Светот на часовниците го обележа почетокот на годината со посакувани часовници во ограничено издание. Некои од часовниците имаат посебна намена и подршка која ја пружаат на помалку среќните заедници. Ремек делата и соработките не престануваат да не изненадуваат, а на листата како за почеток на годината ги имаме:

1. Jaeger-LeCoultre Reverso Tribute Duoface Fagliano

Како обележје на 90-годишнината на Reverso, ова ограничено издание од само 190 примерока ги носи Art Deco линиите како икона на брендот. Двојната временска зона и бургунди бојата со кожен ремен од мајсторот Casa Fagliano само ја истакнуваат убавината на часовникот, а и вредноста на истиот.

2. Blancpain Fifty Fathoms MIL-SPEC Limited Edition- Hodinkee

Blancpain не ја пропушти соработката со Hodinkee за партнерство во ограничено издание на Fifty Fathoms за да го воскресне духот на оригиналот. Ова ограничено издание Fifty Fathoms MIL-SPEC Limited Edition со 250 парчиња за Hodinkee, располага со класични детали, како што е мат-црна основа со куќиште од нерѓосувачки челик, со димензии од 40,3 mm, на кој се наоѓа индикаторот за влага на позиција 6 часот. Часовниците се сите индивидуално нумерирани и брендирани од Hodinkee, со отпорност на вода до 300 метри и Blancpain 1154 механизам.

часовници

3. Omega De Ville Trésor Orbis Edition

Уметноста може да се каже дека целосно се потпира на сетилото за вид, а овој часовник е важен од многу причини. Покрај убавината која ја впиваме со сетилото за вид, овој часовник е наменет за подршка на Orbis- непрофитна невладина организација што спречува болести на очите и слепило во заедници на кои им е најпотребно. Нерѓосувачки челик од 40мм, 18 каратно бело злато, градиент-сина основа, соодветен ремен и секако Calibre 8511 срце.

4. Zenith Defy El Primero 21 Dubai Mall Edition

Не е изненадување што Zenith’s Defy El Primero 21 го привлече вниманието на најбогатите во светот. Достапен исклучиво во нивната продавница во Dubai Mall, часовникот со зелена боја ги симболизира среќата, плодноста и богатството на Блискиот исток. Часовникот со обвивка од титаниум исто така има бели, црвени и црни детали кои даваат соодветен акцент.

5. Peanuts x Bamford London GMT

Интересен не само поради часовникот туку и поради амбалажата во која е спакуван која е забавна сама по себе. Овој часовник како соработка на брендот со Highsnobiety и Colette, пристигнува како надополнување на документарецот Colette Mon Amour, кој го одбележува затворањето на славниот париски бутик. Со цена од 1.500 фунти и испорачан во сина рекреација на Colette во амбалажа-куќичка за кучиња на Снупи, часовникот се одликува со челично куќиште од 40 мм, црн ремен и внатрешна ротирачка рамка од 24 часа.