”Успехот, според мене, е многу поврзан со начинот преку кој си стигнал со него. Денес, сретнуваш разни истории,.. успешни бизнисмени кои се поврзани со политика и тендерски бизниси, за себе, избирам да спијам спокојно и мирно без мисла на вина”

Иновативен, креативен и визионерски во професионалниот живот, но исклучително традиционален во зачувување на вистинските животни поенти, со вистинска страст и пасија за животот, со европски изглед и џентлменски манири, Неби Хоџа е личност на чие место би посакале да бидете.

Но местото не е ниту подарено ниту стекнато со леснотија туку престижна точка до која се стигнува со знаење, умешност, талент, трпение, многу работа, но и бескомпромисно држење кон денес запоставениот етичкиот кодекс.

ММАГАЗИН: Која е првата слика која ви доаѓа како сеќавање од детството?

Слики, како моменти на длабоко секавање, можам да се сетам на неколку од нив. Најинтересна една таква е… моментот кога се пресоблекував од работа за на школо и кога се погледнувам на огледало, целото лице црно од полирање накит, со нацртана маичка околу вратот.

Моето детство помина со малку игра. Одличен ученик, пораснат во голема фамилија, каде секој требаше да заработи за себе од мали години. Работилница-дома-школо и обратно, беше мојата релација.

Се сеќавам и на нешто друго од тоа време… се бањавме на Вардар во недела на градската плажа над камениот мост. Како што растев, за време на пубертетот, можев подобро да се организирам, најмалку за викенд, а останатото време беше исто.

Неби Хоџа

ММАГАЗИН: Во време на извулгаризирани животни доблести и деградација на семејството се чини дека за Вас е особено важно зачувувањето на семејните вредности, но и компакноста на фамилијарниот круг, што е вистински раритет. Како успевате во тоа?

Да пораснеш во голема ФАМИЛИЈА, како оваа на татко ми Али Хоџа и мајка ми Ханифе, заедно со девет деца, од кои шест браќа и три сестри, со кои заедно со деца сега броиме над 100 членови, од една страна е економски тешко и невозможно, но ако се организираш, може да биде многу продуктивно. Тоа се случи и со нашата фамилија.

Вториот брат научи занает во Рубин Кармин. Потоа татко ми, со малку заштеда, малку позајмица, заедно со двајцата браќа Хетем и Авдул, кои работеа како калфи, го направија најумниот потег и купија дуќан од само 6 метри квадратни, во Старата Скопска Чаршија. Оваа беше нашата стартна точка за денешниот успех на „Смарагд”.

Јас, како седмо дете, именуван по дедо ми Неби, кој беше многу почитуван имам во џамија, освен фамилијарната хиерархија, морав да го научам и Еснафскиот кодекс на етичко однесување, што значи почит кон муштериите, посебно кон постарите и послужување чај или кафе, одржување лична и амбиентална хигиена, начин на говор, квалитетна услуга, добри односи со комшиите, било која националност или вера да се.

За среќа, повеќе од 15 години, редовно одржуваме фамилјарен форум на мажи над 16 год. возраст каде дискутираме на различни теми од интерес, како хуманитарна помош за блиските или луѓе, разговараме за правилната едукација на младите во нашата фамилија, во однос на потребите на нашите бизниси и нивните афинитети. Грешните потези може да влијаат лошо врз целата фамилија, затоа со фанатизам ги почитуваме одлуките од овој форум.

ММАГАЗИН: За својата магистратура велите дека е убав украс на ѕидот, наспроти враќањето и продолжувањето на семејната традиција. Па сепак, што беше пресудно како интелектуалец и менаџер со визија да успеете „ Смарагд“, да ја развиете во меѓународна компанија, а напоредно успешно да развивате и дргуги бизнис приказни?

Од средно, гимназијата „Зеф Љуш Марку”, ако немаш визија каде да ја насочиш кариерата, по дифолт, одличните машки ученици по природно-математички афинитети, па тоа време се запишуваа на електро како „жилети“ по интелегенција, а девојчињата на медицина како бубалици.

На магистерската прослава, требаше да одржам говор, а не знаев што да кажам. Затоа реков: „Почитувани професори и мои најблиски, благодарност до сите, но морам да ви објаснам дека јас факултетот го завршив, но мојата визија е да го продолжам фамилијарниот бизнис, и дека таму сум најпотребен″.

Си велам, ако низ мојот мозок, во текот на моите студии биле решени над стотици илјади математички задачи, зошто да не можам да успеам и во други ситуации во животот. Па така, и до ден денес проблемите ги решавам со математички формули.

