Потребен е дебел, обемен, тежок прирачник за воспитување и одгледување дете во ова време. Без разлика дали станува збор за момче или девојче. Но, бидејќи ова е списание чија фокус група се мажите, а и за феминизмот и девојчињата досега се напишани илјадници текстови, реферати, научни студии и лични видувања, ова е текст за мажественоста.
Колку подлабоко се внесете во истражувањето на темата мажи и мажественост, толку повеќе ќе сфатите дека сè поголем станува бранот наречен „Нова дефиниција на мажественоста“.
Тргнете од Холивуд, кој има огромно влијание да придвижува општествени појави. Бред Пит, при промовирање на својот најнов филм Ad Astra, на конференцијата за медиуми, зборуваше за токсичната мажественост, за тоа како родителите погрешно ги воспитувале своите деца, за тематиката на филмот која опфаќа еден таков, емоционално затворен астронаут во потрага по својот татко.
Оскаровецот Мехрсала Али, стана заштитно лице на брендот за облека Zegna, па ја искористи пригодата преку модата да даде поттик да се редефинира мажественоста.
Од каде потребата за редефиниција на мажественоста? Што ѝ недостасува на старата дефиниција?
Во животот можеби не сте имале опкружување исполнето со мажи, благодарение на две сестри, многу братучетки, внуки, пријателки, колешки. Тој андроген свет можеби бил само сознајно присутна мистерија во некој паралелен психолошки универзум.
Сте размислувале за заштита на жените од насилство, за воспитување на девојчињата да бидат доволни сами на себеси, да се одбранат, да го искажат своето мислење, да се гласни, да не дозволуваат никој да ги понижува, да ги вреднуваат останатите припаднички на својот пол, да се изборат за она што е нивно.
Ваквиот склоп на мислење е карактеристичен за новата генерација, бидејќи е експлицитен, па дури и нападен во ова време. Истиот го роди #MeToo, движењето за борба против сексуалното злоставување, за кое веруваме во голема смисла дека придонесе за потребата од нова дефиниција на мажественоста.
Мажите отсекогаш имале проблем да ги искажуваат своите чувства на здрав и отворен начин. Уште од мали момчиња се учени да не плачат кога ќе паднат, да не кажуваат ако им е страв од нешто, да се најдобри, да се натпреваруваат, да не плачат кога им е скршено срцето, да не искажуваат емоции. Сето ова ги прави ранливи и слаби, а тоа не е одлика на еден маж, чии предци имале порив да ловат, да војуваат, да освојуваат, да покажуваат храброст.
Во 2018 година, Американската асоцијација на психолози (АПА) извади прирачник со инструкции за водење психолошка практика со момчиња и мажи. Во овој прирачник, традиционалната мажественост која се одликува со горенаведениве атрибути е обележана со стоицизам, компетитивност, доминантност и агресија.
Накратко, штетна.
Секако, ќе си речете дека светот нема потреба од еден ваков прирачник. На мажите им оди одлично во животот. Па 92% од извршните директори на 500-те најдобри компании во светот во 2018 се мажи. А 81% од целокупниот Конгрес во САД во 2017 го сочинувале мажи.
Оваа навидум идилична слика ја побиваат други бројки кои излегуваат од истражувањето на АПА: Мажите се причинители на 90% од убиствата во САД, а 77% од жртвите на убиства се токму мажи. Знаете ли дека 3,5 пати повеќе мажи извршуваат самоубиства, за разлика од жените, а мажите имаат 4,9 години пократок животен век од жените. Сега не ви изгледа сè така розово зар не?
Мажите одгледувани во духот на традиционалната мажественост, според истражување на д-р Кристен Спрингер од 2011, покажува дека имаат многу помала тенденција да се грижат за своето здравје и зголемен ризик од впуштање во несоодветни однесувања како консумирање алкохол, тутун и избегнување консумација на здрава храна. Веројатно оправдувањето е дека тие се мажествени мажи на кои не им треба лекар и зеленчук бидејќи се јаки и семоќни.
Овој шаблон на воспитување, би рекле им штети најмногу на самите мажи. Константниот притисок да се биде „правилен“ маж е тежок и непотребен за секое човечко суштество. На овој начин се развиваат нездрави односи со пријателите од ист пол, се развиваат нездрави врски со припадниците на другиот пол, се оттурнуваат децата од себе и се создава една пасивна поттисната агресија која резултира со огорченост и стрес.
Но, ако традиционалната мажественост е лоша во најголема мера за самиот маж, токсичната е лоша за целата околина. Дозволете да појаснам. Обидувајќи се да ја отстраниме традиционалната пракса на воспитување на момчињата, забегуваме во една друга поларност на оскава.
На токсичната мажественост по дефиниција ѝ припаѓаат насилството, агресијата, неконтролираната амбиција нели? И решението е едноставно – мажите да бидат помалку токсични, помалку мажествени, повеќе како жените. Тоа е уште еден проблем кој го нагласува Ели Стаки од Prager University.
„Кога се обидувате да ги направите мажите повеќе како жените, добивате сè поголема токсична мажественост“, вели таа. „Бидејќи мажите не стануваат подобри кога ќе престанат да бидат мажи. Тие стануваат подобри кога ќе престанат да бидат лоши.“
Според Стаки, потребно е елементите кои ја прават токсична мажественоста како агресијата, насилството и амбицијата правилно да се насочат. Тогаш, наместо уништување, мажите размислуваат во насока на победување на злото. Наместо глупави и опасни ризици, преземаат храбри чекори.
Потребно е да ја подобриме мажественоста, не да ја намалиме. А нејзиното подобрување се состои во тоа да ги учиме младите момчиња да ѝ отворат врата на девојката кога се на состанок. Да ја разберат важноста на семејството и кога ќе станат татковци да се грижат за своето семејство.
Што се однесува до романтичните врски, вистината е дека жените сакаат вистински мажи, мажи на кои можат да се потпрат, на кои можат да се огледаат, кои можат да ги инспирираат да станат најдобрата верзија од себе.
Не би се осудиле да дадеме нова дефиниција на мажественоста. Ниту ќе се согласам дека сè е во ред со традиционалната. Она што го знам е дека не е здраво да се поттиснуваат сите емоции во себе. Знам дека е убаво кога имате кому да ги искажете своите чувства, стравови, желби, потреби.
Знам дека е убаво да го извлекувате најдоброто од себе. Учењето на момчињата да бидат најдобрата верзија од себе, не се постигнува така што ќе ги забраните сите игри со натпреварување и сите ќе бидат победници. Се постигнува кога ќе научат да го признаат поразот и следниот пат ќе се потрудат повеќе.
Кога ќе го научите младото момче дека треба да се почитува себе и другите и дека почитта се заслужува со постапките. Кога ќе го научите младото момче дека треба да ја прифати одговорноста за своите постапки, тогаш сте го научиле на вистинската мажественост која раѓа лидери, херои, пријатели, сограѓани, вистински мажи.
И.Ц.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ /ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.