Првиот ден од месец октомври е Меѓународен ден на кафето, повод што се користи за промовирање и славење на кафето како пијалок. Љубителите на кафе го користат овој ден за кафе муабет со пријателите. Но дали некогаш сте се запрашале како луѓето во Етиопија, Виетнам, Грција или Јапонија уживаат во кафето? Филџан кафе не изгледал никогаш попривлечно, особено кога сме свесни дека постојат толку многу начини да уживате во дневната доза на овој пијалок, како и многу начини на кој овој пијалок се приготвува.

Кремаста мешавина– Љубителите на млечно кафе би се изненадиле кога го нарачуваат омилениот пијалок во Ханој или Хо Ши Мин. Виетнам има свој посебен начин на приготвување на овој пијалок, а како специјална состојка е густо кондензирано млеко. Целото кафе во Виетнам се сервира со индивидуален алуминиумски филтер полн со кафе поставен над филџан, во кој се истура врела вода. Покрај овие садови, тука ќе добиете и голема чаша исполнета со коцки мраз. Виетнамците потоа го истураат свежо филтрираното кафе врз чашата мраз за да го испијат разладено.

Ледено кафе– Грците не се единствените кои уживаат во ледено кафе. Италијанците може се шампиони во ristretto, но тие исто така обожаваат да пијат shakerato. Во оваа верзија кафето се подготвува со мешање на кратко еспресо со коцки мраз и едноставен шеќерен сируп во коктел-шејкер. Во Јапонија пак, леденото кафе е опција која често се наоѓа во форма „ready to drink“ во шишиња или лименки во разни автомати за пијалоци на улиците.

Убаво и зачинето– Во Етиопија кафето е церемонија со свои ритуали. Во земјата што тврди дека е родно место на кафето, пијалокот го служат жени и се подготвуваат на земја. Всушност, свежите уште зелени зрна кафе се печат директно на самото место пред да се сомелат, потоа се додава вода за да се зоврие напивката и кафето секогаш е зачинето со различни ароматични зачини, како што се кардамон, цимет, ѓумбир, па дури и чили.

Кафе во комбинација со чај– Земјата на мача каде традиционалната церемонија на подготовка и пиење на чај е позната стотици години наназад, нуди оригинален начин да уживате во кафето, во мешавина со чај. Особено во Кјото, пиењето кафе е искуство што треба да се ужива, па луѓето може да изберат различни сорти на зелен чај што ќе бидат подготвени заедно со нивното кафе. Резултатот е совршено избалансиран пијалок кој го обвива непцео со пријатна арома.