Иако тука сме многу далеку од размислувањата за тоа како производството влијае врз околината во која живееме, сепак некаде во светот многу компании се трудат да имаат што помало негативно влијание врз животната средина. Токму поради „одржливоста“ брендот за очила за сонце Coco Leni го привлече вниманието со својот уникатен избор на материјали и идеологијата „по нарачка“. Купувањето очила за сонце може да изгледа како тривијална одлука, но може да има огромно влијание врз околината. Иако би сакале да веруваме дека квалитетните рамки можат да ви траат со години, реалноста е дека трендовите доведуваат само до полнење на депониите со пластика и зголемување на штетните гасови. Според овој бренд, решението е во бавен моден пристап кон нашиот омилен летен додаток. Ко-основачите Арџун Сагар и Матијас Хасе стојат позади Coco Leni која е основана во 2013 година и која прави очила за сонце од кората на кокос по принцип на нарачка. Лесни, со различни форми, големини и бои – овие нарачани очила се дизајнирани според вашиот облик на лице, соодветна големина и личниот стил.