На јубилејното издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе бидат прикажани десет македонски документарни филмови кој ќе се одржи од 21 до 28 август. Покрај македонските документарни филмови, филмската програма на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе ја дополнат и 70 документарни остварувања на автори од целиот свет.

Круна на македонската програма ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот ќе биде прикажан на затварањето на фестивалот, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

Филм за отворање на фестивалот е „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.

Фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори. Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците.

„МакеДокс“

На темата копродукција од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи форумот „MakeCoProDox“, на кој ќе учествуваат претставници на филмските фондови и агенции од регионот и скандинавските земји, како и 20-тина проекти на автори од Западен Балкан, а вниманието ќе биде фокусирано кон нужните промени во создавањето на документарните копродукции во регионот. Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и Агенцијата за филм на Р.С. Македонија.