Најбогатиот човек на светот според магазинот Forbes, чие богатство во еден момент се проценуваше на огромни 150 милијарди долари и прв човек на технолошкиот гигант Amazon, Џеф Безос, одлучи да подари 7,7 проценти од своето богатство за спас на планетата Земја.
Нашата планета дојде до еден мошне критичен стадиум кога станува збор за зачувување на животот кој го познаваме. Воздухот е загаден, планетата станува се потопла, а нивото на океаните расте со голема брзина, што може да доведе до огромни катаклизмички промени. Поради тоа, сите моќни луѓе на планетата се обидуваат да променат нешто и да се обидат да ја исчистат планетата од отпади и да ја спречат од прегрејување.
Поради тоа, Џеф Безос, во моментов најбогатиот човек на планетата, одлучи да донира 10 милијарди долари во таа цел. Безос ќе ги донира и вложи тие пари во проекти и институти кои се занимаваат со зачувување на животната средина. Првиот човек на Amazon во неколку наврати потенцира дека човештвото мора да се позанимава со оваа сериозна тема и дека самоуништувањето е најголемата закана која може да доведе до исчезнување на целото човештво, но и животот на планетата.
„Донирам 10 милијарди долари за заштита на планетата и ќе започнам да развивам неколку проекти од ова лето кои ќе помогнат во зачувувањето на планетата. Земјата е единствената работа која сите ја делиме – да ја заштитиме заедно“, изјави познатиот милијардер.
Донацијата на Безос е една од најголемите во историјата
Безос со сите сили и пари одлучува да застане зад борбата против климатските промени, неколку месеци откако вработените во Amazon јавно го притиснаа него и компанијата да ја искористат моќта која ја имаат за да направат нешто повеќе околу тоа прашање. Илјадници вработени во Amazon минатиот мај побараа од Безос поголем ангажман, а голем дел од нив организираа и мали протести. Ден пред протестите, Amazon најави дека целта е да станат карбон-неутрални до 2040, десет години порано од рокот поставен според Парискиот договор. Од компанијата најавија дека ќе распоредат и 100.000 електрични возила за достава до 2024 година.
Најбогатиот човек на планетата, одлучи да ги послуша своите вработени и со голема сума на пари, но и со самиот свој ангажман, ќе се обиде да допринесе за промени. Иницијативата, наречена Bezos Earth Fund, ќе започне со давање грантови ова лето. 10-те милијарди долари кои ќе ги донира се помалку од 8 проценти од неговото богатство. Но, и покрај тоа, станува збор за една од најголемите донации во историјата, по 36-те милијарди на Ворен Бафет во 2006 година и 16,4 милијарди долари кои ги донираше Хелен Волтон во 2007 година.
Овој потег на мултимилијардерот, вработените во Amazon го поздравија истакнувајќи дека Џеф Безос покажува вистинско лидерство во тешките моменти за планетата.