Навистина станува досадно постојано да се повторува и да се зборува за тоа како пандемијата на коронавирусот го промени нашиот поглед кон животот и нашето секојдневие. Самоизолации, карантини, полициски часови, маски, ракавици, дистанцирање… Сето ова е нешто што ново за нас, а дополнителен „удар“ ни нанесе и тоа што не можеме да излеземе на кафе со пријателите, или пак да седнеме во некој ресторан и да нарачаме некои гурмански бургери, кои во последно време станаа своевиден хит во нашиот град.

И додека ние полека се враќаме во нормала со укинување на рестриктивните мерки и полека можеме да се враќаме кон животот кој го познаваме, во Велика Британија, која е една од најпогодените земји од Covid-19, работите уште се далеку од нормализација. Самоизолацијата и карантинот се уште се на сила на Островот, а на тамошното население најтешко му паѓа што Националната BBQ недела ќе мора да ја помине дома, без шанса да ги конзумира најпознатите и најомилените гурмански бургери.

гурмански бургери

Гурмански бургери за домашна подготовка

Но, за нивна среќа, британските угостители кои се специјализирани за овој омилен оброк за сите возрасти, најдоа начин како да им излезат во пресрет на своите клиенти, но и да им овозможат и самите да станат „бургер артисти“, снабдувајќи ги со сите потребни состојки, за да можат самите да ги направат своите омилени гурмански бургери.

Ова е навистина одлична идеја, бидејќи покрај тоа што луѓето ќе си најдат начин да го „утепаат“ времето додека се дома и да ги подобрат своите кулинарски способности, исто така можат да го конзумираат својот гурмански бургер онака како што треба – свеж, а не да го чекаат по 40 минути или 1 час за да им пристигне деливери до нивниот дом, особено во време кога овие услуги се најпотребни. На крајот на краиштата, ретко кој и не се обидел во домашни услови да направи гурмански бургер, но често се случувало да не ги погодиме состојките и тој обид да заврши неславно. Вака, шансите за неуспех се сведени на минимум.

Досетливоста на некои од најпознатите бургер места во Лондон, но и останатите градови во Велика Британија навистина е за пофалба, па сега тие им ги нудат на своите клиенти истите состојки кои ги користат во своите ресторани. Така, на пример, Инди gourmet бургер местото Patty & Bun, кој стартувал како обично место за бургери, а со текот на времето се раширил на 10 локации низ Велика Британија, сега го нуди нивниот Ari Gold чизбургер кој е еден од најпознатите бургери меѓу Британците. Тие нудат можност за оние кои се заинтересирани самите да ги направат нивните најпознати бургери во домашна атмосфера.

Домашно искуство

Patty & Bun нуди „направи сам“ (DIY) пакет со месо или веганска опција и содржи се што ви е потребно за да го направите својот Ari Gold и Smokey Robinson. Тоа значи плескавица од месо или зеленчук, бриош лепче, парчиња кашкавал, домашни кисели краставички, чаден P&B мајонез и тенко сецкани кругови кромид доставени до вашата врата, а ваше е само да ја распалите скарата. Patty & Bun ги доставува овие паките ширум цела Велика Британија, а пакетот за четири бургери чини 25 фунти.

гурмански бургери

Од друга страна, Venimoo бургерот кој е бестселер на менито во шкотските ресторани на Mac & Wild во центарот на Лондон и секако Шкотска, беше прогласен за најдобар бургер во Велика Британија на Националните бургер награди во 2016 година. Сега, овој ресторан го нуди бургерот во DIY пакет, со сите специфични состојки кои ги содржи, па така за време на карантинот ова место нудеше, а и се уште нуди можност вљубениците во нивните бургери да добијат пакет за домашна подготвка на Venimoo бургерот. Пакетот содржи се што е потребно – четири плескавици од месо од див елен, четири beef плескавици, беби марула, парчиња кашкавал, кисели краставички, фино сецкан кромид за карамелизирање во домашни услови и четири бриош лепчиња. Плус, како дел од пакетот се и специјалните и препознатливи сосови како béarnaise, сенф и Mac & Wild’s Red Jon сосот.

Треба да се напомене и Truffle, кој исто така нуди DIY бургер пакет за својот познат Truffle Burger, кој е составен од плескавица направена од телешко и сланина, заедно со мајонез од тартуф, џем од смокви, швајцарско raclette сирење и реш испржен крцкав кромид, а исто така дел од понудата е и Aged Beef Burger составен од 90 дена зреена телешка плескавица со пире од карамелизиран кромид, чаден кашкавал, домашни кисели краставички и тартуфи и сос од лук. Двата бургери се сервираат со бриош лепче.

Овој пример го следат и останатите познати места за гурмански бургери кои се омилени на лондончани и останатите Британци, па така луѓето можат да ги направат и најспецифичните бургери „без кои не можат да живеат“ во домашни услови. Секако, не значи дека ќе бидат целосно исти. Но, сигурно дека ова е еден вид утеха и го олеснува начинот на кој луѓето со надеж гледаат кон враќањето во нормала кога ќе можат повторно да седнат во омилениот ресторан и да го нарачаат својот омилен гурмански бургер.