Создавањето на нов живот е пресвртна точка во животот на секоја мајка, но во кариерата на еден уметник честопати значи и клучно место. За Туна Сејди отсуството од една и пол година од сцената поради раѓањето на синот Тиан само уште посилно ќе ја разгори желбата за повторна блиска средба на популарната пејачка со своите фанови.
Облагородена, изрелаксирана, исполнета и освежена со нова енергија таа е поттикната со нов силен креативен порив и подготвена, на взаемно задоволство, за ново „соочување“ со публиката.
„Имаше моменти на дилема дали тоа што го направив е вистинскиот чекор и дали беше преголем луксуз за мене. Публиката не ја интересира дали имаш биолошки план. Едноставно сака да те гледа во тој континуитет на настапи, со нови проекти.“
ММагазин: Очите сјаат со посебен сјај, насмевката и е потопла, ликот помил. Обвивката на аура на мајка е повеќе од очигледна. Атрактивната појава добива нова димензија. Се чини дека е мошне убаво да се биде Туна овие денови…
Во овие денови да се биде Туна е најубаво чувство, зошто таман се враќам, си се „позиционирам на шините“, зошто целиот лајфстајл од изминативе 15 години на постојано патување секој викенд, постојано патување во странство, со оваа пауза од година и пол ми беше очекуваниот одмор кој го посакував и ми требаше.
Па дури и да не беше бременоста бев некако решена да си земам одмор затоа што имав потреба од такво нешто, со оглед на тоа што последниве години ми беа многу напорни пред сè од причина што повеќето од работите ги завршувам сама и покрај тоа што имам тим на луѓе, соработници, кои ми помагаат и се тука секогаш.
Може да се каже дека на некој начин сум „контрол фрик“ и поради тоа многумина ме имаат етикетирано како „тешка“ во својата работа, што мене и не ми пречи, но на некој начин ме „пенализираат “ зошто луѓето се покажуват малку резервирани кога се работи за соработката со мене.
Но мислам дека не се работи за тоа да сум „тешка“ туку дека едноставно некои работи ги имам научено со текот на времето. Знам што сакам, и мислам дека најдобрата дефиниција за мене ја имаат дадено моите соработници од почетокот на кариерата со тоа што ќе кажат – „со Туна е лесно да се работи, бидејќи знае што сака, а со таквите луѓе е секогаш лесно.“
Но секогаш ќе има луѓе кои не можат тоа да го сфатат, па ќе има коментари од типот – размазена е, арогантна е – но тоа се нешта кои одамна ги имам надминато. Вистината е дека паузата на некој начин ми беше спас и полнење на енергија, одмор од сето тоа што го работев во изминатиот долг период.
ММагазин: Но се разбира за таква круцијална животна, но и професионална одлука секогаш се поставува прашањето за погодноста на моментот…
Имаше моменти на дилема дали тоа што го направив е вистинскиот чекор и дали беше преголем луксуз за мене. Публиката не ја интересира дали имаш биолошки план.Едноставно сака да те гледа во тој континуитет на настапи, со нови проекти.
Се трудев да го избалансирам сето тоа и си ветив себеси дека кога ќе се вратам сакам да се почуствувам потполно обновена, за да можам да направам едно силно ребрендирање. Зошто многу е тешко за уметниците кои се многу малку на албанскиот пазар, и не само на тој, тоа е општо насекаде… доаѓањето на нови трендови и конкуренцијата е секогаш силна, а тоа те мотивира да работиш повеќе.
Оваа пауза многу ми значеше зошто од секогаш сум ги гледала работите на долг план. И кога сум имала фаза на врвот на кариерата, со по три настапи на ден, во позиција да имам една од најплатените сезони, да бидам на листа на најплатените пеачи на пазарот, најважно ми било да има квалитет во сето тоа за да можам да ги планирам работите долгорочно.
Сега гледам дека се оди најчесто на easy money. Дека многу работи не се сменети во меѓувреме. Но ми се чини дека албанскиот пазар за ова време е многу напреднат. Но јас немам класичен менаџмент , како оној на почетокот на кариерата со М2 .Сега такви продукциски куќи нема и за сè одлучувам сама. Нема менаџер кој ќе застане зад тебе, а ти ќе бидеш само во креативниот дел. Работите се поделени, имаш букинг агент задолжен за концертите, класичен ПР и секако тим на стилисти, hair&make up артисти кои ме следат со години.
ММагазин: Колку овој меѓупростор ја измени професионалната визура?
