Одамна веќе треба да ни е јасно дека не секој моден тренд кој го налагаат модните писти е во ред да го носиме. Од една страна, не стои сè секому. Од друга, дури и кај најкреативните умови меѓу дизајнерите, може да се случи сите да потпаднат под некоја и не толку паметна идеја.
Некој сличен и чуден феномен се случи минатата сезона, кога машките модели на модните писти чекореа во здолништа и фустани. Ако не се лажеме, обидот беше релативно неуспешен.
Сега на ред дојдоа чевлите. Брендот за патики Yezzy, направи некоја обновена верзија на своите Yeezy Boost 700 патики, која го носи името Foam Runner. Дали идејата им била да чекорат по облаци е нејасно, но патиките наликуваат како Crocs за во зима, а Crocs не се носат никаде освен во бањата, па ни таму!
Втори и подеднакво чудни, но на свој начин се чорапите-чевли на The Row. Станува збор за најлонска чорапа со кожен ѓон. Наликуваат на женска балетанка која прерано излегла од својот кожурец. За да дадеме одговор каде и со што би се носеле, ни треба кристална топка!
Можеби најмалку изненадувачки ќе делуваат патиките на Хелен Киркум, девојката која на Instagram ги споделува своите Франкенштајн верзии од патики. Лабави работи, видливи конци и растргани материјали се само дел од нештата кои донекаде ги прават и интересни.