Друго што е важно во успехот е како интелектуалец размислуваш поинаку, секогаш да си по иновативен и немаш потреба да копираш никого. Во комуникација со странски компании си на повисоко ниво, што значи дека ја немаш таа помисла на инфериорност.

Јас си го асфалтирав својот пат на успехот со креативност и многу аналитички, а за етика и доверба се базирав на фамилијарниот темел. Мојот најстар брат, Хетем и Авдил, кој не е повеќе меѓу нас, тие ме водеа, и моите сестри кои секогаш беа тука за нас, беа како ладен развигор во нашите грбови. Меѓу нас веќе неколку години не е ниту мојот брат Ремзи, тој останува модел на умноста и издржливоста, не само за нашето семејство, туку и пошироко.

Денес броиме успешни бизниси во градежништво, хотелиерство, производство(фабрика за мебел), отворивме училишта и имаме и други планови. Последна инвестиција е и Шопинг Центарот, „Ferizaj Retail Village” како еден од нај иновативните шопинг центри во Балканот. Сите овие компании се дел од групацијата „OXA-Group“, повеќето од кои се семејни компании.

Неби ХоџаММАГАЗИН: Традиција, образование и професионализам, дали е тоа темелот на самодовербата како свето тројство на успехот ?

Реално во секој бизнис на долги патеки мора да се почитуваат трите столба, но јас би додал или би ги објаснил овие три столба со една порака до сите оние кои сакаат да почнат или веќе се бават со златарство. Треба ТРПЕНИЕ, УМНОСТ И ЧЕСНОСТ.

Кога колегите ќе го видат жигот на „Смарагд”во накит, вопшто не размислуваат за квалитетот на златото, а тоа за нас преставува гордост. Чесноста не се купува со пари туку со трпение, се култивира и се пренесува од генерација на генерација.

ММАГАЗИН: Традиција од 50 години за животот на еден бренд, особено со толку детали и во специфични услови, е сериозна потврда за квалитет. Во што е суштината на опстанокот?

За да објасниш 50 години (пола век) традиција и квалитет на еден бренд во неколку реченици треба да си Дејвид Коперфилд. Освен 50 години „Смарагд“ ние славиме и повеќе децении на златари во Скопје.

Се сеќаваме на секој мајстор и секој работник во ова професија. Имаме почит кон сите мајстори, за сите научени работи, дури кога тоа беше само еден поглед, едно недоразбирање или еден убав збор.

Сите наши ученици (калфи) кои поминаа низ нашите раце, секој соработник внатре во нашите работилници, дуќани и надвор од нив беа како дел од нашето семејство. Без нив немаше да бидеме исти. Успеавме не затоа што бевме посилни или поумни, туку затоа што бевме заедно, посветени и со добра воља.

Конкуренцијата во Скопје е толку голема, што ако малку „заспиеш„ утредента ќе си останеш дома. Од кога магистрирав, бев редовен посетител на најпознатите саеми за злато во Италија, Турција, Индија, Дубаи, Сингапур, Јужна Кореа и Малезија, како светски лидери во производство на златен накит, за да бидам во тренд со најновите достигнувања во оваа област.

Дел од тие искуства и модели сме ги пренеле кај нас, но ги адаптиравме за нашиот менталитет и економска моќ. Светот денес инвестира многу во злато и златници поради тоа што златото во земјината топка е во ограничена количина, а од друга страна бројот на жители во светот расте, и како резултат на пазарната економија, се разбира, цените на златото само ќе растат.

ММАГАЗИН: Како доказ на фамилијарната преокупација со златарството е и книгата „Златото и другите благородни метали”, чиј автор е Вашиот брат Авдул кој на професионален начин на 500 страници ја опишува технологијата на обработка на златото. Се покажува ли креативниот дух како семејна одлика?

Книгата „Златото и другите благородни метали” е напишана за време од седум години и содржи 38 години претходно искуство на мојот покоен брат. Оваа книга е наменета за сите професионалци во златарството.

Прикажани се сите технологии на производство на златен накит од најстарите времиња до најмодерната технологија. Потоа на табеларен начин тука се сите податоци, а и различните формули за хемиските карактеристики на сите други благородни метали и нивната изработка.

Толкаво искуство во конкуренција и амбицијата која се вроди кај секој член, беа клучни за ние да станеме лидери и најдобри во тоа што го правевме. Уште како деца се натпреварувавме кој за колку време ќе направи со најдобар квалитет.

И како награда, секоја сабота, одевме на Езеро во Треска или во Сарај на пикник. Тој знаеше да биде остар за работата, но за сите постигнувања, имаше награди. Кога ја гледам книгата го гледам него и секогаш ќе остане добар помен, низ многу генерации во целиот регион.