Сега работата има многу поголемо значење. И моите патувања и моите настапи. Сега се „фаќам“ себеси со мислата колку ли ми било здодевно и покрај напорните настапи, преубавите концерти и преубави искуства. И покрај тоа што буквално го имам прошетано светот сега се прашувам , кој тогаш ме чекал дома.
Сега по овие последни концерти сфаќам дека сè има друго чувство и друго значење. Имам друга мотивација и на друг начин го доживувам сето тоа. Мајчинството ме смени во многу работи. Во работата од секогаш сум била побрза, поинпулсивна. Сум морала да ги правам работите под притисок, a сето тоа на крајот те амортизира.
ММагазин: Емотивната амортизираност се чини е најголемиот предизвик во оваа индустрија?
Тешко е да се работи во оваа индустрија, посебно на овој пазар и особено што сум си превзела улога на супер контрола над сè што се случува во мојата кариера. Сè мора да е во некоја рамка во која јас сакам да биде.
Но со текот на времето се има наталожувано многу негативна енергија од која оваа пауза ми има помогнато да се прочистам. Забележувам дека сум посмирена, поемотивна, а и околината го забележува тоа.
ММагазин: Но и публиката сака да има увид во животот на својот миленик….
Иако сум сакала, никогаш не сум можела да го сочувам приватниот живот херметички. А публиката, посебно нашата е многу љубопитна околу приватноста, па почувствував потреба да го споделам моментот на бременост. Знаев дека публиката тоа ќе го сака, но не сакав да се доживее како маркетинг.
Имав потреба во тој момент од изолација од секаков вид. Се трудев да направам некој вид на баланс. Од една страна да поделам нешто што ми е многу драго со публиката, а од друга да ја искористам оваа фаза за некако вид на емотивен карантин.
ММагазин: Публиката веројaтно ја чувствува искреноста на артистот. Дали паузата можеби го искажа тоа?
Публиката низ сиве овие години, и покрај оваа пауза се докажа дека си го имам местото кај неа. Медиумите знаат да направат често пати спорни ситуации кога не е по нивни тертипи, да не го испочитуваат твојот принцип или желба да сакаш да се повлечеш.
Но публиката била од секогаш најнеутралниот кандидат за она што сакаш да го сервираш. Факт е дека што и да направиш на професионален план сепак публиката највеќе ја интересира и интригира приватниот живот. Па сепак помирена сум со таа судбина дека секогаш ќе бидам етикетирана подрско.
Веројатно е тоа некоја моја карма. Сега намерата ми е само да работам на новите проекти. Да го пренасочам фокусот од целиот муабет претходно, од контравеверзите кои ме следат. Сепак и покрај сè, со статусот на мајка сум посензитивна па умеаат да ме погодат некои коментари, кои реално од секогаш постоеле.
Едно време имавме кладба со татко ми за тоа дека нема шанси со мојава работа да го надминам, но потоа мораше да признае, па беше малку навреден кога во една прилика го нарекле таткото на Туна.
Потешко со овој епитет, некои контраверзности од минатото, некои мои слободоумни исчекорувања кои сеуште ме следат. А сликата на мајка и онаа на уметник на сцена каков што сум јас разбирливо се разликуваат што на некои луѓе им е несфатливо.
Нив никогаш нема да ги убеди фактот дека некој како мене, без разлика на имиџот на сцената може да биде многу добар родител. Но јас сум секогаш подготвена за контраверзности и ризиците кои тие ги носат, бидејќи како и да е тоа интерпретирано, еден уметник истрпува сè.
Дома мојата улога е друга и се трудам да го одржам тоа како и секоја друга мајка. Од друга страна фактот дека некој на кого му требам ме чека дома ме тера да си ја извршам работата уште подобро. Сега имам друга дисциплина. Па иако сум тип кој имал челична дисциплина кога сакал, и тогаш сум подготвена да рушам сè пред себе, од кога е Тиан роден имам друга дисциплина и одговорност и во работата и функционирањето и ритамот.
ММагазин: Кога артистот ја доживува публиката како емотивен медиум, а не само бројка веројатно и фидбекот е траен?
И покрај тоа што еден период не сум активна и отсуствувам од македонскиот пазар , многу сум благодарна што цело време ми пристигнуваат пораки од фанови, но и од вниманието на медиумите кои цело време ме подржуваат, следат, пишуваат и ме доживуваат и понатаму како дел од сцената.
