Триумф на 39. фестивал за азиските филмови „Горење“ и „Пепелот е најчисто бело“. А обележје на фестивалот, заедно со фасцинантните ѕвезди, Клаудија Кардинале, Роџер Дикинс и Милица Стојанова, беше едноставноста и квалитетот, токму оправдувајќи го мотото „Симнуваме капа“

Од 22 до 29 септември во Битола се одржа 39. издание на најстариот филмски фестивал во Македонија, „Браќа Манаки“. Почнувајќи од мотото „Симнуваме капа“ фестивалот и неговата нова екипа, предводена од директорката Гена Теодосиевска, покажа дека фокусот овој пат ќе биде онаму каде што треба, а тоа значи на работата на директорите на фотографија и на визуелноста која, дефинитивно го одредува филмот. Така и беше, иако на годинешното издание пристигнаа две врвни светски ѕвезди, сепак главното беа филмовите и снимателите, кои дојдоа во доста голем број.

Но, ако зборуваме од аспект на пошироката публика, тогаш слободно можеме да кажеме дека фестивалот го одбележа доаѓањето на легендарната италијанска филмска дива Клаудија Кардинале, со која растеа генерации, како и доаѓањето на еден од најзначајните директори на фотографија денес, Роџер Дикинс, кој зад себе има импресивен опус и е потпишан на бројни филмски хитови, како независни, така и блокбастери. Сосем рамноправно со нив, ова издание и беше посветено и на една од најголемите македонски актерки Милица Стојанова, која низ годините го одбележа македонското глумиште.

Она што беше многу карактеристично за сите три ѕвезди оваа година, некако, случајно или не, беше нивното подеднакво скромно однесување. Тоа на свој начин и го красеше годинешното издание, без лажни гламури, без ѕвезди кои се обземени со својата величина, без некоја форсирана еуфорија. Напротив, целиот фестивал беше во знакот на големината и едноставноста. И тоа беше неговото вистинско обележје, токму како своевиден предвесник пред јубилејното 40. издание на фестивалот посветен на филмската слика и на нејзината суштина.

Токму затоа и беше вистинско задоволство да се биде дел од годинешниот фестивал во Битола, бидејќи добитниците на почесните награди се такви професионалци, што првенствено е толку инспиративно, но беше и голема чест да им се оддаде почест на овие вистински уметници, целосно вљубени во филмот и во уметноста.

Браќа Манаки“ Клаудија Кардинале, иако осумдесетгодишна, има неверојатен дух и свежина и што е најинтересно и таа подеднакво со публиката уживаше во потсетувањето на оние култни филмски дела во кои ја паметиме, како: „Осум и пол“ на Фелини, „Гепард“ и „Роко и неговите браќа“ на Лукино Висконти, потоа „Девојката со куферот“ на Валерио Зурлини, „Беше еднаш на Дивиот Запад“ на Серџо Леоне, „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, па сè до „Фицкаралдо“ на Вернер Херцог.

Сите до еден извонредни остварувања, кои оставија толку силен печат. Клаудија Кардинале, секако ја имаше среќата да биде дел од златното време на италијанскиот, но и воопшто на филмот, кој и денес го сака подеднакво и му се радува, не робувајќи на никакви клишеа. Напротив, нејзиниот интегритет е фасцинантен.

Браќа Манаки“ Роџер Дикинс пак, човекот кој ги потпиша филмовите како: „Бартон Финк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“ или оскаровецот „Нема земја за старци“ на браќата Коен, сепак, нема ни ронка ароганција, напротив, се чувствуваше толку нелагодно што се наоѓа пред камерите.

Дикинс има работено на некои од најамблематичните филмови на крајот на 20 и почетокот на 21 век и сè што сака и денеска, по цели 60 години работа, е токму неговата професија, филмската слика која за него и понатаму е неверојатна енигма. Зошто? Затоа што умее така да раскажува низ неа, така да чувствува и да набљудува што никого не може да го остави рамнодушен.

