Да бидеме искрени, да се јаде разумно не е лесно. Знаеме дека храната не се дели на лоша и добра, како и дека е подобро да го пратиме сигналот за глад отколку да седнеме да јадеме бидејќи е време за јадење. Но, како и за многу теми, теоријата ни е јака страна, а кај праксата потфрламе. Практикувањето на разумна исхрана како животен стил ќе внесе многу промени во Вашиот живот.

Но што всушност значи да се храниш разумно?

Кога се јаде разумно, го забележувате сигналот од мозокот и чувството на глад па јадете кога сте навистина гладни и го чувствувате вкусот во устата и уживате во храната. Два најголеми бенефити од свесното јадење се: намалување на стресот околу оброците (јадете кога ви се јаде) и им помога на луѓето повеќе да уживаат во храната.

Разумното јадење може да го практикуваат сите, без разлика дали се поддржувачи на протеинска, кето, палео или каква и да е исхрана. Уште како мали не научиле дека во училиште на голем одмор мора да јадеш, гладен или не, тоа е време за јадење. Тогаш сме немале избор, но сега како возрасни мора да научиме да го слушаме телото какви сигнали ни дава.

За да станете свесни и да јадете разумно обидете се да ги исполните следниве услови:

Не јадете стоечки!

Сигурен сум дека многу оброци сте ги изеле „од нога“. Кога стоечки го јадеме оброкот, јадеме побрзо и затоа јадеме барем 5% повеќе. Побавното јадење, значи подолго џвакање односно првиот дел од варењето на храната треба да се одвива во устата. Почувствувајте го вкусот, не ја голтајте храната веднаш. Кога ќе се најадете тргнете ја храната настрана. Тоа ќе ја намали шансата да внесете повеќе храна од што ви е потребно.

Исклучете ги екраните

Нека биде правило дека кога ќе се јаде екраните(тв, таблет, телефон…) ќе бидат исклучени. Ставете го телефонот настрана, седнете, фокусирајте се на храната и јадете полека.

Направете распоред за оброци и ужини

Кога имате пауза за ручек, престанете со работа. Нека биде тоа навистина пауза за ручек. Доколку секој ден ја имате истата рутина и големината на оброците е прилагодена според Вашите потреби, ќе забележите дека во исто време ќе чувствувате глад.

Бидете набљудувач сам на себе

Приметете што навистина правите еден ден во врска со исхраната и воочете ги грешките. Само така ќе може да направите промена.

Обезбедете ја дома храната што ја сакате

Планирањето однапред оброци за следниот ден ќе ја намали можноста да внесете неквалитетен оброк. Ќе се чувствувате најдобро ако храната ви се состои од јаглехидрати од цело зрно, протеини, зеленчук и овошје.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.