Јас постојано нагласувам дека доаѓам од Македонија и на тоа сум горда. Постојано добивам покани и понуди за интервјуа, прашања зошто немам настапи во Македонија. Но во моментов нема таков тип на ивенти и наскоро моето активирање на сцената ќе го означам со самостоен концерт токму од тука.
Македонската сцена е малку стивната за разлика од пред десетина години кога беше прва во регионот на продукциски план. Од секогаш фалеле концерти и тоа често го дискутирам со моите колеги. Но фали сериозен менаџмент кој би се занимавал со тоа.
Но јас се надевам дека работите ќе се променат и веќе го забележувам тоа и чувствувам дека оди на подобро. Навистина би ми било многу драго, бидејќи на овие простори има навистина мега звезди, талентирани артисти кои дури заслужуваат и интернационален пласман, место на светските сцени. Но самата држава и ние самите треба да си го поттикнеме потенцијалот.
ММагазин: Онака како што сериозно осмислениот и реализиран проект М2 ја лансираше Вашата?
М2 се едно од моите најубави искуства и отскочна даска во мојата кариера и тука мора да се заблагодарам на еден човек кој беше клучен за моето лансирање, човекот кој веруваше во мене од самиот почеток, и сеуште верува, Дарко Димитров.
Тој е човекот кој ме убеди да влезам и бидам дел од проектот и ни го даде на сите учесници имиџот на музички план. Тој се има докажано низ сите овие години и мене ми е многу драго што се има многу успешно позиционирано и надвор во Европа, но и на огромен пазар како што е Турција и има голем респект кај албанската музичка индустрија.
М2 ме поддржаа многу на почетокот, па и и покрај тоа што денес не соработуваме имаме многу добри односи со Иво Јанковски кој за жал кога го прекинувавме договорот ми рече дека тој пазар за нив не е познат и дека се работи за друг начин и методологија и дека најдобро кје биде да продолжам сама.
Во кариерата ми фалело екипа како М2, професионалци кои што ќе ја олеснат работата. И ден денес сум многу пробирлива кога се работи за соработници и ги одбирам по некој инстинкт, но на крајот сепак јас самата ги донесувам одлуките.
И ден денес онаа привилегија која ја имам кај продукциите е што сите сакаат да работат со храбри артисти, но од друга страна пак се плашат тие да експериментираат и имаат некоја резерва, веројатно чувствуваат некаква одговорност која ги кочи, да не се излезе од сигурна зона.
Тоа е нешто со што се соочувам последниве години, да работат со храбри артисти кои што се експлицитни, кои не се плашат да експериментираат. За мене нема неуспешна песна. Не ме плаши ако некоја песна не помине. Има песна која е комерцијална, која се обраќа на масата и песна која ќе опфати помал група. Музиката трпи се.
ММагазин: Експериментот и пробивањето на визуелните бариери ама и беспрекорно спакувана естетика која патем не случајно е провокативна е она по што сте препознативи. Тоа е резултат од формалното образование (комуникациски науки) искуството од живот во различни средини или вродено естетско чувство ?
Посебно ми е задоволство кога се работи за визуелниот дел, посебно изработката на спотови. Зад сè досега сработено стојам сама, од замислата за изгледот до монтажа, тој дел го правам со посебен ќеиф. Многу ми е важна естетиката и искрено мислам дека со оглед на можностите и буџетите овде тоа го правиме навистина многу добро со супер креативни спотови.
Летово имавме интересна ситуација на терен на изработката на спотот за „Чонга“. Беше најдена супер необична локација во Црна Гора, наречена Мамула за каде уредно добивме дозвола за снимање од Министерството за Култура. Многу интригантно ни звучеше дека тоа било порано еден од поозогласените затвори.
Но искуството беше непријатно кога не ни дозволија да стапнеме на островот, бидејќи местото едвај некако било приватизирано, па покрај целата беспрекорна организација моравме без целосно реализирана идеја да го завршиме проектот.
Бев многу разочарана, но некако имам веројатно таква карма да ми се комплицираат работите. Ова искуство ми покажа дека понекогаш и со многу буџет како во овој случај не можеш многу да направиш.
ММагазин: Веројатно поради тоа публиката со нетрпение ги очекува новите проекти, особено по разумната пауза. Ќе ги подгрееме ли очекувањата?
Знам дека публиката едвај чека и интензивно работам на нови проекти. План ми е во 2019та да старувам со нов материјал и концерти, а би сакала да стартувам токму од овде и во моментов сум во преговори околу организацијата.