Прашан за тоа како знае дали филмот ќе биде добар, тој вели дека нема тајна состојка за добар филм, но дека она што му е најважно е емоцијата и деталите од кои, всушност, зависи целата слика. Да се потсетиме само на филмовите кои и денеска ја имаат истата интригантност како кога се создадени: „Бегство од Шошенк“, „Кундун“, „Друго време, друго место“, „Сид и Ненси“, но и поновите: „Читачот“, „Затвореници“, „Сикарио“. Во Битола беше прикажан „Блејд ранер 2049“, филмот кој конечно по 13 номинации, му го донесе „Оскарот“.

И секако, да не ја заборавиме нашата легендарна актерка чиј опус е извонреден и низ кој може да се проговори како за македонскиот театар, така и за македонскиот филм. Таа, дефинитивно, е една од ретките актерки и тоа во светски рамки, која подеднакво е одлична и во театарот и на филмот и која со својата појава и способност за трансформација остава таков печат што се врежува во сеќавањето, без оглед дали се работи за мала или за голема ролја.

Браќа Манаки“  Доволно е да ги споменеме претставите „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ или незаборавната „Диво месо“, но и филмовите: „Среќна Нова ’49“, „Пред дождот“ или „Три дена во септември“. Ако Клаудија Кардинале го одбележала италијанскиот филм и ги носела улогите што ги отсликувале промените во нејзината земја, тоа за нас сигурно е Милица Стојанова, „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ односно би рекле, на македонското глумиште, како што гласеше и наградата која и беше врачена.

Меѓутоа, како што рековме на почетокот и покрај присуството и почеста на вакви големи имиња, сепак, „Браќа Манаки“ беше целосно посветен на својата мисија, со многу гости од филмските академии, со многу сниматели и кога уште и домаќинот би бил на вистинското ниво, односно кога битолчани навистина овој фестивал би го сметале за свој, тој би прераснал во еден од најголемите и најзначајните во регионот. Но, без вистински одѕив од страна на публиката и без полни сали, факт е дека тоа е невозможно.

Што не значи дека неговите организатори не направија сè, за годинава нештата да се променат или секако да тргнат во тој правец. Беа прикажани 95 филма во 14 програми, што со еден Центар за културата во Битола, е навистина невзоможна мисија.

Годинава имаше и многу добри филмови, па жирито предводено од грчката директорка на фотографија Олимпија Митилинеу, а во кое беше и македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, го направи тешкиот, но вистински избор. „Златната камера 300“ ја освои јужнокорејскиот „Горење“ на Ли Чанг-донг, еден прав роуд муви, но психолошки и мистериозен, поигрувајќи си со современото општество и со општата параноја која влегува во секоја пора на денешното живеење.

Втората награда отиде кај уште еден азиски филм и тоа сосем оправдано, бидејќи Џиа Занг-ке во „Пепелот е најчисто бело“ прави хроника на цели осумнаесет години во современа Кина, прикажувајќи ги промените и транзицијата на општеството низ една љубовна приказна која поприма фаталистички димензии.

И третата награда или „Бронзената камера 300“ за полскиот филм „Студена војна“ на Павел Павликовски, кој пак се навраќа на времето на 1950-тите и 1960-тите години и прави таква невозможна љубовна приказна, која во таа „црно-бела идила“ е рамна на фикција.

На фестивалот беа прикажани дури 22 кратки македонски филмови, но ниту еден долгометражен иако оваа година имаме готови барем пет. Но, и тоа зборува за состојбата во нашата кинематографија, како и за промените што „Браќа Манаки“ се обидува да ги направи. Со други зборови, не е веќе доволно да е македонски филм, како што знаеме да го препознаеме квалитетот, така треба и да го произведуваме. Јубилејниот 40-ти фестивал на „Браќа Манаки“ ќе покаже дали нешто од ова искуство сме научиле.