување мотор, но „севишниот“ во неколку наврати ми даде знаци дека не треба да возам мотор. Го послушав и еве не возам.

Коли сакам, ама повеќе од аспект на користење отколку за уживање. Од пред некое време имам точак и тоа сега за сега ми е ги задоволува потребите за адреналин.

ММ: Која е Вашата животна филозофија?

Не знам дали имам некаква посебна филозофија. Повеќе се трудам да ги следам инстинктите кои најчесто ме носат таму каде што треба. Доколку сакаш нешто да направиш, едноставно треба да почнеш да го правиш и резултатот ќе следи.

Би било добро луѓето да се среќни со тоа што го работат и да знаат да го ценат тоа што имаат. За оние кои се видливо мрзеливи, многу често ја користам фразата: Не се секирај, еден живот е – ќе помине ☺.

ММ: Што ве прави среќен?

Јас сум многу среќен кога се другите околу мене среќни. Среќен сум што сум се родил и среќен сум за свеста која ја имам. Многу сум среќен што Лина, ќерка ми е откачена како мене, среќен сум што Јан има многу добра душа и срце, среќен сум што имам жена која безрезервно ме сака.

Многу сум среќен кога ни е чист воздухот во Скопје, многу се радувам кога ќе видам среќни лица кај музичарите по некој добар концерт или кај публиката,… во последно време, генерално малку ми фали да го разбудам чувството на среќа и тоа ме прави многу среќен ☺.

„Животот е чудо. Треба да се живее со полна сила секој ден. Доколку си искрен со себеси не може да има грешки на твојот животен пат. Сите т.н. грешки се искуства и доживувања кои треба да ни помогнат да станеме подобри луѓе.”
ММ: Која поука би ја дал на помладите генерации?.. каде мислите дека најчесто грешат?

Животот е чудо. Треба да се живее со полна сила секој ден. Доколку си искрен со себеси не може да има грешки на твојот животен пат. Сите т.н. грешки се искуства и доживувања кои треба да ни помогнат да станеме подобри луѓе. Сеуште не ми е јасно што правиме на овој свет и која е поентата на нашето постоење.

Единствена реална причина која можам да ја видам е еволуцијата во поширок аспект на поимање и дека најверојатно во некоја иднина ќе бидеме посвесни како битија. Сакам да живееме во свет во кој повеќе ќе се ценат духовните вредности отколку материјалните, со надеж дека еден ден оваа планета ќе биде подобро место за живеење.

Сите генерации кои доаѓаат ќе ја имаат оваа огромна задача да ја продолжат вечната борба помеѓу доброто и злото, со надеж дека доброто нема да победува само во филмовите, туку почесто во реалноста. ☺

 

[Целото интервју е објавено во списанието Машки Магазин во април 2019 година]

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.