Мислам дека така би било оправдано, бидејќи приказната од тука и започна. Искрено едвај чекам да се случи тоа без разлика дали со помош од страна или не, решена сум сама да го истуркам до крај. Концертот ќе биде промоција на новиот албум кој моментно го подготвувам со врвни и докажани професионаци како Дарко Димитров.
Наменет е за албанскиот пазар бидејќи немам направено материјал подолго време за тој пазар. Македонскиот пазар е во моментов ограничен и албум на македонски јазик би немал оправдан пласман.
За македонската сцена останувам отворена како и секогаш, но не за фестивали кои одамна не ми се предизвик пред сè заради политиката на работа, која всушност ја има во секоја индустрија. Мој предизвик се добрата песна која секој добар пејач би можел да ја отпее на било кој јазик па дури и да не ја разбира.
Јас сум отворена за овој пазар секогаш и албумот ќе биде тука. Тоа ми е желбата за 12 на полноќ, да го остварам тоа како што јас го имам замислено. Концертот ќе биде екслузивно со новите песни.
Понатака би сакала голем концерт и моите планови и желби и цели се насочени кон тоа. На тој албум би го исполнила целиот репертоар што го имам на сите јазици и тоа би било вистинско задоволство.
Јас сум секогаш подготвена за контраверзности и ризиците кои тие ги носат, бидејќи како и да е тоа интерпретирано, еден уметник истрпува сè. Дома мојата улога е друга и се трудам да го одржам тоа како и секоја друга мајка. Од друга страна фактот дека некој на кого му требам ме чека дома, ме тера да си ја извршам работата уште подобро
ММагазин: Како резултат на ентузијазмот и високите цели е поширокиот пазар на кој му се обраќате уште од самите почетоци. Колку всушност високо целите ?
Јас имав многу добра понуда, можеби не беше вистинскиот момент, но јас верувам во она „што е мое ќе си дојде“. Тоа беше понуда од една од најголемите продукции кои стојат зад Лејди Гага, Кејти Пери и слични, со големи проекти и планови, но јас во тој момент бев бремена па распоредот не ни се поклопуваше.
Понуда која секој артист ја сонува со пласман на светска сцена и се разбира многу солидна сума. Требаше да се изработат четири песни и да се одбере една која големите продукции би ја пласирале глобално.
Многу сигурна карта, но ете не беше моментот. Не се погоди тајмингот кога тие сакаа и кога јас можев. Но секогаш се покажува дека што треба ќе дојде и јас останувам отворена за било каква соработка. Се разбира дека секој артист стреми кон странската естрада.
Можеби е пропуштена прилика но од друга страна јас кога сум среќна со тоа како функционирам сум задоволна и подобро ми е да имам исполнет живот и креација која ме прави среќна. Не би можела да знам дали тоа ребрендирање би било по моја мерка. Би можела да се материјализирам можеби десет пати повеќе, но да не бидам вистинската јас.
ММагазин: Но затоа пак сте вистинската Вие секогаш кога станува збор за модата и имиџот. Очигледно е многу важна во Вашиот животен стил, зарем не?
Во модата сакам да експериментирам и ме интересираат дизајнери кои се по-мејнстрим. Горда сум на пријателството со Марјан Пејовски. Се запознавме додека бев во Лондон, бев на нивните модни ревии.
Горда сум на него како на дизајнер на светско ниво. Неговата облека мене лично многу ми прилега и ја имам користено во моите спотови. Преку нив имам запознаено и многу други имиња во модата. Летово на нивната свадба во Скопје донесоа многу врвни имиња од светот на стајлингот.
Со некои од нив имам работено на проекти како на пример на последниот Марие. Со стилист од Њујорк. Потоа работев со Нанке која е моментно број еден во Англија и облекува поголем дел од светската естрада. Сега сум во преговори со стилисти од светско ниво за претстојните проекти. Сакам да експериментирам со различни брендови и различни стилови. Факт е дека модата многу ме интересира.
ММагазин: Од друга страна, во колкава мера според вас уметниците можат и сакаат општествено да се ангажираат и влијаат?
Мислам дека артистите имаат големо влијание и се некои инфлуенсери и не случајно ги ангажираат. Она на што сум посебно горда на себе и го сакам кај мене е што никогаш не сум се обоила политички.
Политиката останува за мене, и покрај тоа што таа диригира сè, непознат поим. Дури имaм замерка на одредени уметници кои заради некои материјални цели или било што се етикетираат. Па некои со неспоредливи ниски квалитети имаат поголема подршка од квалитетните.