Старите викаат „човек со многу пријатели значи богатсво“. Имам еден принцип во овој поглед, повеќе како механизам за одбрана, ако човек не е близок со своите најблиски, ме прави да се запрашам зошто е толку близок со мене и што точно сака од мене, затоа овие луѓе не се чести во мојот круг.

Неби ХоџаММАГАЗИН: Колку е возможно во денешната атмосфера на измамата како правило, а моралот како исклучок, дадениот збор да може да тежи повеќе од потпишан договор?

Како што расте кризата, така расте и бројот на измамници, ова е факт и уверен сум во тоа од мое искуство, сум видел и чесни соработници кои станале измамници. Мислам дека секој ден, сè повеќе, луѓето губат доверба меѓу себе.

И во официјалните напишани договори треба да се внимава на секој збор. Впрочем, модерниот свет така функционира, во ситуација кога не знаеш, научи од тој што е за пример, тоа се развиените држави и луѓето кои функционираат и ја развиваат нивната економија.

Балканот секогаш бил комбинација меѓу западот и ориентот каде што се вкрстуваат луѓе со европски и ориентален менталитет. Во развиените земји луѓето не стапуваат во бизнис со збор, важи само документиран договор, а од друга страна во слабо развиените земји е обратно.

Секој може да направи бизнис и да конкурира без капитал и без никакво искуство. Во оваа ситуација виновен е и купувачот кој не бира квалитет и му дава можност на секого да стане бизнисмен. Порано велеа златарот, берберот и саатчијата не се менуваат, а сега нема правила.

ММАГАЗИН: Планините ви се добри другари и Ваши чести домаќини. Нуркањето веројатно доза на мир. Колку досегнувањата на височините од една страна и допирањето на длабочините од друга ви помагаат за одржување на младоста на духот и телото, но и цврсто чекорење по реалноста?

Во филозофијата на умот, дуализам е збир од ставови во врска со односот помеѓу умот и материјата или духот и телото. Материјалното е очигледно кај човекот, но духот е тој недофатлив и интересен дел кој нè разликува меѓу себе, а тука спаѓаат душата, интелектот, волјата, совеста итн.

За да се одржи рамнотежа меѓу телото и духот треба активност која ќе го балансира тој однос како предзнак на одржување на младоста на духот и телото. Планинарење и нуркање можам да ви го препорачам, од една страна имаме физичка активност, а од друга страна дисциплинирано дишење, кое има навистина психо -физички ефекти.

Викенд на планина или нуркање ми ги полни батериите за цела недела. После таква активност мозокот функционира побистро и секако, физички си посвеж. И секогаш важи паролата: во здраво тело, здрав дух.

Едвај го чекам петокот за да „избегам“ од градот. Планинарењето не го гледам како спорт туку како начин на живеење. До сега, освен балканските врвови, успеав да стигнам до највисоките врвови во Европа како Мон Блан 4.810 m во 2016 година во Франција, Елбрус 5.642 m во 2017 година во Русија. Со добро здравје и со малку послободно време, би сакал да искачам и други високи врвови низ светот.

ММАГАЗИН: Кој тип на предрасуди најмногу ви бодат очи?

Сигурно предрасуди етички и расни, етнички, верски и слично. Можеби затоа што јас воопшто не го гледам светот со такви очи и мислам дека е навистина неправилно да се суди за разликите кои секогаш биле присутни.

За Балканот, ова е сеуште табу тема, затоа и се случуваат немири од време на време. Мислам дека е крајно време да се надминат овие негативни предрасуди за да направиме позитивни промени. Ако сакаме здраво и разумно да живееме, ваквите негативни појави треба што поскоро да ги елиминираме. „It is never too late to give up our prejudices”- рекол Хенри Дејвид Торо.

Важно за мене е да не мешам дружење и бизнис. До сега скоро 90% од бизнисите ми се фамилијарни и не сум пробал да излезам од тој фамилијарен оклоп. Инаку имам друштво за скијање, друштво за планинарење, друштво за дегустација на вина, полека со годините и друштво за уживање во пури. И друштво за далечни патувања, се разбира со одобрение од сопругата

ММАГАЗИН: Како се справувате со болката во животот, а како го контролирате хедонизмот?

Аристип, представник на Хедонизмот, тврди дека душата на човекот има двоен карактер: од една страна – задоволство, како манифестација на мекост, нежност, а од друга – болка, како манифестација на душевна суровост. Мислам дека среќата може да се постигне едноставно со ослободување од болка и вознемиреност.

Во мојот живот, на пример, ништо не ми е симнато од небо, сè што имам е постигнато со многу труд, и конечно мислам дека таа болка или вознемиреност стануваат бледи, а тоа што сум го постигнал во животот, полека го претворам во задоволство.

