Јамајка го одржува своето Cool Runnings наследство од Зимските олимписки игри во Калгари од 1988 и се враќа на сцената во Пекинг оваа година.

За првпат по 24 години, Јамајка успеа да се избори за место на Зимски олимписки игри со својот четиричлен боб тим. Но, тоа не е се, бидејќи карипската островска држава успеа да се квалификува и за натпреварувањата во тандем и женскиот монобоб. Јамајканскиот тим се пофали на Twitter со овие епски вести.

„Ќе има оган на мразот. Ова е првпат Јамајка да се квалификува за три боб настани на ЗОИ – четиричлен боб тим, тандем и женски монобоб“.

Она што е особено интересно тука е фактот дека тимот кој ќе учествува на Зимските олимписки игри во Пекинг годинава исто така се соочува со истите аутсајдерски проблеми како и првиот тим кој го инспирираше култниот филм – недостаток на финансии за опрема. Предводени од еден од оригиналните членови на боб поставата од 1988, Крис Стоукс, кој сега е претседател на Боб и Скелетон Фондацијата на Јамајка – тимот започна акција на GoFundMe платформата со цел да собере средства за нови боб санки. Во моментов тимот има собрано 4.785 долари од потребните 194.000 долари.

Истите предизвици како во 1988

Но, тимот повторно се соочи со големи предизвици кои наликуваат како оние во филмот. Имено, поради пандемијата, сите граници беа затворени, а Јамајканците, кои тренираа во Англија, беа принудени повторно да станат креативни. Така, еден од членовите на тимот, Шонвејн Стивенс, откри дека морале да бидат креативни и снаодливи, па така користеле Mini Cooper автомобил со цел да го вежбаат туркањето кое е клучно во нивниот спорт.

„Имаше луѓе кои застануваа, мислеа дека автомобилот ни е расипан, па се обидуваа да ни помогнат да го стартуваме. Кога им кажувавме дека ние сме боб тимот на Јамајка, работите веднаш се менуваа и сите се возбудуваа“, изјави Стивенс за Reuters.

Јамајка дебитираше на Зимските олимписки игри со својата прославена четворка во 1988 година во Калгари, каде добија огромна популарност како аутсајдери и поради тоа што не ја завршија својата трка. Нивниот историски настап го инспирираше филмот од 1993 година, „Cool Runnings“.

 

Последен пат кога четиричлен боб тим на Јамајка учествуваше на ЗОИ беше во 1998 година во Нагано, Јапонија. Сепак, во меѓувреме тие се натпреваруваа во тандем неколку пати, вклучително и 1992, 1994, 1998, 2002 и 2014. Женскиот боб тандем на Јамајка дебитираше во 2018 година во Пјонгчанг.

Овој тропски остров најави и дека за првпат ќе има и претставник во алпско скијање во Пекинг. Бенџамин Александер стана првиот јамајкански скијач кој се квалификувал за ЗОИ во џиновски слалом. Нема дилеми дека не очекува нов спектакл во режија на Јамајканците на овие Зимски олимписки игри во Пекинг кои стартуваат за нешто повеќе од две недели.