Но и тоа е нешто со кое се имам помирено и решена сум да си стојам зад тоа и си го истерам својот пат. Но ме радува дека луѓето стануваат се поосвестени, па иако во бурата на најголемите случувања не бев присутна она што ме храбри е дека доаѓаат други времиња и други сфаќања.
Веќе сите сме едно и живеам за тој ден да видам соживот во оваа држава, зошто само тоа ќе ни донесе прогрес во сè па и во музиката. Ако треба како уметник да дадам некаква порака, тоа секогаш ќе биде – баталете политика!
Едноставно – PEACE!
ММагазин: Што е тогаш за Вас слободата?
Слобода за мене е да си го живееш сопствениот животен стил диригиран од самиот себеси. Да не знаеш кои ти се политичарите и да не ти е срам од тоа. Може да ми е пропуст да не знам за некои битни општествени случувања во светот, но и не имиња на политичари.
Јас сум дете од мешан брак и од мала сум била воспитувана дека не треба да имам предрасуди. Израсната сум во Аеродром и поради името постојано ме прашуваа која националност сум. Мајка ми ме научи дека луѓето треба ги делам на добри и лоши, а не по националност.
Таа едноставна филозофија е моја и ден денес. Воопшто не ми е важно од кај си и која религија си. Себеси се доживувам како граѓанин на светот. Јас верувам во универзумот. Човекот треба да има верба и да се потпре на нешто, особено во тешки моменти.
ММагазин: Колку новиот член во семејството значеше измена на животниот стил на приватен план?
Имам среќа со дадилката на Тиан, која е азијка, ја донесовме од Филипините и која ни се погоди со нејзиниот начин на подготовка на храна. Ние веруваме во здрава исхрана и инсистираме на тоа, а таа го има извонредно погодено миксот на нашата традиционална исхрана, европската и азиската.
Многу учам од неа и се трудам околу тоа. Сега за прв пат почнав да готвам сама за да го знам тоа за моето дете и тоа да биде здрава храна. Спортувам од секогаш, но сега по породувањето морав да се доведам во ред во најкраток рок и тоа ми беше посебен предизвик, па сум во состојба се да испробам па вежбам по два пати дневно.
Сега ми е фаза на Инсанити, но дефинитивно спортот е дел од мојот живот и животен стил. Одговор на сè, кондиција, физички изглед, здравје… но и психотерапија. Џогирањето ми е омилено меѓу останатото.
ММагазин: Со оглед како ви се одвива животот лесно би можело да се констатира дека сте родена под среќна звезда. Се чувствувате ли така?
Верувам дека сум родена со среќна звезда, би било неблагодарно да кажам дека не е така, благодарна сум со дарбата од универзумот, но и од мајка ми. Моите родители се и двајцата талентирани. Но факт е дека и музиката и спортот не се особено ценети овде. Од таму и неговата скепса за оваа работа.
Потоа едно време имавме кладба со татко ми за тоа дека нема шанси со мојава работа да го надминам, но потоа мораше да признае, па беше и малку навреден кога во една прилика го нарекле таткото на Туна.
Но мислам дека моите се горди на сè она што го имам направено до сега. Сепак не е лесно за родител да има дете со ваква професија која е една од најтешките во смисла на нефер игра. Не сè изгледа така розево како што се чини на прв поглед, но јас ќе направам сè да ги направам горди како што сакам утре моето дете исто така да ме направи горда.
Сепак е семејтвото тоа што те држи цврсто на земја кога многу лесно може да се застрани во овој тип на работа. Стабилниот семеен живот исто така ми помага да филтрирам вистинските луѓе околу себе .
Јас немав потполна подршка од родителите за оваа работа, зошто секој родител сака за своето дете да има „сигурна работа“. Многу често сме имале конфликти со татко ми околу работава бидејќи и спортот и музиката и покрај успесите не се особено ценети професии.
Но му имав ветено и себеси и нему дека ќе го направам најдобро што можам, зошто мојата филозофија е подобро да бидам некој кој е успешен уметник од колку лажен адвокат и сл. И покрај тоа што имам дипломирано Комуникациски науки, музиката е тоа што најдобро го правам. Ова е професија за која сум благодарна секој ден.
ММагазин: Каква е тогаш во моментов состојбата на листата на желби ?
Задоволна сум од тоа како се исполнуваат желбите од мојата долга листа( која постојано се надополнува) до сега.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.