За да напредуваш, треба да гледаш напред, но од време на време да погледнуваш и наназад за да не заборавиш од каде си почнал и како си стигнал до таму каде што си сега. Овој начин на размислување лесно го контролира хедонизмот.

Брзото и лесно збогатување е ризично и со негативни импликации. Лесно заработените пари, лесно се трошат, па затоа мислам дека животните желби треба да бидат пореалистички

ММАГАЗИН: На кои животни желби им “фрлате ракавица“?

Ова може да звучи невозможно, но навистина речиси сè што сум испланирал и сум се ангажирал, на крај сум го реализирал. Сега имам желби кои треба да ги исполнам додека сум жив.

Но за да ги исполнам треба да работам без да размислувам за годините што поминуваат, а да живеам како да ми е последниот ден од животот. По природа сум авантурист, сакам активности кои бараат повеќе адреналин, но не ризикувам со екстремни промени.

Неколку лични желби ми се да ги искачам Седумте Светски Врвови, да летам со падобран, да го посетам Бразилскиот Карневал, да ги посетам старите цивилизации на Андите во Јужна Америка, Чиле, Мачу Пикчу, да го посетам ледениот Антарктик. Се надевам до крајот на животот ќе ги исполнам овие неостварени желби.

ММАГАЗИН: Која мудрост би ја пренеле на младите претприемачи и бизнисмени? Што треба да се смени во односот на сегашните претприемачи и бизнисмени?

Тој што сака да работи и заработи може да се снајде и тука. Политиката од друга страна треба сериозно да размисли на долгорочен план за поголема подршка на младите, со разни форми на стимулирање.

Образованието мора да се реформира од корен. Ако се постапува по таков стратешки план тогаш иднината ни е обезбедена. Кина е свеж пример. Пред 20 год никој не можеше да замисли дека Кина ќе има ваков економски раст. А тој раст е само како резултат на инвестирање и реформи во образованиот систем.

ММАГАЗИН: Колку е важна позицијата на семејството во успехот на еден маж и бизнисмен?

Во предходните одговори мислам дека не го споменав семејството. Но убеден сум дека зад секоја реченица се крие токму тоа. Семејството и домот е нешто без кое животот нема смисла.

Семејството е примарна човечка заедница, каде што поединецот најпрво ги исполнува условите на социјалниот живот кои ја одредуваат рамката во која тој или таа може да се развие како личност.

Семејството е култ и сè потекнува од семејните односи. Здравото семејство ви дава енергија и храброст да ги достигнете дури и највисоките врвови во светот. Во најтешките моменти на искачувањето на врвот на Елбрус, помислата на семејството кое ме чека дома, во полна смисла ми го спаси животот.

Се разбира, правилната синхронизација на одговорностите ги прави сите среќни. Сопругата Луле, е мојот животен сопатник од средно училиште и мојот главен поддржувач во секое поле.

По професија, Луле е гинеколог со над 10 годишно искуство на Гинеколошката Клиника во Чаир, а сега веќе 7 години работи во приватна ординација. Синот Рилинд(29) е женет, за кратко време и татко, млад но успешен во својот бизнис кој го започна како хоби и го претвори во компанија за маркетинг.

Го почна како „Start-up“ со кредит и позајмица од мојата фирма и за три години вработи осум лица и со професионализам успева во неговата визија. Мојата ќерката Веса(18) оваа година матурираше.., е многу амбициозна и планира да студира Генетика, иако моја желба беше да специјализира по Гемологија(наука за драги камења), за да можам да го пренесам мојот бизнис на некого од децата.

Децата се тие што во денешно време се доста информирани и знаат што сакаат, а ние сме тука секогаш да ги подржуваме во нивната кариера. Снаата која е магистер по аркитектура е како цреша на торта во нашето семејство.

Едвај чекаме да го донесе на свет првиот наследник на нашето семејството. Точно на време кога јас и мојата прекрасна сопруга чекаме да го доживееме чувството на дедо и баба.

Многу сум горд на сите кога ги гледам како функционираат и колку ме исполнуваат. Господ нека ни даде здравје на нас и истото го посакувам на секој еден,.. успесите идат и одат. Единствено што ќе ни остане за паметење се убавите и тешките моменти кои ни ги носи овој живот.

Навистина ги сакам животните и природата почнувајќи од куќниот миленик Неро, првак на Македонија, на кого му посветувам доста време и внимание. Со него секое утро излегуваме и трчаме во паркот наспроти, а за викенд, заедно со планинарите, се искачуваме на некоја од планините околу Скопје или подалеку

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.